Македонија
Трајановски не може да даде оставка оти е разрешен пред три месеци, велат од Град Скопје

Александар Трајановски не ја извршува функцијата заменик-градоначалник на град Скопје повеќе од три месеци, тврди Град Скопје. Оттука, како што велат од Градот, нејасно е од која функција си дава оставка.
Трајановски бил разрешен од функцијата поради нарушување на угледот на Град Скопје, неизвршување на своите задачи и неисполнување на својата функција како заменик-градоначалник.
„Ова лице нема вкупно 3 активни минути на својата функција. Единственото барање на ова лице за кое е свесна градската администрација е неговата желба да добие канцеларија, службено возило и службен телефон. Друга комуникација, уште помалку во смисла на активен придонес кон работата на Градот, ова лице немало во последните две години“, велат од Градот.
Во однос на обвинувањата на Трајановски за некакво влијание од ДУИ, Град Скопје вели дека се работи за лажни вести и несериозни обвинувања.
„Кадрови решенија Град Скопје немаше две години, ниту постоеше можност за вработувања поради неизгласани планови за вработување, а доколку тоа некогаш би се реализирало, би било врз основа на распишан оглас за вработување, со единствен критериум исполнување на квалификациите и избор на најдобрите кандидати според законот. Доколку на Трајановски ништо не му сметало во Град Скопје повеќе од 3 години, па сè до неговото разрешување во декември 2024 година, прашање е зошто би му сметало сега“, додаваат од Град Скопје.
Претходно се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека Трајановски од ГРОМ задоцнил цели 3 години во процената на личноста и неделата на градоначалничката Данела Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Богородица се чека околу 30 минути на македонска страна

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути. На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Аеродром и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците во околината на објектот ЕКВИЛИБРИУМ на улица Руди Чајевац, општина Аеродром;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од дел од улица Ванчо Мицков, општина Карпош;
· од 10:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улица Кнез Трпимир и населбата Трнодол, општина Карпош.
Македонија
Сончево и топло, попладне пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 21, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно и малку посвежо и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Од понеделник ќе продолжи период на стабилно, претежно сончево и топло време со пораст на температурите.