Македонија
Тодоров очекува наскоро да почне изградбата на новиот клинички центар
Министерот за здравство Никола Тодоров очекува евалуацијата на вчера завршениот тендер за новиот клинички центар во Скопје да трае пократко од предвидените 90 дена и наскоро да започне неговата изградба.
„Очекувам и се надевам целата евалуација да се одвива согласно протоколите кои се
пропишани од банката и да заврши побрзо од предвидениот рок од 90 дена. Има три понуди на три конзорциуми составени од поголем број компании, практично сите тие имаа подигнато тендерската документација и потоа си имаат веројатно и здружено и има доставено заеднички понуди. Од досегашната евалуација која се уште не е завршена и ќе трае петнаесеттина дена може да се заклучи дека најмалку една понуда на најмалку еден конзорциум целосно се совпаѓа со предвидениот буџет на Министерството за здравство и на Владата, рече Тодоров одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Поликлиниката Ченто.
Тој нагласи дека очекува евалуацијата да заврши и наскоро да почне реализацијата на, како што рече, најголемиот и најсложениот проект во историјата на македонското здравство.
„Станува збор најсовремен клинички центар којшто сериозно ќе го подигне нивото на
македонското здравство но и ќе постави сериозно повисоки стандарди не само во Македонија, туку и во целиот регион“, потенцира Тодоров.
Од СДСМ деновиве со неколку соопштенија и со прес-конференции обвинија дека нема ништо од изградбата на Клиничкиот центар, која според првичната најава требаше да биде отворен до 2 јануари годинава.
СДСМ ќе изгради нов, модерен и функционален Универзитетски клинички центар за потребите на сите граѓани во Македонија. Здравствените услуги ќе бидат високо квалитетни, најави во понеделник Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
„Ќе го вратиме концептот на единствен Универзитетски клинички центар во којшто сите клиники ќе бидат функционално поврзани. Нема да ве препраќаат како досега од клиника во клиника“, рече Шилегов, пред неколку дена.
Тој потсети дека токму Груевски заедно со Никола Тодоров, на 2 јануари 2014 ветил нов Клинички центар до 2 јануари 2017 година, но тоа не го направил./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Би сакале ЗНМ да реагира и кога претседател на партија се споредува со убиец на деца
Би сакале ЗНМ да реагира и кога претседател на партија се споредува со убиец на деца, реагира СДСМ на соопштението на Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
„’Доколку било кој чинител во општеството има сериозни сомнежи за незаконитости пропусти за работењето на поедини медиуми, тие треба да се адресираат пред надлежните институции и преку законски процедури, а не преку јавни политички кампањи против конкретни новинари и медиуми’, велат од ЗНМ и ССНМ. Да точно е. Но, во демократските земји на ЕУ, каде што постои слободно правосудство. Таму може да се поднесе пријава и да има разрешница, а во Македонија не може да има никаков резултат, затоа што Мицкоски ги има под целосна контрола судството и обвинителството и им дели задачи од собраниската говорница. Мицкоски ги постави сите свои луѓе во судството и обвинителството“, пишува во реакцијата.
Почнувајќи од новиот јавен обвинител кој, како што велат од СДСМ, откако е дојден на функцијата, работи по нарачка на Мицкоски, и прво со случаите поврзани со Мијалков и бомбите а потоа и со одземањето на предметите за криминалниот имотот на ВМРО-ОКГ.
„Својот советник Мицкоски го стави за судија во Уставен суд, сопруга на градоначалник на ВМРО назначи за член на Судски совет… Затоа се уште нема одговори од јавниот обвинител за објавените криминалните скандали и тендери: 161 тендер за една фирма, 51 тендери за друга фирма, 74 тендери за омилената фирма на власта преку општините, 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта. Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски. Во вакви услови, злоупотребата на медиумите од страна на мрежата на Орбан е напад врз демократијата бидејќи медиумите треба да обезбедуваат навремено, точно и објективно информирање на граѓаните и да го штитат јавниот интерес. Но, бидејќи ние не можеме, затоа што Мицкоски го узурпираше правосудството, ќе чекаме ЕУ да покрене процеси и ќе ја чекаме правдата. Би сакале и ЗНМ да реагира кога претседател на политичка партија се споредува со убиец на 300 деца, како и кога секојдневно се води црна кампања со јавен линч“, велат од СДСМ.
Македонија
Утре претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Времето утре ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 16, а максималната ќе достигне од 12 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 22 степени.
Следува период на променливо облачно и релативно топло време со сончеви периоди во текот на денот. Утре наместа ќе има слаб дожд, а во четврток ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и појава на ретки грмежи.
До петок ќе дува југоисточен ветер кој денес долж Повардарието ќе достигнува брзина над 60 km/h.
За време на викендот ветерот ќе го смени правецот во северен со умерен интензитет.
Македонија
Хоџа: Усвоен Планот за управување со јагулата, важен чекор за зачувување на нашето природно наследство
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, соопшти дека на денешната седница на Владата е усвоен Планот за управување со јагулата, документ кој има за цел заштита и обновување на оваа важна врста за екосистемот и регионот.
Според Хоџа, планот предвидува конкретни мерки за мониторинг и долгорочно управување со јагулата, со цел зголемување на нејзиниот број и зачувување на природната рамнотежа.
Тој истакна дека спроведувањето на овој план ќе се реализира во соработка со земјите од регионот и во согласност со регулативите на Европската Унија.
„Ова е важен чекор за зачувување на нашето природно наследство“, напиша Хоџа во својата објава на социјалните мрежи.
Заменик-министерот додаде дека за него, како жител на Струга, оваа одлука има посебно значење, бидејќи Црн Дрим и Охридското Езеро се дел од секојдневниот живот на граѓаните, додека јагулата се смета за дел од локалниот идентитет.
Надлежните очекуваат дека преку овој план ќе се подобри управувањето со оваа врста и ќе се обезбеди нејзина заштита за идните генерации.
