Македонија
Трајановски: Градот мора конечно да добие стабилен и функционален систем на јавен превоз
Кандидатот за градоначалник Александар Трајановски денеска пред Јавното сообраќајно претпријатие го претстави предлогот од својата програма за решавање на еден од најголемите и најболни проблеми на Скопје – јавниот транспорт.
„Градот мора конечно да добие стабилен и функционален систем на јавен превоз. Во нашата програма предвидуваме комбиниран пристап и имплементација на два паралелни процеси – одблокирање на проектот за Bus Rapid Transit (БРТ) како и набавка на нови, еколошки автобуси,“ истакна Трајановски.
Тој потенцираше дека сегашната состојба во ЈСП е алармантна, бидејќи дури и во случај веднаш да се обезбедат 200 електрични автобуси, тие не би можеле да се пуштат во употреба. „Депоата не се подготвени, нема полначи со капацитет од најмалку 110 киловати, што е неопходно за нивно полнење. Затоа, на краток рок, најефикасно и најекономично решение се автобусите на метан, кои се докажано најеколошка и најисплатлива алтернатива,“ појасни тој.
Трајановски ја поздрави и најавата на Владата за набавка на нови автобуси, но нагласи дека ваквиот процес мора да биде континуиран, а не еднократен. „Ова е процес што требаше да се одвива постојано, но поради политички блокади и меѓупартиски калкулации, граѓаните беа оставени без пристоен јавен транспорт. Време е да се стави крај на тоа,“ рече тој.
Тој додаде дека Јавното сообраќајно претпријатие е од стратешко значење за државата и треба да има постојана поддршка од Владата, како што било и во минатото, кога редовно се доделувале субвенции во висина до 15 милиони евра годишно.
Во следната фаза, програмата на Трајановски предвидува и детализирање на јавниот превоз за специфични групи граѓани, меѓу кои и средношколците. „Планираме воведување на мрежа од мини-буси и комбиња кои ќе можат да оперираат низ тесните улички и урбани зони, за безбедно и директно превезување на учениците од нивните домови до училиштата. Она што го гледаме во европските градови може и мора да стане реалност и во Скопје,“ нагласи Трајановски.
„Јавниот транспорт не смее да биде хроничен проблем на Скопје. Тој мора да стане пример за организираност, економичност и грижа за граѓаните,“ заклучи Трајановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претпладне услови за магла, преку денот сончево со умерена локална облачност
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината со услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време со постудени утра. Во текот на денот ќе преовладува сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла.
Македонија
Несреќа на магистралниот пат кај село Дабиле, Струмица: сообраќајот во прекин
Од 02:15 часот сообраќајот на магистрален пат А4 кај село Дабиле Струмица е во прекин поради случена сообраќајна незгода, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.

