Контакт

Македонија

Три нови истраги на СЈО

Објавено пред

Специјалното јавно обвинителство денеска обелодени три нови истраги кои се отворени за поранешни високи функционери во државата. Првата истрага е за пропаднатиот попис во 2011 година, за што се осомничени поранешниот премиер и екслидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Според СЈО, осомничените по започнувањето на постапката за попис на населението во земјава сфатиле дека пописот ќе им нанесе штета на тогаш владејачките ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ, па водејќи се од лични интереси и задржување на моќта во општеството, ја прекинале постапката, со што е предизвикана штета од над 175 милиони денари.

Како што информираше обвинителката Фатиме Фетаи, истата се води против две лица, поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ од чл.353 ст.4 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик. Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека во  октомври 2011 година во Скопје осомничените, искористувајќи ги своите овластувања како одговорни лица – претседатели на политички партии, свесни дека нивните дејствија ќе имаат штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување, ја злоупотребиле функцијата и нанеле значителна штета на буџетот во износ од 175.123.909,00 денари.

„Постои основано сомнение дека со цел како владејачка коалиција  да го сокријат фактот дека немаат политички капацитет да организираат реален попис на населението, како и да ги сокријат неповолните факти за демографската и економската состојба на населението, што резултирало со огромно иселување од земјава на работоспособното население, осомничените помеѓу 10.10 и 11.10.2011 година се договориле да го стопираат пописот. Воедно, со цел да избегнат одговорност, за која од разговорите произлегува дека се свесни дека постои, се договориле причините за стопирање на пописот преку средствата за јавно информирање и преку партиските соопштенија да ги презентираат како проблеми од техничка природа и од некадарноста на државната пописна комисија и Заводот за статистика, иако уште со донесувањето на Законот за попис и законските решенија во истиот се овозможува различно толкување на Законот и неизвесност за негово законито  спроведување, што го нотира Еуростат во својот извештај“, рече Фетаи.

По договорот на осомничените, со образложение дека со почнување на примената на Законот се појавиле недоследности и недоречености во примената на одредби од Законот како резултат на недоволен временски период за подготовка и обучување на учесниците во спроведување на пописот, Владата до Собранието предложила да престане да важи Законот за попис на населението, па посредно преку парламентарните групи како гласачка структура на политиката на лидерите на овие две партии на ден 15.10.2011 година бил изгласан закон со кој престанува да важи операцијата на попис.

„Меѓутоа, ако се видат причините поради кои е предложено да престане да важи Законот за попис, ќе се забележи дека тоа се причини истиот да се одложи со закон, па да се подобрат законските решенија според стандардите кои ги бара Еуростат, да се обучат попишувачите и другите учесници и да се спроведе операцијата на попис согласно со меѓународните стандарди. На тој начин потрошените парични средства за спроведување на пописот до моментот на одложувањето, кои се искористени за дотогашните обуки, техничка опрема и материјали нема да претставуваат штета и истите би се искористиле во одложената пописна операција. Сепак, причината за договорот за престанок на пописот не била во наведеното од Владата, што е видно дека лесно се исправа, доколку има волја за тоа, туку едноставно осомничените сфатиле дека со законита пописна операција ќе им се нанесе огромна штета на владејчките ДУИ и ВМРО ДПМНЕ и со тоа на нив самите како лидери на овие партии, па водејќи се пред сѐ од лични интереси, интереси да ја задржат моќта во општеството, одлучиле дотогаш потрошените парични средства да ги фрлат во вода, со што го оштетиле буџетот во значителен износ од 175.123.909,00 денари“, рече Фетаи.

