Македонија
Трајановски го посети првото родено бебе во Скопје во 2017 година
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и министерот за здравство, Никола Тодоров, во недела, во ЈЗУ Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир го посетија првото бебе кое се роди во Новата 2017 година.
Првороденото бебе во Скопје во 2017 година е родено рано утрово во 4.:15 часот во ЈЗУ Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир. Машкото бебе е тешко 3 килограми и 400 грама и долго 53 сантиметри. Мајката Нуредини Рамадан Хикмет е родена 1991 година и ова и е прво дете.
Градоначалникот Трајановски на мајката и семејството им честита за првото дете, посекувајќи му здравје и среќа. Тој на семејството им ја честита Новата година и им подари штедна книшка со 20.000 денари и други пригодни подароци.
Градоначалникот Трајановски ја искористи приликата да им ја честита Новата 2017 година на своите сограѓани и да им пожели добро здравје, среќа, љубов и успех./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Работилница на ЗНАМ и ИФЕС: Спречување на насилство врз жените во политичкиот живот
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), организираше еднодневна работилница на тема „Одговорна, инклузивна и резистентна организација: Справување со насилството врз жените во политиката“.
Работилницата обедини претставници од скопските општински организации, со цел зајакнување на капацитетите за препознавање, превенција и справување со различните форми на насилство врз жените во политичкиот живот.
Учесниците имаа можност да разменат искуства и практики, како и да дискутираат за унапредување на внатрепартиските механизми за заштита, поддршка и промоција на родовата еднаквост.
На работилницата се обрати Мирослав Лабудовиќ, претседател на Градската организација на ЗНАМ, кој ја истакна важноста од системски пристап во справувањето со насилството врз жените во политиката и потребата од континуирано јакнење на организациските капацитети. Обучувач на настанот беше Каролина Леаковиќ, меѓународна консултантка за родова и социјална инклузија, која преку интерактивен пристап ги презентираше современите стандарди и алатки за градење инклузивни и отпорни политички организации.
Македонија
Филипче-Санчез: Прогресивните сили мора да дејствуваат заеднички
Претсеседателот на СДСМ, Венко Филипче, во рамки на конференцијата во Барселона, организирана од Партија на европски социјалисти (ПЕС), имаше кратка и пријателска средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез.
На средбата Филипче и Санчез разговараа за актуелните предизвици со кои се соочуваат прогресивните сили во Европа и потребата од силна соработка, солидарност и заеднички одговори во време на неизвесност.
„Ваквите контакти се важни за зајакнување на позицијата на нашата земја и за градење партнерства со лидери кои споделуваат исти вредности – социјална правда, економски развој и европска иднина”, вели Филипче во објавата на социјалните мрежи.
Македонија
Балканската платформа за мир како форум за конкретни резултати, порача Муцунски во Анталија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска, на покана на неговиот турски домаќин, Хакан Фидан, учествуваше на 3-тиот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој се одржа во Анталија, Турција, на маргините на Дипломатскиот форум во Анталија.
На состанокот, на кој учествуваа министрите за надворешни работи на сите земји од Западен Балкан и Турција, беа разгледани актуелните глобални случувања и регионалната динамика. Посебен акцент беше ставен на теми од непосреден интерес за граѓаните, како што се координацијата во ЕУ-интеграционите процеси, справувањето со природни катастрофи, регионалната поврзаност, како и младите и образованието. Министрите разменија мислења за можни решенија и споделија искуства од најдобрите практики.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја потврди силната поддршка на Северна Македонија за иницијативи што ја унапредуваат регионалната стабилност и отпорност. Тој ја поздрави соработката во справувањето со природни непогоди, како и проектите насочени кон младите, образованието и иновациите, вклучително и идејата за регионален технолошки фестивал, нагласувајќи дека вложувањето во младите е директна инвестиција во иднината на регионот.
Осврнувајќи се на европската перспектива на регионот, министерот ја истакна важноста од реформите, усогласувањето со европските стандарди, како и развојот на иницијативи во транспортот, инфраструктурата, здравството и дигитализацијата на образованието.
Министерот заклучи дека Балканската платформа за мир треба да продолжи да функционира како форум што продуцира конкретна соработка и видливи придобивки за граѓаните.
Балканската платформа за мир е иницијатива покрената од турскиот министер Хакан Фидан во јули 2025 година, со цел унапредување на регионалниот мир, стабилност и благосостојба преку заеднички пристап во решавањето на регионалните прашања. Досега се одржани два министерски состаноци во Истанбул.
