Македонија
Тошковски: Црвениот крст како организација има капацитети и посветеност да им биде реален и релевантен партнер на државните органи
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски учествуваше и се обрати на конференцијата „Зајакнување на помошната улога на Црвениот крст кон властите во кризниот менаџмент“ во организација на Црвениот Крст на Македонија.
Министерот Тошковски истакна дека за бидеме поуспешни и повеќе подготвени за предизвиците кои доаѓаат, а кои ќе бидат се почести и ќе оставаат посериозни последици по животот и имотот на граѓаните, но и по развојот на човештвото во целина, потребна е визија која ќе ги надмине досегашните граници на подготвеност, која ќе ја стави соработката високо на агендата на донесувачите на одлуки и која ќе овозможи заеднички одговор на заедничките предизвици.
„Токму во време кога се подготвува новиот пристап за управувањето со кризи во нашата држава, а како активен учесник во креирањето и спроведувањето на хумани политики, за поздравување е што Црвениот крст ја изразува својата подготвеност за поддршка и посветеност на реформите кои ќе го зајакнат системот и ќе го направат поотпорен на кризи и катастрофи. Остварените резултати во минатото го позиционираат Црвениот крст како организација која има капацитети и посветеност да биде реален и релевантен партнер на државните органи, на институциите и на граѓаните, во справувањето со кризи, кризни состојби и катастрофи, но и да развива корисни политики и практики во мирновременски услови. Минатото и сегашноста на организацијата, пак, претставуваат силна обврска и поттик за уште поголеми резултати во иднина, со чие остварување ќе продолжиме да бидеме стабилни и подготвени за сите предизвици кои ги носи современото живеење.“ потенцираше министерот Тошковски.
Тошковски нагласи дека министерството за внатрешни работи кое е една од институциите столбови на безбедноста и сигурноста на граѓаните и општеството, институционалната меморија сведочи за долгогодишна успешна соработка и партнерство на двете институции во најголемите периоди на разни видови кризни ситуации и секогаш кога имало таква потреба.
„Уште ни се свежи сеќавања на поплавите од 2016 година, но и на пожарите кои секоја година се голем предизвик за сите нас, на КОВИД кризата која предизвика повеќеслојна криза која мораше да се решава со заеднички напори и добра координација на сите институции во која Црвениот крст одигра исклучителна улога.“, рече Тошковски.
Тошковски на крај изрази уверување дека преку продлабочувањето на меѓусебната соработка, ќе успееме да придонесеме за јакнење на отпорноста пред сериозните предизвици и ќе го унапредуваме системот чија водечка цел е заштита на граѓаните и на имотот, благосостојбата и сигурноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