Во втората истрага позната под името „Моќник“, СЈО смета дека „под влијание на тогашен моќен пратеник багателно се распродавал општински имот на негови блиски луѓе со измамнички дејствија спрема советници на една општина“. Поради измама и злоупотреба на службената положба и овластување, покрената е истрага против 13 лица, информираше јавната обвинителка Фатиме Фетаи.  Во текот на 2011 година таткото на пратеникот и тогашниот градоначалник на Македонски Брод, поттикнати од пратеникот, со прикривање факти ги довеле во заблуда советниците  да изгласаат одлука за отуѓување на задружниот двор во село Ижишта во Македонски Брод. Со тоа е нанесена штета на државниот буџет од околу 50 илјади евра, информираат од СЈО.

Наведеното, продолжило со преземање понатамошни криминални дејствија од осомничениот пратеник и негови извршители – послушници во еден државен орган, за да се одмазди на луѓето за кои смета дека му се мешаат во неговите интереси и интересите на неговото поблиско семејство, со што постои основано сомнение дека се извршени кривични дела „измама“ од член 247 од КЗ и „злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од КЗ. Истата се води против 13 лица.

„Постои основано сомнение дека во текот на 2011 година таткото на првоосомничениот пратеник и третоосомничениот – тогашен градоначалник на општината Македонски Брод, поттикнати со умисла од пратеникот, за неговиот татко да прибави противправна имотна корист, ги довеле во заблуда советниците во Советот на општина Македонски Брод и со лажно прикажување и со прикривање факти ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на зградата на „Задружниот дом“, со дворно место во с.Ижишта, општина Македонски Брод. Благодарение на ваквата одлука на Советот, кој гласал во апсолутна заблуда за предметот на продажба и правниот статус на истиот, по спроведената противправна постапка за продажба и по продажбата на имотот од страна на осомничениот градоначалник на второосомничениот, нанесена е значителна штета на имотот на Република Македонија во вредност од 1.795.800,00 денари, а за продажбата на земјиштето нанесена е значителна штета на општината Македонски Брод во вредност од 1.176.000,00 денари или, вкупно нанеле значителна штета од 2.971.800,00 денари или, околу 50.000 евра“, изјави Фетаи.

Таа појасни дека на 27.10.2011 година второосомничениот писмено се обратил до Советот на општина Македонски Брод со барање Советот да донесе одлука за продажба на задружниот дом во с.Ижиште и лажно во барањето прикажал (навел) дека истиот веќе го користи тој простор, сопственост на Општината и сака да отвори сопствен бизнис. Веднаш следниот ден била закажана седницата на Советот на која се разгледувало ваквото барање и градоначалникот на Општината лажно презентирал дека се работи за објект кој на барателот му бил даден на користење на 30 години од претходниот Совет и има договор за тоа, па за да може да се направи вложување во објектот третоосомничениот побарал од Советот да донесе одлука и да му се продаде објектот на второосомничениот преку јавна лицитација.

„Ова го презел и покрај фактот што и тој и другите осомничени знаеле дека всушност предмет на продажба не бил објект што го користи второсомничениот, туку зградата во која била сместена администрацијата и градоначалникот на општина Пласница и две месни канцеларии на Управата за водење матични книги, објект кој, патем, не бил ниту впишан во сопственост на општина Македонски Брод, туку сопственичкото право било запишано на име на Република Македонија. По ова советниците едногласно донеле одлука за продажба, иако според нивните искази прибрани во текот на оваа постапка, истите воопшто не знаеле дека со ваквата одлука всушност одобруваат продажба на општинската зграда во која била сместена општина Пласница“, рече Фетаи.

Според доказите, постои основано сомнение дека градоначалникот, поттикнат од првоосомничениот пратеник, намерно не ги извршил своите службени должности кои бил должен да ги изврши и не го објавил огласот за продажба во „Службен весник“, со што ја ограничил конкуренцијата за јавното наддавање, па како наддавач се пријавил само второосомничениот, кој единствено знаел за денот на јавното наддавање и го купил објектот кој бил сопственост на Република Македонија за цена од 1.795.800,00 денари, што е 670 денари повеќе од почетно определената за наддавањето, парите ги уплатил на сметка на општина Македонски Брод, за што со третоосомничениот склучиле договор за купопродажба, заверен на нотар, што е директна штета на Република Македонија како сопственик на објектот, а подоцна успеал во катастар да го впише објектот на свое име, како техничка исправка, иако немал основа за такво впишување.

