Македонија
„Тинекс“ гради трговски центар во Прилеп
До крајот на годината Прилеп ќе добие современ трговски центар кој ќе биде изграден на местото од стариот млечен пазар. Инвеститор е компанијата „Тинекс“, а инвестицијата ќе чини 2,7 милиони евра.
Деновиве интезивно се одвиваат градежните работи на оваа локација, информираат од Општина Прилеп.
„Станува збор за објект со бруто површина од 4.300 м2. Има три целини, подземна гаража со паркинг простор за 60 возила, потоа прв спрат кој ќе биде наменет за „Супер Тинекс“ и кој ќе се простира на површина од 1.200 м2, а третиот спрат, кој ќе биде исто со големина од 1.200 м2, ќе биде деловен простор кој ќе се изнајмува за угостителски објекти, бутици и слично. Според динамиката на работа мислам дека до крајот на оваа година може да очекуваме трговскиот центар да биде пуштен во функција“, изјави Раде Петкоски, инжинер во Тинекс за координација на објектите во градба.
Од општина Прилеп велат дека отворањето на новиот трговски центар ќе донесе и отворање на 100-тина нови работни места.
„Компанијата „Тинекс“ во Прилеп го гради еден од поубавите трговски центри не само во градов туку и во Македонија. Со трговскиот центар овој дел на градот уште повеќе ќе се разубави и ќе се зголеми движењето во централното градско подрачје. Исто така ќе се отворат и околу 100-тина нови работни места, а со подземната гаража ќе се растерети и паркирањето во тој дел на градот. Се надевам дека до крајот на годината тој ќе биде готов, а после завршувањето на градежните активности на трговскиот центар ќе започнеме со допоплочување и уредување на пешачката улица „Борка Талески“. Таа е намерно оставена во оваа состојба затоа што тука ќе поминуваат камиони и механизација за изградбата на трговскиот центар, а потоа оваа улица ќе прерасне во една навистина прекрасна пешачка зона“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Исто така е планирано и улицата која поминува зад трговскиот центар, што оди од градскиот плоштад кон музичкото училиште, во иднина да прерасне во пешачка зона поплочена со гранитни плочи./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петрушевски: ДУИ креира атмосфера на етнички тензии за да ги заштити криминалците како Груби од одговорност
ДУИ е повторно поразена. Дојде 11 и ништо не се случи. И ДУИ знаеја дека ништо нема да се случи, затоа што такви се судските процедури. ДУИ намерно креира постојана атмосфера на етнички тензии тоа го прават кога ќе се соочат со предизвици и со проблеми заради криминал, а на тој начин сакаат да одвлечат внимание. Ова го истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Како што рече, ДУИ креира намерно тензии не затоа што се грижи за правата на Албанците, туку затоа што сака да ги заштити криминалците во нивните редови како Артан Груби и останатите.
„Самиот факт што Артан Груби се најде на црната листа ги извади на површина политичките криминалци од ДУИ и СДС, кои се борат за власт да прават криминал. И шаторите со двајца без тројца на ДУИ пред Уставен беа само блед обид да ги манипулираат Албанците, кои ги лажат две децении. ВМРО-ДПМНЕ со години зборува за криминалот на Груби и неговото влијание и притисоци врз институциите.Ставањето на Груби на црната листа покажува и колкаво влијание имала таа партија заедно со СДС врз судството и зошто довербата во истото е само 2 отсто“, рече Петрушевски.
Според владејачката партија, знаејќи дека доаѓа време за одговорност и дека веќе не им поминуваат притисоците, ДУИ прави политички циркус, а тоа што никој не им оди на настаните, покажува дека народот ги прочитал.
Петрушевски рече и дека пред Уставен беа само неколку политички криминалци, кои мислеле дека ќе ги лажат Албанците кои со години се иселуваа исто како и Македонците, додека тие правеле милиони.
Доаѓа време за одговорност, рече пратеникот.
Македонија
(Видео) Филипче најави интензивна работа на Националниот совет за реформската агенда
Главна функција на Националниот совет за евроинтеграциите е да биде и контрола на Владата за сите европски процеси, но и да нуди конструктивна соработка. Во таа насока, најавувам дека Советот ќе одржува многу чести седници, а неговата работа ќе биде инклузивна, транспарентна и отворена за секој кој има волја и желба ќе може да се приклучи и да даде свој придонес за стратешките прашања.
