Македонија
Тројца штипјани биле претседатели на три држави
Штип можеби е единствениот град во светот во кој се родиле тројца претседатели на три држави, пишува историчарот Александар Донски, кој објавува текстови на веб-страницата на Општина Штип со цел јавно претставување и промоврање на градот.
КИРО ГЛИГОРОВ (1917 – 2012). Како што знаеме, тој беше прв претседател на Република Македонија по нејзиното осамостојување, а бил и македонски партизан, учесник во АСНОМ, македонски и југословенски политичар. Потекнувал од штипско занаетчиско семејство од маалото Стар Конак. Основно и прогимназиско училиште завршил 1932 година во Штип, а средно образование завршил во Скопје 1936 година. Од 1936 до 1940 студирал на Правниот факултет во Белград. Таму членувал и бил секретар на КУД „Вардар“, а членувал и во илегалното Македонско народно движење поради што бил уапсен од српската полиција, но поради недостиг на докази, бил ослободен. По завршувањето на студиите, кратко работел во Белград, но по почнувањето на Втората светска војна, се вратил во Скопје, каде што работел како адвокат. Поради неговите промакедонски ставови, бил притворен и од бугарската полиција. Потоа се вклучил во илегалниот антифашистички отпор, при што соработувал со Кузман Јосифовски-Питу и со други борци. Во 1943 учествувал во работата на Антифашистичкиот народноослободителен комитет (АНОК), каде што се разгледувало прашањето за создавање македонска држава во рамките на Југославија. Притоа на иницијатива на Глигоров и Благој Хаџипанзов до Главниот штаб на НОВ и ПОМ било упатено несогласување со југословенската концепција на решавањето на македонското прашање и било побарано обединување на Македонија. Нивниот предлог бил одбиен. Во мај 1944 Глигоров отишол во партизани, а (како член на АНОК) бил поканет да се вклучи во подготовката на АСНОМ по што бил избран за секретар на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. За време на Првото заседание на АСНОМ (2.8.1944) Глигоров бил записничар, а бил избран и за член на АВНОЈ (зачетник на новата југословенска влада). Учествувал и на Второто заседание на АСНОМ, каде што бил избран за повереник за финансии при Президиумот на АСНОМ. По војната, извршувал низа функции на сојузно ниво, меѓу кои и сојузен секретар (министер) за финансии на Југославија, Потпретседател на Сојузниот извршен совет (владата на Југославија), претседател на Собранието на СФРЈ и други. По осамостојувањето на Р. Македонија и по изгласувањето на декларацијата за сувереност на државата, на 27 јануари 1991 година, од страна на Собранието на Република Македонија Глигоров бил избран за прв претседател на нашата држава. На изборите во 1994 година бил повторно избран за претседател на Република Македонија. На 3 октомври 1995 година му бил извршен неуспешен обид за атентат во Скопје, во кој Глигоров бил ранет, а две лица го загубиле животот. По закрепнувањето, Глигоров ѝ се вратил на претседателската должност сѐ до 1999 кога завршил неговиот втор мандат по што и натаму дејствувал со предлози и совети до неговите политички наследници. Починал во длабока старост на возраст од 94 години. Киро Глигоров е застапен во Гинисовата книга на рекордите како најстар претседател на една држава.
Втор штипјанец што стигнал до политичкиот врв на една држава бил академик ТОДОР ПАВЛОВ (1890 – 1977). Тој бил претседател на Бугарската академија на науките (БАН), политичар и филозоф. По превратот во Бугарија и доаѓањето на Отечествениот фронт на власт на крајот од 1944 година, штипјанецот Тодор Павлов бил еден од тројцата регенти (управители, т.е. практично претседатели) на Бугарија. Потоа бил член на Президиумот на Народното собрание, а од 1947 до 1962 година бил претседател на Бугарската академија на науките (БАН). Бил и почесен претседател на Сојузот на бугарските писатели. Во филозофските кругови во светот е познат како еден од главните промотори на теоријата на одразот. Иако бил со бугарска национална свест, сепак забележани се и негови промакедонски изјави, наведува авторот на текстот.
