Македонија
Трето семејство влегува во свој нов дом, добиен на инстант-лоз на Државна лотарија

Со радост споделуваме дека клучевите од третиот стан од инстант-лозот „Доме, сладок доме“ ги предадовме на Рајне и Никола Лазаревски од Скопје.
За само 100 денари, четиричлено семејство ќе влезе во својот нов дом „изгребан“ на инстант-лозот „Доме, сладок доме“. Станот со големина од 41,7 квадрати и подрум. Добивката изнесува вкупно 3 372 883 денари, со сите платени давачки.
Брачниот пар Лазаревски,од скопската населба Косела Вода, со возбуда го разгледуваа својот нов стан, раскажувајќи ни ја среќната приказна. Имено, Никола поради работните обврски секојдневно патува низ државата. Патувајќи во различни градови тој од секој град се враќал дома со по неколку инстант-лозови. Сепак, среќата била блиску до него, бидејќи ја пронашол во својата населба – Кисела Вода, на продажното место „АН-ДАР Компани“.
Никола купил два лоза – „Златна рипка“ и „Доме, сладок доме“, но не ги изгребал на продажното место, туку ги понел дома за да ги изгребаат заедно со сопругата. Никола и Рајне, во навидум обичниот ден, и не помислувале дека ќе изгребат добитен број со што наскоро ќе станат сопственици на стан во една од најубавите згради во Скопје, во атрактивно соседство, за само 100 денари.
„Едноставно не ни се веруваше во тоа што го гледаме, не заспавме цела ноќ. Нестрпливи бевме да отидеме во просториите на Државна лотарија за да ни ја потврдат добивката и да се увериме дека ова не е сон“ – ни раскажа Рајне, не криејќи ја својата возбуда.
Откако го потпишаа договорот и ја подготвивме комплетната документација, Никола, Рајне и дечињата го видоа својот нов сладок дом кој се наоѓа во среќната зграда на улица Методија Шаторов Шарло, во населба Аеродром.
Државна лотарија им посакува многу среќа во новиот дом, а ние ќе ги чекаме следните добитници, бидејќи има уште два стана.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Грковска во Вашингтон: Западен Балкан е во срцето на Европа и тоа го прави клучен за стабилноста

За Северна Македонија, како најнова членка на НАТО Алијансата партнерството со САД, како и зачувувањето на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан е од врвен приоритет. Западен Балкан е регион од стратешко значење за НАТО“, порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во синоќешното обраќање во Вашингтон, на панелот „Како да се спротивставиме на руското и кинеското влијание на Западен Балкан“, во организација на меѓународната независна Трансатлантската мрежа на лидери, со што и ја заврши работната недела во САД.
Таа нагласи дека е неопходна силна определба и упорност, независно од тоа што и Северна Македонија, како и останатите земји од регионот е изложена на руско влијание.
„Не смееме да дозволиме политички предизвици да станат безбедносни проблеми“ порача вицепремиерката Грковска, и дополни дека со се подолгото одложување на отпочнувањето на пристапните преговори граѓаните губат доверба во политиките кои се во насока на исполнување на нашата најважна стратешка цел – да бидеме дел од ЕУ. Следствено, со тоа и расте влијанието од Русија и Кина како резултат на зголемената недоверба на граѓаните.
За да се намали и спречи ваквото влијание, додаде вицепремиерката Грковска, важно е државите да ги негуваат демократските вредности, да го промовираат и унапредуваат владеењето на правото, еднаквоста пред законите, како и доследно да ги имплементираат принципите на доброто владеење. За крај, вицепремиерката порача дека силна економија во ЕУ значи стабилен регион. А тоа не можеме да го постигнеме без поддршката од САД.
Македонија
Алијанса за Албанците ги осуди говорот на омраза и инцидентите во Скопје од „Комитите“ и навредите од Бугарите

Алијанса за Албанците го осудува говорот на омраза и инцидентите предизвикани во центарот на Скопје од страна на „Комитите“, како и навредите од некои бугарски државјани упатени кон припадниците на македонската полиција на граничниот премин Деве Баир.
„ Ваквата ескалација не придонесува за релаксација на односите меѓу двете земји и европската интеграција на Македонија. Ваквите антиевропски сцени се срамни и од нив треба да се дистанцира политиката во Скопје и Софија.
Алијанса за Албанците апелира на итно смирување и умерено дејствување. Страните треба да ги решаваат недоразбирањата меѓу министерствата за надворешни работи, во европски дух и фокусирајќи се на спроведувањето на договорот за пријателство меѓу двете земји“ велат од партијата.
Македонија
(Видео) Димитриевски за БНТ: Гоце Делчев е симболот на македонизмот, политичари од Бугарија доаѓаа во Македонија и нѐ навредуваа

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во емисијата „Говори сега“ на бугарската национална телевизија БНТ1 во Софија рече дека стигнал во Бугарија поради тоа што не навредувал полицајци, не бил агресивен и се однесувал културно и европејски.
„ Секогаш ги слушаме изјавите на политичарите и велат сакаме да врвиме напред, всушност тие се главната причина зошто одиме назад. И секогаш пред избори, во предизборниот период особено тука во Бугарија името на Гоце Делчев и односите помеѓу Македонија и Бугарија се користат во предизборна кампања, се собираат политички поени. А, дали сакаме да одиме напред, да секако. Гоце Делчев е симболот на македонизмот, Гоце Делчев е Македонија и Македонија е Гоце Делчев. Ние го почитуваме и сакаме и тоа во секој кабинет во Македонија. Јас го почитувам ставот на господин Христов, но Гоце Делчев кажува за самиот себе што е и каков е“, изјави Димитриевски.
Тој потсети дека во Македонија доаѓаа политичари од Бугарија и навредуваа, кажувајќи дека Македонија е Бугарија, од Охридско езеро до Црно море, дека Охрид е најубавиот град во Бугарија итн.
„ Замислете ја реакцијата на македонската јавност. Зошто дојде до ова? Во континуитет македонскиот народ, македонската државност се навредува. Да се вратиме на минатото на кое ќе базираме и иднина, ќе го почитуваме минатото. Јас бев првиот политичар во Македонија којшто одбележа заеднички датум од историјата, позитивната историја на македонскиот и бугарскиот народ, борбата на Страцин, првата година Иван Сечанов дојде претседателот на здружението на воените ветерани на Бугарија ја кажа целата вистина, дека Бугарија била фашистичка во Втората светска војна, дека таа војна е водена таму заедно со македонските партизани“, посочи Димитриевски.