„Воедно со анекс го купил и земјиштето по цена од 100 денари по м2, во постапка без јавно наддавање, иако со актите на општината – ценовник, според кој од одделението за оданочување се вршело утврдување на пазарна вредност на градежно земјиште за тој регион била предвидена цена од 400 ден по м2, со што второосомничениот платил 300 денари помалку од пазарната по метар квадратен и заедно, второ и третоосомничениот, нанеле значителна штета на општина Македонски Брод во износ од 1.176.000,00 денари. Откако градоначалникот на општина Пласница дознал дека објектот во кој е сместена администрацијата на општина Пласница и неговиот кабинет е продаден на второосомничениот телефонски контактирал со неговиот син -првоосомничениот и побарал истиот да влијае да се ревидира „таа работа“, а побарал и од Владата да ја испита продажбата. По ова, од страна на Владата е оформена комисија, која по спроведената постапка утврдила незаконитост на наведената продажба од повеќе аспекти и го задолжила градоначалникот со тужба да бара поништување на овие правни работи, меѓутоа истиот не постапил по ваквото задолжение. Сепак, ваквата постапка на градоначалникот на општина Пласница кај првоосомничениот предизвикала гнев и чувство дека треба да ја користи својата политичка моќ за да му се одмазди на Исмаил за неговите интервенции во врска со продажбата, па првоосомничениот користејќи ја својата реална моќ надвор од своите овластувања во име на претседател на Комисијата за надворешна политика, подесувал барања за секаков вид инспекциски и полициски контроли врз правното лице „Пуцко петрол““, рече Фетаи.

Според СЈО, пратеникот барал и лустрација на судијата Драги Билевски за да се одмазди. „Сметајќи дека еден судија од Основен суд Кичево е близок на градоначалникот на Пласница и го штити, постои основано сомнение дека организирал и го потикнал претседателот на Комисијата за лустрација, четвртоосомничениот да изврши незаконита лустрација над судијата за да му престане функцијата на судија. Истото е прифатено од страна на четвртоосомничениот и заедно со другите членови на Комисијата за утврдување факти, како службени лица постапувајќи во рамките на своите службени овластувања, со умисла, иако знаеле дека не се исполнети критериумите за лустрација, предвидени во чл.4 и чл.18 од Законот за определување на услов за ограничување на вршење авна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, донеле нарачана одлука за лустрација на оштетениот Драги Билески. Како резултат на оваа одлука, со одлука на Судскиот совет, оштетениот Драги Билески најпрвин бил времено оддалечен од вршење на функцијата судија на Основен суд Кичево, а потоа, со одлука на истиот орган, е утврден и престанок на вршење на судиската функција на оштетениот, со што потешко му ги повредиле неговите права“, додаде обвинителката на СЈО.

Третата истрага се однесува на случајот „Актор“, која се отвора поради сомнение дека е сторено кривично дело при постапката за јавна набавка за избор на најповолен понудувач за градење на автопатот Демир Капија – Смоквица. Дополнително, оваа истрага се отвора и поради основано сомнение за перење пари кои фирмата добитник на тендерот ги добила со злоупотребата во постапката на јавна набавка.Според СЈО, во 2012 година кога се рагледувале и оценувале понудите за изградба на патот, тогашниот претседател на Владата, Никола Груевски, со цел за избор на понудувач да не биде избран понудувач од Италија, искористувајќи го своето влијание, извршил влијание врз тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој ги поттикнал членовите на евалуционата комисија да го фаворизираат изборот на фирмата „Актор“ од Грција. Со тоа, според СЈО, му било овозможено на „Актор“ да прибави корист од 7 милиони евра.