Третиот роден штипјанец што стигнал до највисоката политичка функција – претседател на држава – бил МЕХМЕТ ТЕКИН АРИБУРУН (1903 – 1993). Се родил во Штип во семејството на Хусеин Авни, кој бил мајор во турската армија за време на Првата светска војна. Татко му се родил во Битола, но во 1898 година бил прекомандуван во Штип, каде што во 1903 година се родил Мехмет. Се иселиле од Македонија по балканските војни во 1912 година, а подоцна татко му учествувал како командант во битката кај Галиполе во 1915 година, каде што и загинал. Мехмет ја продолжил семејната традиција и во 1925 година го завршил Турскиот воен колеџ, а во 1929 бил испратен во Велика Британија на воздухопловна обука. Во 1935 година дипломирал на Турската воена академија. Во 1959 година бил промовиран во армиски генерал и главен командант на турската воена авијација. По воениот удар во 1960, тој бил принудно пензиониран од страна на воената хунта по што ја почнал својата политичка кариера. Во 1961 година бил избран за сенатор, а од 1970 до 1977 бил претседател на турскиот сенат. Во 1973 кратко време привремено ја извршувал и функцијата претседател на Турција. Бил полиглот и зборувал англиски, германски, француски и италијански. Во 1978 година Мехмет Текин Арибурун како висок турски политички функционер за време на посетата на Југославија посакал да дојде и во родниот Штип. Желбата му била исполнета и тој бил пречекан со сите почести. Го посетил ридот Исар, но не успеал да се сети каде се наоѓала неговата родна куќа бидејќи уште како мал го напуштил Штип. Само се сеќавал на чешмата Коџалица (на фотографијата), која, за жал, тогаш веќе била урната. Тој е последниот претседател на Турција роден надвор од територијата на денешната држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Црвениот крст од Кочани однесе помош за човекот кој на 112 пријави дека три дена е оставен без храна
Службите на Црвен крст од Кочани утрово однесоа помош до Ванчо Димитров, неподвижен човек во селото Видовиште откако тој вчера самиот се пријавил на бројот за итни случаи 112 дека е во многу лоша здравствена состојба и три дена е без храна. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) го пријавија случајот, но неколку институции се прогласиле за ненадлежни да му помогнат.
Црвениот крст кај Димитров дома однесе два хуманитарни пакети со конзервирана храна.
Македонија
Магла на патниот правец Шипковица – Попова Шапка, видливост до 40 метри
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено во зимски услови, по претежно влажни коловози.
На патниот правец Шипковица – Попова Шапка има појава на магла со видливост до 40 метри, информира Автомотосојузот на Македонија.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
Македонија
Петрушевски: ДУИ 20 години бира судии, точно ги знаат правните процедури, но одбраа да приредуваат политички циркус
ДУИ 20 години бира судии, точно ги знаат правните процедури, и како одлучува Уставниот суд, но и покрај тоа одбраа да приредуваат политички циркус, за да го одвлечат вниманието од јавноста од тоа што 20 години ја крадеа државата, изјави на денешната прес-конференција пратеникот Бране Петрушевски.
Тој истакна дека ДУИ 20 години ги краде Албанците и Македонците, а секогаш се повикува на Албанците кога треба да краде или кога се спречени во тоа, како сега.
-Стравот на ДУИ е затоа што доаѓа време за одговорност на нивните криминални функционери, кои додека продава патриотизам дебело се нафатирале, а граѓанинот Албанец и Македонец се иселил. ДУИ се демаскирани, сите гледаат дека нивното политичко делување последните неколку месеци е само во насока на заштита на политичките криминалци кои ја ограбија државата. Наместо да седат на ладно, подобро ќе биде да се реформираат како партија, зошто бргу од денес доаѓаат локални избори, да не им се случи уште поголемо изненадување, вели пратеникот.
Петрушевски нагласува дека Владата нема да дозволи никаква опасност по мирот. Институциите се на висина на задачата и заедно со нашите меѓународни партнери разменуваат информации, ја следат состојбата и ќе делуваат според потребата.