Македонија
Судот ѝ го замрзна имотот на печатницата ,,Европа 92″ по барање на СЈО
Судија на претходна постапка во кривичниот суд во Скопје донел одлука да им го замрзне имотот на некои од осомничените правни лица во истрагата на СЈО за Поштенска банка, дознава ,,Макфакс”.
Како што дознаваме, замрзнати се недвижности на осомничените Ратко Димитровски и Томе Главчев – „Ноел експорт-импорт“ Гевгелија и печатница „Европа 92“ Кочани. Одлуката била донесена вчера попладне. Недвижностите не смеат да се продаваат или отуѓуваат. Од кривичниот суд Скопје 1 за ,,Макфакс” ја потврдија информацијата.
Соопштение пристигна и од специјалното јавно обвинителство ке информира дека судија на претходна постапка на Основен суд Скопје 1 – Скопје донесел решение со кое е изречена привремена мерка за обезбедување на имот во врска со истрагата во јавноста позната под името „Поштенска банка“.
,,Со мерката е обезбеден недвижен имот сопственост на правните лица Европа 92 ДООЕЛ Кочани и НОЕЛ експорт-импорт ДООЕЛ Гевгелија и имот на име на нивните сопственици, осомничените лица во истрагата, Ратко Димитровски и Томе Главчев. Воедно, обезбеден е и имот од други правни лица кај кои имаме сомневање дека се прелеала противправна имотна корист – ТУРИСТКО ДООЕЛ Кочани, БЕНТТОН ДООЕЛ експорт-импорт Гевгелија, НОЕЛ КОМПАНИ ДОО Гевгелија и НОЕЛ ПЛУС ДООЕЛ с.Стојаково-Богданци.
Со мерките на Судот се забранува отуѓување и располагање, а дејствијата се превземени со оглед на тоа што постои oпасност истиот имот да биде отуѓен до правосилно завршување на постапката”, информира СЈО.
Судот им го одби барањето на СЈО за притвор на ексградоначалникот на Кочани и сопственик на печатницата ,,Европа 92″ и останатите осомничени за кои беше побарана оваа мерка. Наместо тоа им ги одзеде пасошите и им наложи да се јавуваат редовно во судот.
Истрагата „Поштенска банка“ е финансиска истрага во рамки на која девет лица се осомничени за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба“ и „овластување, перење пари и други приноси“ од казниво дело од член 273 од КЗ.
Со истрагата се опфатени Коле Смилевски, Томе Главчев, Ратко Димитревски, Викица Поповски, Георги Каратолис, Кирил Јаневски, Зоранчо Митровски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев.
Од извршените кривични дела сторени во временскиот период од 2001 до 2010 година била прибавена имотна корист во износ од околу 5 милиони евра.
Во почеток на 2001 година Љубчо Георгиевски, како претседател на Владата, Марјан Ѓорчев како вицепремиер и Никола Груевски како министер за финансии, со цел да го контролираат фактичкото функционирање на „Поштенска банка“, организирале во основањето на Банката, покрај „Македонска пошта“, која била во државна сопственост, да учествуваат и правни лица кои тие ги избрале – „Ноел експорт-импорт“ Гевгелија и печатница „Европа 92“ Кочани.
Сепак, поради застареноста на кривичното дело, СЈО во овој случај нема да ги гони Георгиевски, Ѓорчев и Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честиташе за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот кој е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови. Искрено сум горд на секој тој еден глас што дојде, како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој освои повеќе 100.000 гласови помалку од Гордана Сиљановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстане централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете не да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.
Македонија
ДИК: Сиљановска Давкова освои 324 177, Пендаровски 161 393 гласа по обработени 89,97 отсто
Стево Пендаровски освои 161 393 гласа, 19,90 отсто, Гордана Сиљановска Давкова 324 177 односно 39,97 отсто од гласовите, Стевчо Јакимовски освои 7.499 односно 0,92 отсто од вкупниот број на гласовите.
Кандидатот Бујар Османи освои 110 903, односно 13, 68 отсто, Билјана Ванковска 35.949 односно 4,43 отсто од гласовите, Арбен Таравари 78.110 илјади односно 9,63 отсто, Максим Димитриевски 70,996, односно 8,75 отсто од гласовите се резултатите од обработените 89,97 отсто од гласовите, извести претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Тој додаде дека изборниот процес поминал мирно и достоинствено и смета дека 99 отсто работите поминале како што треба.
Македонија
Касами: Добитници на овие избори сме ние, ДУИ има купено гласови
„Влен“ е легитимен претставник на Албанците и ги доби гласовите на Албанците, изјави Билал Касами на прес конференција.
„Добитници на овие избори сме ние, коалицијата „Влен“. ДУИ има купено гласови од загрозените гласачи кои имаат потреби од пари. „Влен“ ги доби гласовите на Албанците, вели Касами.
„ДУИ го загуби последниот легитимитет да зборува во име на Албанците, затоа на 8 мај ние ќе победиме. Овој резултат и во мандати не е голема разлика со ДУИ и на 8 мај овој резултат ќе биде во наша полза. ДУИ успеа да ја загуби последната можност, еден кандидат Албанец да биде избран на директни избори во 2024 година. Тие ќе бидат запишани со црни букви во историјата на албанскиот народ во Македонија. Ако биле заинтересирани Албанец да оди во вториот круг сигурно ќе беа координирани со нас и ќе беше возможно да биде избран Албанец. Затоа мислиме дека вредеше оваа борба“, рече Касами.
Тој се заблагодари на сите што го гласаа кандидатот Арбен Таравари и додаде дека ДУИ има изгубено гласови од помалите етнички заедници и од загрозените граѓани.
Таравари кажа дека коалицијата подоцна ќе разговара за тоа кому ќе ги даде гласовите во вториот круг на претседателските избори.