Според Фетаи, „постои основано сомнение дека во 2012 година, во периодот кога се разгледувале и оценувале понудите на тендерот за градење на автопатот Демир Капија – Смоквица, првоосомничениот, како претседател на Владата, со цел во постапка на јавна набавка за избор на понудувач кој ќе го гради автопатот Демир Капија – Смоквица да не биде избран понудувач од Италија, кое правно лице според првоосомничениот го претставува „комуњар“ и  нешто што воопшто не му се допаѓа и повеќе му се „допаѓаат оние од југ“, искористувајќи го своето влијание, со умисла извршил поттикнување врз второосомничениот како министер за транспорт, кој го прифатил налогот и истиот ги поттикнал осомничените службени лица од Министерството за транспорт и врски да ги искористат своите службени овластувања како членови на евалуационата комисија (комисијата за оценување на понудите) со право на глас одговорни за спроведување евалуација и оцена на доставените понуди за проектот „Изградба на нова автопатска делница Демир Капија – Смоквица“ како дел од Пан-европскиот коридор X, и во изборот за најповолен понудувач да го фаворизираат правното лице „Актор “ од Грција. Ова според доказите и било реализирано, со што му овозможиле на правното лице „Актор СА“ да прибави противправна значителна имотна корист во износ од 480.412.974,00 денари“, рече обвинителката.

Фетаи додаде дека постои основано сомнение дека во текот на постапката за спроведување  евалуација и оценка на доставените понуди, по отворањето на понудите, првоосомничениот остварил телефонска комуникација со второосомничениот и откако второосомничениот му кажал дека Италијанците се најевтини, побарал да се најде начин тендерот за автопатот да не го добијат Италијанците поради „лошата комбинација што комуњарот е во игра“, па второосомничениот како министер за транспорт и врски ги повикал во својот кабинет осомничените членови на евалуационата комисија со цел да го фаворизираат понудувачот „Актор СА“ Грција.

„Иако биле свесни дека понудувачот ‘АКТОР СА’ согласно со доставената тендерска документација и според член 16 од Огласот за доделување договор за јавна набавка не го задоволува критериумот и условот понудувачот да има еден завршен проект од 250 милиони евра во патниот сектор или еден проект кој е во тек на реализација, а чија реализација заклучно до 31.12.2011 година е 60-процентно завршена и кој износот од реализираните 60 отсто треба да не биде помал од 250 милиони евра, а поради кој услов и ја отфрлиле поевтината понуда на ‘Тото’ од Италија, се согласиле со барањето на второосомничениот, по што го злоупотребиле институтот на мнозинско одлучување и дале три позитивни мислења во табелите за евалуација и искористувајќи ја својата службена положба и овластување ја избрале понудата од правното лице ‘АКТОР’ со понудена цена од 210.148.177,23 евра, како економски најповолна понуда за проектот ‘Изградба на нова автопатска делница Демир Капија-Смоквица’ иако знаеле дека истото правно лице не ги задоволува техничките критериуми, со што му овозможиле на правното лице Актор СА да прибави значителна имотна корист во износ од 480.412.974,00 денари“, рече Фетаи.

Таа додаде дека ова е само почетокот на криминалните дејствија за кои постои основано сомнение дека се извршени. „Постои основано сомнение дека во период од 2012 до 2016 година со повеќе дејствија, со искористување на ист траен однос и исти прилики, непосредно по добивањето на тендерот и започнувањето со градежните активности во земјава, кои ги презема ‘Актор’ АДТ Подружница Скопје, формирана од осомниченото правно лице ‘АКТОР СА’ , со намера да ја сокрие целокупната добивка на осомниченото правно лице, која има третман на принос од казниво дело бидејќи паричните средства потекнуваат од незаконито добиениот тендер со кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, шестоосомничениот како одговорно лице на подружницата формирал група која се занимава со перење пари и пуштање во промет пари кои се прибавени со казниво дело. За таа цел ги поврзал во заедничко дејствување другите пет осомничени, па сите дејствувајќи заедно како членови на група што се занимава со перење пари од лични – лукративни побуди, со цел прикривање на трагата на парите  што се исплаќани на сметките на ‘Актор’ АДТ Подружница Скопје од незаконски добиениот тендер за изградба на автопат од Коридор Х и создавање  готовински пари, пуштиле во промет пари за кои  знаеле дека потекнуваат од казниво дело ‘злоупотреба на службена положба и овластување’.