Ова го истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој е претседател на собранискиот Национален совет за евроинтеграции.
Филипче денеска имаше свое обраќање на Седмата пленарна Конференција на националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија.
„Европската агенда ќе биде приоритет за моето претседавање со Националниот совет за евроинтеграции. Совет е вистинското место за консултации и редовна комуникација на реформската агенда, посебно за обезбедување на демократската контрола на спроведувањето на овие процеси“, потенцира Филипче.
Филипче се осврна и на комплексните геополитички случувања во Европската Унија – изборите во Германија, најавата за нови избори во Франција,понатаму војната во Украина, како и изборите во САД и кризата на Блискиот Исток што можат на влијаат на севкупните процеси во ЕУ, но истакна дека и во минатото, во кое исто така постоеле кризи, земјава успеала да се задржи на нејзиниот евроинтегративен пат.
„Истовремено, убеден сум дека и други политички фактори гледаат на Западен Балкан како целосно интегриран во Европа во иднина. Планот за раст за Западен Балкан е точно димензиониран со реформската агенда и што точно треба да направат земјите во Западниот Балкан за да ги приближат своите карактеристики со земјите членки на Европската Унија“, смета Филипче.
Според претседателот на СДСМ, за поздравување е одлуката за вклучување на Северна Македонија во механизмот на ЕУ за владеење на правото кој ќе обезбеди јасна патека за следење и оценување на постигнатиот напредок во усогласување со стандардите на ЕУ, а сето тоа во насока на исполнување на демократскиот одредници за владеењето на правото неопходни за членството во ЕУ.
Во таа насока, СДСМ како најголема опозициска партија ќе ја даде целата поддршка на владината коалиција за спроведување на реформите во правосудниот систем коишто се темелат на препораките на оценската мисија и на реформската агенда.
„Јасен е патот како треба да продолжиме напред, да се отвори најсложениот кластер од преговорите. За тоа да се случи потребна е одлука на политичките фактори за да се направат Уставните измени поради тоа што сметам дека сето друго е непотребно трошење на време“, рече Филипче.
Македонија
Тошковски: Над 45 отсто од менаџерските функции во МВР се жени
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се обрати на конференција што во рамки на кампањата – Денови на приватното обезбедување – традиционално ја организира Комората на Република Македонија за приватно обезбедување “Зајакнување на жените за лидерство и менаџмент во приватното обезбедување “.
Тошковски го нотираше фактот дека оваа година се навршуваат 25 години од донесување на првиот Закон за обезбедување на лица и имот и легализирање на дејноста приватно обезбедување во нашата држава и истакна дека приватното обезбедување се етаблираше во респектабилна стопанска дејност, чиишто делокруг на работа е соодветно нормиран и регулиран, следејќи ги притоа современите трендови и стандарди во секојдневното функционирање.
„Од агол на контрола и соработка на надлежните служби при министерството за внатрешни работи со Комората за приватно обезбедување, нема дилеми дека во овој дел функционирањето е на партнерски основи, речиси беспрекорно бидејќи и практично споделуваме заеднички сегменти на интерес.“, го дефинираше односот на приватната и јавната безбедност како партнерски министерот Тошковски.
Тој потенцираше дека МВР денес е позитивен пример за волја и желба на имплементирана родова еднаквост и недискриминација.
„Жените имаат моќна улога во создавањето на позитивни промени. Аспектот на еднаквост во одлучувањето веќе е воспоставен во МВР бидејќи на ниво на организациските единици имаме над 45% од раководните позиции во министерството да се доверени на жени. Истото се однесува и за Бирото за јавна безбедност. И тука жените се на раководни лидерски позиции како помошници директори, началнички, командирки на полициски станици или полициски одделенија, имаме жени вклучени во специјалните полициски единици кои покажуваат врвни професионални резултати со своето работење и со своето лидерство.“, нагласи министерот Тошковски.
Тошковски на крај изрази уверување дека компаниите од сферата на приватното обезбедување го препознаваат тој тренд и имплементираат принципи на рамноправност меѓу мажите и жените кои ја зајакнуваат улогата на жената како вработена, како менаџер, како лидер во сферата на приватното обезбедување.