Македонија
Тоневски: Со мнозинство во советот одиме кон уште поголема победа во Пробиштип, време е за промени
На вечерашниот мини-митинг во општина Пробиштип, во рамки на вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат на 2 ноември, се обрати кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски кој истакна дека во Пробиштип е потребна промена после 8 години апатија и уништување на градот, потенцирајќи дека новиот правец во кој ќе се движи општината ќе биде развиен, вистински и долгорочен со реализација на многу проекти кои ќе донесат развој и напредок на Пробиштип.
„Во првиот круг жителите на Пробиштип беа јасни, покажавте верба храброст и желба за промени, освоивме стабилно мнозинство во советот и сега сигурно со дигната глава одиме на уште поголема победа. Вие граѓаните ја препознавте програмата што значи работа, развој и сигурна иднина. Вие граѓаните го направивте вистинскиот избор за нашиот Пробиштип. Осум години стоевме во место, наместо да броиме нови индустриски погони, работни места, водоводи, ние броевме изгаснати светла во домовите. Затоа минатата недела Пробиштип испрати јасна порака, доста беше стагнација, уназадување и апатија, време е за нов правец, развиен, вистински, долгорочен“, рече Тоневски.
Кандидатот за градоначалник на општина Пробиштип посочи дека програмата е сеопфатна и е сработена заедно со граѓаните, со нивни предлози и идеи, со што ќе се инвестира во секој дел од општината, со проекти за младите да останат во својот роден град како и инвестиции во областа на туризмот, спортот и индустријата.
„Многу ми е важно нашиот град да има иднина, нашиот Пробиштип заслужува многу повеќе, ние не ветуваме чуда ние ветуваме само работа, ветуваме развој, ветуваме иднина. Во програмата се влезени вашите идеи, оваа програма е победничка, заедно ја пишувавме заедно ќе ја реализираме, ќе започнеме со нова урбанизација, нова населба за изградба на куќи и нова индустриска зона исклучиво за незагадувачка индустрија. Ќе создадеме услов за нови работни места и повисоки плати, нашиот фокус се младите, младите ќе имаат бесплатен канцелариски простор доколу сакаат да започнат сопствен бизнис и бесплатни проекти за типски куќи. Голем дел од младите ќе можат да ја градат својата кариера и во туристичката дејност затоа што инвестициите во Лесново и Пониква ќе бидат големи, ќе изградиме детско одморалиште на Пониква, ново одбојкарско игралиште, Пробиштип ќе добие и нов градски базен“, вели Тоневски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.
Македонија
Затворен сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 11:00 часот граничниот премин Евзони (ГП Богородица) е затворен за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За првпат во Македонија е изведена хируршка интервенција кај дете со ретка конгенитална деформација
На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за прв пат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет (Sprengel deformity), во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.
Интервенцијата претставува значаен чекор во јакнење на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби во детската возраст, преку тимска работа, пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.
„Оваа интервенција е резултат на врвна мултидисциплинарна координација – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и ургентна поддршка – со јасен фокус на сигурноста и квалитетот на самата постапка. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме значаен исчекор во третманот на ретки конгенитални деформации кај деца. Нашата цел е овој тип процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, со континуирана едукација и развој на домашните тимови,“ вели директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.
Според министерот за здравство, Азир Алиу градењето доверба во здравствениот систем се прави со ваков вид на резултати, со знаење, со тимска работа и со создавање услови најсложените интервенции да се изведуваат во државата.
„Ова е пример како меѓународната соработка, размената на експертиза и знаење директно се претвораат во подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат модерен, функционален и одржлив здравствен систем“, вели министерот Алиу.
Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Ова најчесто предизвикува видлива „испакнатина“ и ограничување на движењето на рамото. Состојбата неретко е поврзана и со други придружни наоди, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза, а понекогаш и дополнителна коскена/влакнеста врска со ’рбетот (омовертебрална лента), поради што за прецизна дијагностика и планирање се користат снимања како КТ и/или МРИ. Оперативниот третман најчесто се резервира за потешки случаи во возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и изгледот.