Шестоосомничениот како одговорно лице управител на подружницата на Актор АДТ Скопје договорил трајна деловна соработка во вид на договор за вршење подизведувачки работи со останатите осомничени одговорни лица како претставници на осомничените правни лица ‘Глобал констракшн компани’, ‘Топометрија’ ДООЕЛ Скопје и ‘Инвикта Боро’ ДООЕЛ Скопје, со единствена цел на пренос на парични средства од ‘Актор АДТ’ Подружница Скопје. Па така, во повеќе наврати се исплатени износи од сметките на ‘Актор АДТ’ Подружница Скопје кон сметките на правните лица ‘Глобал констракшн компани’, ‘Топометрија’ и ‘Инвикта’ во вкупен износ од 31.856.811 евра“, вели Фетаи.

Според СЈО, три осомничени лица искористувајќи ги вработените лица во сопствените компании и искористувајќи ја трајната основа на работниот однос на вработените развиле систем на паралелно ангажирање преку фиктивни договори за вршење услуги, и тоа, на вработени од „Топометрија“ Дооел во правното лице „Глобал констракшн компани“, и на вработените од „Глобал констракшн компани“’ во правното лице „Топометрија“, притоа договарајки нереално висок надоместок за услугата на вработените спрема реалната цена на трудот во дадениот временски период и којашто веќе им била исплатувана од страна на правното лице во кое истите веќе биле редовно вработени. За илустрација, еден работник без некои посебни квалификации, добивал и по 6 до 7000 евра месечи примања, а поквалификувани вработени и двојно повеќе.

Постои основано сомнение дека на тој начин, во повеќе наврати на десет редовно вработени лица во правното лице „Глобал констракшн компани“ од страна на правното лице „Топометрија“ ДООЕЛ е исплатен износ од 699.000,00 евра во денарска противвредност, а од сметките на правното лице ‘Глобал констракшн компани’ во повеќе наврати на десет редовно вработени лица во правното лице „Топометрија“ ДООЕЛ Скопје е исплатен износ од 1.173 000,00 евра во денарска противвредност, пари што веднаш по самата исплата по претходна најава до филијалата во Неготино за обезбедување доволно количество ефективни странски валути биле конвертирани во странска валута – евра и во ист момент подигнати во готовина од страна на вработените,  готовински пари што биле предавани на една од осомничените, којашто понатаму ја прикрива локацијата на готовинските пари.

Во меѓувреме, според СЈО, од сметките на „Актор АДТ“ Подружница Скопје кон сметките на„Инвикта“ ДООЕЛ Скопје, искористувајки ист траен однос – договор за вршење на подизведувачки работи, биле исплатени пари во вкупен износ од 181.736.436,00 денари, околу 3 милиони евра, од кои што 35.777,951,00 денари околу 580.000 евра, веднаш по приливот во готовина му биле исплатени на осомничениот В С – основачот на правното лице – „Инвикта Скопје“ по основ на дивиденда, по што се прикрива понатамошната локација и движењето на парите.

 

Македонија

22 починати и 118 нови случаи на Ковид-19

Објавено пред

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје,дека во последните 24 часа: Направени се 1.245 тестирања, а регистрирани се 118 нови случаи на Ковид-19: Скопје – 93, Кавадарци – 11, Битола – 5, Прилеп и Струга – по 2, Куманово, Велес, Крива Паланка, Кратово и Богданци – по 1.

