Македонија
„Судството со скандалозната условна казна за докторката од Онкологија покажа дека му служи на друштвото на Заев, Филипче и на уште неколкумина од СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Судството и обвинителството од ден на ден покажуваат само едно, дека работат исклучиво под диктат. И тоа под диктат на СДС и ДУИ. Правосудниот систем никако не е располжен да донесе пресуда во корист на обичните граѓани“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„За ова говори и последната судска одлука, онаа за докторката Мери Пешевска од Клиниката за онкологија и радиотерапија која е најблаго кажано скандалозна.
Зошто? Многу е јасно. За Пешевска заедно со уште неколкумина од Клиниката за онкологија имаше обвинение за, внимавајте, несовесно лекување пациенти. За делото за кое се товари Пешевска предвидена е казна затвор до три години. Пешевска, на рочиште пред Судот минатата недела рече дека за седумтемина пациенти за кои е обвинета не е сигурна дека таа ја продолжувала терапијата?! Внимавајте, докторката не е сигурна дека ја продолжила терапијата, бидејќи како што самата посочи, нејзиниот печат во тој период стоел на шалтер и тоа го направила со цел побрзо да ја земат терапијата и да не чекаат пациентите.
Пешевска сакала демек пациентите да не чекаат, си го оставила печатот, а за последиците очигледно не размислувала ниту таа, а се покажува и дека Судот не е баш заинтересиран за судбината на пациентите.
Пешевска призна вина, а Судот со леснотија и изрече условна казна две година. Во превод тоа значи таа само не треба да стори друго кривично дело во период од две години, односно слободна е.
Докторката само призна вина, а Судот со леснотија речиси ја ослободи?!
Скандалозната одлука на надлежниот Суд говори за неправедна, произволна или заснована на надворешни влијанија одлука, влијанија евидентни подолг период. Или Судот не постапува на основа на закон и факти.
Судството со ова покажува дека е само маша на Венко Филипче и СДС.
Ова судство само ја поткопува јавната доверба во правосудниот систем и претставува сериозно кршење на принципите на правдата, еднаквоста и владеењето на правото.
Судството, воедно и обвинителството мора да се издигнат и да покажат дека постојат да им служат на граѓаните спроведувајќи закони, а не да служат на другарите на Зоран Заев, сега олицетворени во Филипче и уште неколкумина од раководството“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

