Македонија
Тренчевска: Услугата помош и нега во домот станува достапна за 40 стари лица од Пробиштип и Кратово

Новите услуги во рамките на социјалната реформа продолжуваат да стануваат достапни за граѓаните во земјата. Конкретно, услугата помош и нега во домот е достапна и за 40-ина корисници – жители на Пробиштип и Кратово. Оваа услуга е наменета за немоќни и изнемоштени лица над 65 години и значително им го олеснува секојдневниот живот, а истовремено значи и поддршка за нивните семејства.
При посетата на давателот на услугата – општинската организација на Црвениот крст во Пробиштип, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, имаше можност директно да се запознае со придобивките од услугата за корисниците.
Искажувајќи задоволство од резултатите што се постигнуваат со воведување на ваквите социјални услуги, министерката Тренчевска оцени: „Добро е што децентрализацијата на социјалните услуги дава резултат бидејќи тоа е единствениот начин како да развиваме социјални услуги во согласност со потребите на луѓето, а никој подобро не ги препознава нивните потреби од самите општини и локалните организации, кои се даватели на услугите. Особено ме радува тоа што услугите се достапни во руралните средини и во најоддалечените места затоа што нашата заложба е да се грижиме и да овозможиме квалитетна нега и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани“.
На настанот присуствуваа и градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов, како и секретарот на Општина Кратово, Радмила Китанова, кои искажаа благодарност до Министерството што ги препозна потребите на двете општини и го поддржа воведувањето на оваа услуга. Тие истакнаа дека овој пример на меѓуопштинска соработка треба да го следат сите општини бидејќи тоа овозможува достапност на квалитетни услуги за граѓаните и локалните заедници.
Од Црвениот крст на Пробиштип потенцираа дека соработката меѓу организациите, кои се даватели на услуги, и општините носи значајни придобивки и подобрен квалитет на услугите, а тоа се забележува најмногу од задоволството на корисниците и негувателите. Тие исто така информираа дека за услугата помош и нега во двете општини обучени и сертифицирани се 14 негуватели.
Токму обезбедување квалитетни и разновидни социјални услуги, нивната децентрализација, како и создавањето нови можности за вработување на ранливите категории граѓани, се едни од основните цели на социјалната реформа.
Тренчевска оствари и посета на домот на корисничка на услуга, која, заедно со својата негувателка, не ги криеше среќата и благодарноста за тоа што ја добива оваа услуга. Министерката истакна дека токму задоволството на корисниците и негувателите е клучна мотивација, но и показател дека реализацијата на социјалната реформа се одвива успешно.
Инаку, во рамките на проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светската банка, досега е овозможено воведувањето разновидни социјални услуги преку 34 поединечни проекти, што се спроведуваат во 41 општина. За давање на услугите досега се обучени и ангажирани над 300 лица, а тие се достапни за повеќе од 1.200 корисници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бектеши објави кои маркети се затворени оти не ги намалиле цените

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека во скопскиот регион се затворени маркети на „Веро“ и „Вива фреш“ поради непочитување на владините мерки за намалување на цените на прехранбените производи.
„Не верувам дека не се објавени ланците на супермаркети кои го прекршиле законот. Им дадовме одреден рок да се усогласат мерките. Во скопскиот регион се „Веро“ и „Вива Фреш“. Осум до десет ланци супермаркети имаат маркети во секој град. И вие медиумите треба да ги објавите маркетите кои го прекршиле ова, но сигурно ургираат кај вас затоа што се рекламираат. Јас немам проблем да ги кажам. Граѓаните да бидат спокојни, овие мерки ќе бидат спроведени во целост“ рече Бектеши. по посетата на компанијата „Алма-М“.
Во саботата, според директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, биле извршени над 50 контроли при што затворени се пет големи ланци на маркети по основ на Законот за потрошувачи, односно по основ на нечесни трговски пратки, а седум маркети се казнети поради непочитување на владината одлука.
Македонија
Вицепремиерката Грковска во работна посета на Словенија

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, од денеска до 27 септември 2023 година ќе биде во работна посета на Република Словенија.
Во рамки на оваа посета таа ќе оствари средби со словенечката министерка за дигитална трансформација, Емилија Стојменова Дух, со министерката за правда на Република Словенија, Доминика Шварц Пипан, како и со потпретседателката на Судскиот совет д-р Уршка Кежмах.
Исто така, вицепремиерката Грковска вечерва ќе присуствува на приемот организиран од Амбасадата на Република Северна Македонија во Словенија по повод 30 годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји и отворањето на амбасадата во Љубљана, која беше првото дипломатско претставништво отворено по прогласувањето на независноста на нашата држава.
Македонија
Петровска до командантот на Националната гарда на Вермонт: Македонија е ваш сојузник на кој можете да се потпрете

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во Министерството го пречека командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт со кого разговараше за три-децениското партнерство помеѓу Армијата и Националната гарда и начините за нејзино уште поголемо интензивирање во иднина.
На прес-конференцијата со генералот Најт, министерката истакна дека Северна Македонија е сојузник на кој Вермонт може да се потпре и дека преку партнерството и двете вооружени сили станаа еден тим способен да одговори на сите предизвици.
„Нема посилен и појасен приказ за нашето заедништво од тоа што го покажаа нашите припадници во наменските сили Феникс во Авганистан во 2010 година, кога функционираа како едно, една Армија. Нема поголем доказ за нашата блискост од континуираните вежби и обуки од кои придобивка имаат и Армијата и Националната гарда на Вермонт. Нема поголем израз на волја за да продолжиме на овој пат кон уште поголема интероперабилност, од нашите постојани контакти и средби на највисоко ниво од кои произлегуваат одлични идеи кои ги реализираме во целост“ рече Петровска.
Министерката Петровска се осврна и на големиот број заеднички вежби чиј интензитет ќе се зголеми во иднина.
„Зад нас се неколку големи вежби кои беа навистина успешни, а веќе сме во фаза на планирање на следните заеднички вежби, кои ќе бидат уште поголеми и позначајни за нашиот заеднички развој. Северна Македонија е подготвена со задоволство позитивно да одговори на интересот за заеднички активности со партнерските земји на Вермонт, Австрија и Сенегал, со што нашето пријателство ќе се прошири и продлабочи“, подвлече министерката.