Регистрирани сe 396 оздравени пациенти од: Скопје – 175, Битола – 37, Прилеп – 26, Кавадарци – 16, Штип – 15, Куманово – 13, Кочани – 12, Тетово – 11, Крива Паланка, Гевгелија и Берово – по 10, Велес – 9, Кратово и Делчево – по 8, Демир Хисар – 6, Охрид и Неготино – по 5, Валандово – 4, Свети Николе и Пробиштип – по 3, Струмица, Радовиш и Демир Капија – по 2, Струга, Гостивар, Кичево и Пехчево – по 1.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се 18 починати лица: 6 починати лица од Скопје (63 г, 68 г, 70 г, 71 г, 72 г и 89 г), 3 починати лица од Струмица (71 г, 73 г и 87 г), по 2 починати лица од Пробиштип (60 г и 67 г) и Неготино (66 г и 90 г) и по едно починато лице од Битола (81 г), Демир Хисар (87 г), Кочани (78 г), Кратово (79 г) и Штип (65 г). Сите пријавени лица се починати во болнички услови.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од Мој термин, се пријавени 4 починати лица со датум на смрт од 03.11.2021 до 26.11.2021. Регистрираните починати лица се од Скопје (2), Куманово (1) и Пехчево (1). Починатите лица се на возраст од 61г до 88г. Две од пријавените лица се починати во болнички услови и две лица во домашни услови .

Направени се 1.245 тестови преку: ИЈЗ-43, ЦЈЗ Скопје-45, ЦЈЗ Битола-0, ЦЈЗ Прилеп-0, ЦЈЗ Тетово–0, ЦЈЗ Куманово-0, Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби-0, Судска медицина-0, лабораторија болница Козле-0, УК Пулмологија со алергологија –0, ГОБ 8-ми Септември-0, Институт за микробиологија–0, Жан Митрев (Филип Втори)-70, Авицена-75, Биотек-88, Систина-33, лабораторија Лаор-0, Синлаб-0, Ремедика-0, Плодност–0, Генеа-0, Никоб лаб-182, ВФВ Медикал-22, Ели Медика-21, Ројал Медика–0, Спектра-ММ-0, Рапид Лаб–0, Жан Митрев Струмица–0, Нова Лаб Дијагностика–0, ЈЗУ и ПЗУ (рапид тест) – вкупно 666.

Досега во земјата се направени вкупно 1.468.996 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 215.125, бројот на оздравени пациенти е 199.460, на починати е 7.569, а бројот на активни случаи изнесува 8.096.

Според епидемиолошки анализи во моментов, дистрибуцијата по градови е следна:

Дистрибуција по градови Заболени (вкупно), Активни случаи (вкупно)
Скопје 94103, Активни 3851
Куманово 12855, Активни 252
Тетово 11310, Активни 150
Прилеп 10156, Активни 401
Битола 8609, Активни 635
Гостивар 8059, Активни 29
Велес 7276, Активни 331
Кавадарци 6928, Активни 300
Штип 6563, Активни 177
Охрид 6435, Активни 295
Струмица 6089, Активни 159
Кичево 4221, Активни 81
Кочани 3982, Активни 181
Струга 3900, Активни 65
Гевгелија 2781, Активни 129
Неготино 2553, Активни 60
Свети Николе 2112, Активни 81
Крива Паланка 1877, Активни 133
Ресен 1734, Активни 107
Радовиш 1711, Активни 61
Дебар 1455, Активни 1
Берово 1422, Активни 82
Делчево 1382, Активни 133
Виница 1151, Активни 42
Пробиштип 1110, Активни 24
Валандово 926, Активни 50
Кратово 760, Активни 45
Богданци 642, Активни 40
Демир Хисар 608, Активни 78
Крушево 582, Активни 29
Македонски Брод 490, Активни 10
Демир Капија 423, Активни 6
Македонска Каменица 412, Активни 67
Пехчево 347, Активни 9
Дојран 161, Активни 2

Прикажи повеќе...

Македонија

Паркинг за велосипеди до секоја нова градба во општина Центар

Објавено пред

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, оствари средба со претставници на иницијативата „На точак“, на која ги разгледа барањата кои се однесуваат на унапредувањето на условите за велосипедски сообраќај во рамки на општината.

