Македонија
СЈО контра невладините: „Тотал“ и „Труст“ застаруваат дури за 40 години
Специјалното јавно обвинителство, по вчерашниот брифинг, на неколку граѓански организации, кои тврдеа дека предметите „Тотал“ и „Труст“ може делумно да застарат со измените на Кривичниот законик од 2018 година, за „Макфакс“ појасни дека ваквите тврдења се неосновани.
Од таму за „Макфакс“ велат дека случајот „Тотал“, во кој е обвинет новинарот Драган Павловиќ – Латас, воопшто не може да се преквалификува под новото кривично дело даночна измама бидејќи битието на делото за кое е обвинет Латас во обвинението на СЈО е даночно затајување. Oд ова обвинителство велат дека описот на двете кривични дела е различен и е нелогично за исти дејства да има два члена во Кривичниот законик. Станува збор за различни дејства, од кои првото се однесува на мамење на државата во плаќањето даноци (таков пример е повратот на ДДВ), а во вториот случај за затајување данок.
Повикувајќи се на постојниот Кривичен законик, особено членот 107, релативната застареност за „Тотал“ е 20 години, а апсолутната е 40 години, велат од ова обвинителство за „Макфакс“. Во случајот со обвинението на Латас станува збор за продолжено кривично дело, кое е извршувано од 2008 до 2015 година. Идентично со ова, предметот „Труст“, во кое има неправосилна пресуда, исто така релативно застарува за 20 години, поточно во 2031 година, а апсолутно за 40 од кривично гонење, т.е. во 2051 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
