Македонија
Тошковски: Почеток на регионална обука за распоредување на службени кучиња на тешко пристапни терени
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Регионалниот К9 центар за обука и сертификација во полицискиот центар во Ѓорче Петров присуствуваше на почетокот на регионалната обука за распоредување на службени кучиња во тешко пристапни терени, која се спроведува во рамките на проектот “Поддршка на националните власти во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“.
Тошковски потенцираше овој проект не е само почетокот на стандардна професионална обука туку пример за успешна меѓународна соработка, на партнерство засновано врз доверба, заеднички цели и посветеност кон зголемена безбедност на локално, регионално и глобално ниво.
„Пред единаесет месеци од истово место бевме сведоци на почеток на работата на Регионалниот К9 центар за обука и сертификација-значаен дел од целокупниот систем на безбедност како на оперативно, така и на стратешко ниво. Во изминатата речиси една година центарот беше домаќин на голем број на работилници, обуки и тренинзи. Соработката на нашата институција со Мисијата на ОБСЕ претставува еден од носечките елементи во процесот на надградување на капацитетите на полицијата по стандардите на Европската Унија“, потенцираше Тошковски.
Тој нагласи дека целта на министерството е иднината на овој центар е истиот да прерасне во регионален центар во областа на зајакнување на капацитетите на агенциите за спроведување на законот, преку современи обуки и пренос на експертиза во користење на службените кучиња.
„ Службените кучиња се посебен дел од нашите безбедносни системи. Тие не претставуваат алатка, туку истите се партнери и дел од полицијата, кои со својата обученост имаат непроценлива улога во спасувањето на животи. Во многу случаи, нивната реакција е пресудна за успех на целата акција. Но зад секое службено куче стои полициски службеник, тренер и институција. Поради тој факт знаеме дека вложувањето во капацитетите на единиците за службени кучиња е вложување во поголема безбедност за сите нас“.
Тошковски се заблагодари на ОБСЕ и нашите меѓународни партнери и потенцираше дека раководството на министерство останува цврсто посветено во градење на систем за безбедност кој ќе биде гаранција за напредокот на нашата држава и сигурноста на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ спроведе засилени контоли кај операторите со храна во близина на училиштата
Во рамки на 445 инспекциски контроли спроведени во последните десетина дена, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече 15 забрани за вршење на дејност на оператори со храна, додека 696 килограми небезбедна храна од непознати добавувачи беа запленети и уништени, соопшти АХВ.
Контролите биле насочени особено кон објектите во непосредна близина на основни и средни училишта, од каде учениците најчесто купуваат храна.
Инспекциските проверки откриле дека 19 оператори ставале во промет небезбедна храна, кај 30 се утврдиле незадоволителни хигиенски услови, а од вкупно контролираните, 26 оператори не биле регистрирани во АХВ.
„16 оператри немале имплементирано процедури за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, а дури 32 немале спроведено задолжителен здравствено-саниратен преглед на вработените лица. Тројца оператори немале спроведено задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите, а 7 од контролираните објекти не ги задоволувале техничките услови за вршење на дејноста. Несоодветно означена храна со контролите била затекната кај седуммина оператори со храна“, стои во соопштението на АХВ.
За утврдените неправилности, АХВ изрече парични казни за 77 оператори во вкупна вредност од 36.470 евра. Издадени се 103 решенија за отстранување на недоследностите и 23 опомени.
Македонија
Денеска сончево, од утре голема промена на времето
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб, а во западните делови умерен ветер од југозападен правец. Минималните температури ќе бидат во интервал од -3 до 5, а максималните од 16 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 16 степени.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека утре облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.