Од средбата произлезе договорот при секоја нова градба да се поставуваат паркинзи за велосипеди, со цел нивна поголема употреба како превозно средство во општината, а напролет, општината ќе воведе и одредени денови како „Денови без автомобили“ и ќе бидат изработени стандарди и процедури за развој на велосипедска инфраструктура општината.

„Општина Центар посветено работи на развој на велосипедската мрежа во сите населби. Мојата заложба е поголема употреба на велосипедите поради тоа што носат бенефити на долг рок, како за општината, така и за личното здравје на граѓаните. Ние мора да ги менуваме навиките со тоа што почесто ќе го употребуваме велосипедот како превозно средство. Всушност, со почестото возење на велосипеди ќе го намалиме сообраќајниот метеж, кој е сериозен проблем, особено во Центар, и позитивно ќе влијаеме во зачувувањето на животната средина“, изјави Герасимовски на средбата.

Герасимовски смета дека сите локални самоуправи треба да имаат многу посериозен пристап при креирањето на проектите во општините. Токму затоа, Општина Центар силно инвестира во развој на велосипедска мрежа во сите населби.

Дел од барањата, кои до градоначалникот Герасимовски ги поднесе иницијативата „На точак“, веќе се имплементираат и истите се однесуваат на слободни тротоари и квалитетен јавен простор, затворање на дел од улиците за сообраќај, особено во Дебар Маало, каде што има премногу возила со што истите ќе се отворат за пешачење и возење велосипеди. Општина Центар и во следниот период со посилно темпо ќе продолжи да субвенционира велосипеди и велосипедска опрема и засилено ќе работи и на системот за изнајмување велосипеди.

Прикажи повеќе...

Македонија

Потврдена пресудата на Никола Груевски за „Насилство во центар“

Објавено пред

Апелациониот суд ги одби жалбите од обвинетите и нивните бранители, изјавени против првостепената пресуда, за случајот „Насилство во Центар“ и ја потврди пресудата на кривичниот суд.

Со пресудата седум обвинети беа огласени за виновни и осудени на: поранешниот премиер Никола Груевски – затворска казна во траење од 1 година и 6 месеци, додека поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, и останатите А.Т., Д.С., Д.Т., Т.П. и И.Б. на алтернативна мерка условна осуда.

Како и КОК Ж бр. 50/20 со која Второстепениот суд ја укина првостепената пресуда – КОК бр. 51/17 од обвинителството означен како „Тарифа“ и предметот го врати на повторно судење, при што е заведен нов предмет со КОК бр. 123/21 за кој откако ќе биде насрочен термин за отпочнување со главната расправа, странките и јавноста ќе бидат дополнително известени.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија2 часа

22 починати и 118 нови случаи на Ковид-19

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје,дека во последните 24 часа: Направени се 1.245 тестирања, а...

Македонија2 часа

Филипче: Нема потреба од рестрикции поради новиот сој

Минитестерот за здравство, Венко Филипче, смета дека нема потреба од рестрикции поради појавата на новиот сој омикрон. Вели дека епидемиолошката...

Македонија2 часа

Гаши: Не е одговорно да бараме од СДСМ кој ќе биде мандатар

За нас е битно да се договориме кој е концептот, а не да ги принудуваме политичките партии на решенија, вели...

Европа4 часа

Владимир Гушчин: Постојните вакцини штитат и од сојот омикрон

Постоечките вакцини против коронавирус ќе обезбедат заштита од потешки форми на Ковид-19, како што е и новиот вид омикрон, изјави...

Македонија5 часа

Бурим Сејдини реизбран за претседател на Управен суд

На денешната седница Судскиот совет го избра судијата Бурим Сејдини за претседател на Управен суд. Во соопштението за седницата се...

