Македонија
Триесет години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Хрватска

По повод јубилејот 30 години дипломатски односи, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари пригодна средба со амбасадорката на Република Хрватска во нашата земја, Нивес Тигањ.
„Северна Македонија се гордее на успешната соработка со Хрватска, во која гледаме искрен и посветен пријател не само во негувањето на нашето блиско партнерство туку и во промовирањето на нашите заеднички цели и интереси“, истакна министерот Османи и додаде дека инвазијата врз Украина покажа колку е значајно да се биде сојузник и партнер применувајќи го принципот на солидарност во одбраната на европските вредности, но и правото на секоја држава да ја сочува својата независност и суверенитет.
„Искрено верувам дека со уште позасилен интензитет и во иднина ќе славиме и одбележуваме многу значајни јубилеи на нашите две пријателски земји“, изјави Османи.
На 30 март 1992 година двете држави воспоставија дипломатски односи, со што почна процесот на градење интензивни пријателски врски што се карактеризираат со континуиран дијалог и волја за сестрана соработка во бројни области од заемен интерес. Односите меѓу Северна Македонија и Хрватска од денешна перспектива се засноваат на заемна доверба и партнерство како на билатерален план така и во рамките на евро-атлантските интегративни процеси. Во НАТО сме веќе сојузници, а во Европската Унија имаме безрезервна поддршка од Хрватска, која е силно посветена и свесна дека тоа е најдобриот пат за развојот на нашиот регион и за стабилноста на Европа.
Цврстата определеност на двете земји за негување и развивање на таквите односи се втемелени во договорот за пријателски односи и соработка од 1994 година. Заедничките стратешки цели и интереси за траен мир, стабилност и просперитет на регионот и пошироко ги одбележуваат изминатите 30 години пријателство и партнерство.
Таквиот позитивен развоен тренд присутен е и во економската и културна соработка, но и во сите други сегменти од нашето живеење и напредок. За одбележување е и одличната и конкретна соработка во делот на заштита на националните малцинства, кои претставуваат значајна алка, која дополнително ги поврзува нашите две земји и која може да служи како пример за сите други држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне, претежно во источните делови, ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 29 до 34 степени. УВ=8
Во Скопје сончево и топло, попладне во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне 33 степени.
Во следните денови ќе продолжи сончево и натпросечно топло време. Во попладневните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, на места и во форма на невреме со појава на град. Во недела дневната температура ќе се намали за неколку степени.
Македонија
(Видео) Пендаровски од Давос: Политиката на отворени врати не треба да важи само за НАТО, туку и за ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, денеска се обрати на панел сесијата „Одржувањето на безбедноста во Европа“.
Учесници на дебатата беа Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, премиерот на Белгија, Александар де Кро, министерката за одбрана на Холандија, Кајса Олонгрен и шефот на претседателската администрација во Украина, Андриј Јермак, модерирана од новинарката Френсин Лаква, уредничка во Блумберг.
Во фокусот на дискусијата беше војната во Украина, како заедничка закана што го урна безбедносниот поредок кој со децении ѝ помогна на Европа да напредува во мир, но и чекорите што Европската Унија треба да ги преземе во радикално променетиот контекст.
Учесниците на панелот ја осудија руската агресија и изразија поддршка за украинскиот народ. Тие ја посочија важноста од превенција на ескалација на конфликтот во Украина и неопходноста да се обезбеди заштита на НАТО сојузниците.
Претседателот Пендаровски истакна дека руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметна потребата Европската Унија да се фокусира на интеграцијата кон земјите од Западен Балкан, процес кој дополнително ќе ја зајакне стабилноста, безбедноста, демократизацијата на нашиот регион, а со тоа ќе придонесе и кон целокупната безбедност на континентот.
Нагласи дека НАТО, но и Европската Унија, се двата коридори за подобра, побезбедна и попросперитетна иднина.
„ Потребно е да ѝ помогнеме на Украина, да ги убедиме и другите сојузници кои можеби имаат одредена доза на скептицизам. Политиката на „отворени врати“ не треба да важи само за НАТО, туку да се применува и за Европската Унија, вратите и на двете организации да останат отворени за украинскиот народ. Украинците се борат за сопствената слобода, но оваа борба е и за одбрана на демократските вредности. Ова е војна на една автократија против демократија. Доколку Путин успее некако да победи во оваа војна, тогаш нема само да ја победи Украина“ додавајќи дека Северна Македонија во рамки на своите можности дава поддршка на Украина, од воена до дипломатска помош и дека политиката на отворени врати мора да продолжи, не само во однос на НАТО, туку и во однос на Европската Унија.
„Политиката на отворени врати не треба да важи само за НАТО Алијансата, туку и за Европската Унија. Во спротивно, концептот за обединета Европа, во мир со себе и со светот од Атлантикот до Урал, ќе биде само сон“, рече претседателот Пендаровски.
Македонија
Утре сончево и топло, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне, претежно во источните делови, ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 29 до 34 степени. УВ=8
Во Скопје сончево и топло, попладне во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне 33 степени.
Во следните денови ќе продолжи сончево и натпросечно топло време. Во попладневните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, на места и во форма на невреме со појава на град. Во недела дневната температура ќе се намали за неколку степени.