Македонија
Токсиколошки анализи ќе им се прават на сите пациенти пред испишување, утре од болница си заминуваат тројца повредени во пожарот во Кочани

Четврти ден по трагедијата во Кочани со 59 починати и 196 повредени, министерот за здравство Арбен Таравари соопшти дека сите пациенти сместени во домашните и во странските болници се во стабилна состојба. Во нашите болници се лекуваат 72 повредени во пожарот, а 101 се во странство.
Од 20 пациенти, кои од земјава во критична состојба беа испратени на лекување во неколку странски клиники, денес има само десетмина што се во потешка состојба, но се стабилни и надвор од животна опасност.
Од вчера почнати се и исписи од болниците на повредените во пожарот, кои се во подобра состојба. Испишани биле тројца пациенти, а министерот Таравари најави дека веќе се планирани и нови исписи за следните денови. Сите пациенти пред да си заминат дома мора да направат токсиколошки анализи.
„На сите пациенти што ќе се испишуваат ќе им се прават токсиколошки анализи. Затоа и денеска не брзавме да ги испишеме, имавме неколку пациенти што беа за испис. Ќе дојдат искусни токсиколози и ќе направат испитувања, да бидеме сигурни за да ги пуштиме на лекување во домашни услови“, рече министерот Таравари.
Од следната недела тој се надева дека ќе почнат да ги повлекуваат и пациентите што се на лекување во странство. Очекува пациентите чија состојба се стабилизирала да се вратат и тука да го продолжат лекувањето.
Попладнево, министерот најави дека на веб-страницата на Министерството за здравство ќе бидат објавени имињата на сите болници со податок колку наши пациенти се сместени во нив, без име и презиме на повредените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На „Табановце“ и „Богородица“ за влез во државата се чека околу 20 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини „Табановце“ и „Богородица“ времето на чекање за влез во државата изнесува околу 20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
„СДС да престане да ја понижува државата“, бара ВМРО-ДПМНЕ

„Одењето со глава во ѕид од страна на СДС, веќе можеме да го приметиме по коментарите од бугарските власти дека уставните измени не се последно нивно барање. Иако секојдневно, од СДС како да не пратат вести и коментари од Бугарија, продолжуваат со нивниот безобразен ПР каде што велат дека со спроведување на уставните измени, влегуваме во ЕУ, а знаеме дека не е воопшто така“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Министерот за надворешни работи на Бугарија, излезе и кажа дека уставните измени не се последното нивно барање, туку дека ќе има и други.
Знаејќи го ова СДС, ги бранат бугарските позиции кои се од најголема штетност врз македонскиот народ, само за да им се допаднат на Бугарите.
Во немањето решение и излез од ситуацијата, СДС само се понижуваше себеси и Македонија како држава. Велеа дека Гоце Делчев е Бугарин, а македонскиот јазик, бугарски.
Затоа, граѓаните ги казнија и јасно им порачаа дека не треба тие да им ја водат државата во бездна. ВМРО-ДПМНЕ гордо и достоинствено ја претставува Македонија на меѓународно поле!“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Опожарена површина од околу седум хектари со трска во Охрид

Вчера попладне во 17.25 часот во СВР Охрид е пријавено дека во месноста „Трно“ во близина на улицата „Прилепска“ во Охрид била опожарена површина од околу седум хектари со трска.
Повредени лица нема, а интервенирала Територијалната противпожарна единица од Охрид.