Македонија
Тошковски најави поголема набавка на униформи за полицијата од онаа за специјалците: Спорната набавка е законска, но немаше доволно критериуми во тендерот
На нов тендер Министерството за внатрешни работи ќе бара униформи за 6.000 полицајци, најави денес министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. За него не е спорно што мало модно студио и тукушто отворена фирма треба да испорачаат униформи за специјалната полиција за 3,8 милиони евра и вели дека набавката била спорна за јавноста не оти е незаконска туку поради што немало доволно критериуми во тендерот, па освен оваа, најави уште една, поголема набавка на униформи.
„ Оваа набавка која што да речеме беше спорна во јавноста, не од законски аспект туку од аспект на тоа што немало доволно критериуми во рамки на тендерската документација, е помалата набавка. Сега треба да следи поголема набавка која што се однесува на сите униформирани полициски службеници, не само на специјалните сили. Ако таа беше да речеме за бројка од 1000 луѓе, сега ќе следи набавка за бројка од 5-6.000 полициски службеници за кои ќе треба да се набави униформа“, вели министерот Тошковски.
Се надева дека најбрзо што може ќе бидат ефектуирани и едната и другата набавка. Министерот останува на ставот дека на полицајците им треба достоинствена униформа, а обидите да се осуети набавката, според него, се манипулација, растурање пердуви и обвинувања.
„Во јавноста имаше еден обид за девалвација на процесот за набавка на униформи за полициските службеници. Имам една фотографија која што ја има и претходно споделено во јавноста, а ја има и на мојата веб-страница, како беа облечени полициските службеници во рамки на една моја постеа, додека бев во техничка Влада. Едниот со фармерки, другиот со работничко одело, третиот со палто од татко му затоа што татко му бил полициски службеник. Срамота. Се надевам дека во текот на оваа година сите полициски службеници ќе добијат достоинствена униформа заради тоа што навистина ова што го имаме сега од аспект на униформа е катастрофа. И ќе го направиме. Осум години не набавиле униформа, ќе направиме и тоа. Осум години денар не вложиле во управните служби, го правиме и тоа. Нека продолжат да манипулираат, нека фрлаат пердуви и празни обвинувања. Суди македонскиот народ. Мудар е, гледа што се случува и за брзо време ќе си каже што мисли на локалните избори“, рече министерот Тошковски на пуштањете во употреба на обновените простории за вадење пасоши и лични карти во зградата на Македонската телевизија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владиниот центар за одговор на сајбер инциденти MKD-GOV-CSIRT стана полноправна членка на FIRST
Владиниот центар за одговор на сајбер инциденти MKD-GOV-CSIRT е примен како полноправна членка на FIRST – Forum of Incident Response and Security Teams, глобална меѓународна мрежа на тимови за одговор на компјутерски безбедносни инциденти, извести Министерството за дигитална трансформација.
Приемот на MKD-GOV-CSIRT како нов полноправен член е официјално прифатен од Бордот на директори на FIRST, со што се потврдува напредокот на Македонија во областа на сајбер безбедноста и нејзината посветеност кон градење посилен, професионален и европски систем за сајбер отпорност.
Овој успех е резултат на домашни човечки и инфраструктурни капацитети на Министерството за дигитална трансформација и Секторот за сајбер безбедност, со стручна и техничка поддршка од партнерите од Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
Членството во FIRST овозможува поголема меѓународна доверба, побрза размена на информации, пристап до експертиза и подобра координација при превенција, откривање и справување со сајбер закани и инциденти.
Со ова, Македонија реализира уште еден важен чекор од Реформската агенда, со рок до 30 јуни 2026 година, и создава услови за отклучување нови средства од Планот за раст, соопштува Министерството за дигитална трансформација.
Македонија
Министерот Мисајловски на отворањето на „EUROSATORY 2026“ во Париз
Министерот за одбрана Владо Мисајловски, денеска е во Париз, Република Франција, каде ќе присуствува на отворањето на меѓународниот саем за одбрана и безбедност „EUROSATORY 2026“, на кој учествуваат повеќе од 400 излагачи на воена опрема.
За време на одржување на меѓународниот саем министерот Мисајловски ќе присуствува и на приемот за министрите за одбрана чиј домаќин е министерката за одбрана на француските вооружени сили, Катерине Ваутрин и ќе оствари средба со Хелен Конвеј-Мурет – потпретседателка на Комитетот за надворешни работи, одбрана и вооружени сили на францускиот Сенат.
Оваа посета е одлична можност за запознавање со најновите техничко-технолошки достигнувања на полето на одбраната, кои ќе бидат од особено значење имајќи ги предвид следните чекори за модернизација на опремата за македонската Армија, соопштува Министерството за одбрана.
Македонија
„Намалени субвенции, ниски откупни цени – Мицкоски ги излажа земјоделците“, велат од СДСМ
„Мицкоски ги излажаа земјоделците. Во опозиција им ветуваше повеќе пари, поголема поддршка, сигурен откуп…ништо од тоа. После 2 години власт земјоделството е на колена: субвенциите се намалени за 40 милиони евра и постојано каснат, откупот на земјоделски производи е намален за 46 проценти, трошоците за производство се зголемени, буквално нема сегмент во земјоделието каде нема сериозен проблем“, велат од СДСМ.
„Најдобар доказ за тоа е состојбата во сточарството и кризата со откупот на млекото.
Откупната цена на млекото е драстично намалена за над 30% и понижувачка за сточарите. Денес литар млеко се откупува за едвај дваесетина денари, цена која не ги покрива ниту основните производствени трошоци.
Веќе две млекарници во делчевскиот регион најавија прекин на откупот, што значи дека многу сточари остануваат без пласман и без егзистенција и кризата ќе се продлабочи. Дополнително, доцнат субвенциите за добиток и премиите за млеко.
Во исто време, цените на млекото и млечните производи во маркетите растат. Значи дека некој профитира на грбот на македонските сточари.
Земјоделците ја хранат Македонија, можат да го хранат и целиот регион ако Владата на Мицкоски се грижеше за нив.
Земјоделците претрпеа силен удар и од растот на цените на горивата, бидејќи Владата не презеде никакви мерки за да ги заштити од зголемените трошоци за производство.
Сега, откако го спаси Трипуновски Мицкоски треба да излезе и да им каже на земјоделцитте зошто нема мерки за млекото, оризот, доматот и пиперката? Зошто доцнат субвенциите?
Затоа што, како што рековме нема пари во буџетот за земјоделците заради криминални тендери. Сега снемува пари и за тендери штом му се брза со избори“, соопшти СДСМ.