Европа6 часа

Германски имунолог: Омикрон варијантата можеби потекнува од пациенти со ХИВ

Изненадувачки големиот број на мутации откриени на шилестиот протеин кај новата варијанта на коронавирусот, наречена омикрон, може да укажува дека...

Свет7 часа

СЗО со конкретно соопштение: Mожни се сериозни последици од новооткриената варијанта омикрон

Ризикот од новооткриената варијанта на коронавирусот т.н. омикрон е висок, објави Светската здравствена организација (СЗО). Во своето утринско соопштение, СЗО...

Македонија1 ден

Имаме мнозинство и очекуваме дополнително да се зголеми, рече Османи

Има мнозинство во парламентот кое очекуваме дополнително да се зголеми, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи одговарајќи на новинарски...

Свет1 ден

Светската медицинска асоцијација: Можеби вакцината против Ковид ќе треба да се дава секоја година

Дополнителна доза од вакцината против коронавирусот веројатно ќе биде потребна секоја година, смета претседателот на Светската медицинска асоцијација, Франк Улрих...

Македонија1 ден

Кои се луѓето кои го следат секој мој потег, прашува Аријанит Хоџа по објавената фотографија од средбата со Муса Џафери

Министерот во оставка од Движењето Беса, Аријанит Хоџа ја искоментира фотографијата што се појави на социјалните мрежи, а на која...

Македонија1 ден

Сопственикот на „Беса Транс“: Овие тестови се од Алах

Сопственикот на автопревозникот „Беса Транс“, Беким Хаџиу, преку социјалната мрежа „Фејзбук“ се огласи во врска со автобуската несреќа во која...

Свет1 ден

ГАВИ: Омикрон видот се појави поради неправедната распределба на вакцините во светот

Меѓународната асоцијација за промоција на правична вакцинација во светот, ГАВИ, оцени дека појавата на новиот сој на коронавирусот-омикрон укажува на...

Македонија2 дена

Почна постапката за кандидирање за претседател на СДСМ, изборите на 12 декември

Централниот одбор на СДСМ на синоќешната седница донесе одлука за започнување на процесот за организирање внатрепартиски непосредни избори за претседател,...

Македонија2 дена

ДУИ смета дека оставката на Заев од премиерката позиција треба да почека

Првиот вицепремиер Артан Груби, денеска изјави дека ДУИ верува оти оставката на премиерот Зоран Заев од функцијата прв човек на...

Македонија2 дена

Двајцата пациенти од автобуската несреќа се хоспитализирани на Пластична хирургија во Скопје

Пациентка на 17 годишна возраст и пациент на 49 годишна возраст, повредени во сообраќајната несреќа што се случи на автопатот...

Македонија2 дена

Филипче предлага матичните лекари да бидат парично наградени ако 70 отсто од нивните пациенти се вакцинирани

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека во последниве неколку дена се разгледуваат мерки за невакцинираните лица кои нема да...

Македонија2 дена

Бугарското обвинителството ги презеде материјалите од Македонија за истрагата за автобуската несреќа

Македонското државното јавно обвинителство денеска ги предаде на бугарското обвинителство материјалите поврзани со истрагата и со идентификацијата на жртвите во...

Македонија2 дена

Османи: Со Бугарија сме најблиски соседи, блиски пријатели и можеме да си помагаме и во добро и во лошо

„Бугарските институции постапија професионално и им обезбедија мир на семејствата на жртвите, бидејќи имаше премногу шпекулации, што дополнително ги оптоваруваше...

Свет2 дена

Можеме да ги приспособиме вакцините кон новата варијанта за околу 100 дена, велат од „Фајзер“

Производителите на вакцини изразија уверување дека ќе можат брзо да ги приспособат своите вакцини доколку се прошири варијантата Омикрон. Новиот...

Свет2 дена

Автобус се заби во куќа во Мексико, најмалку 19 загинати

Најмалку 19 лица загинаа, а 32 се повредени во автобуска несреќа што вчера се случи во Мексико, кога автобус се...

Досие