Македонија
Уапсени полицајци – дозволиле студенти од Турција нелегално да престојуваат во земјава
По неколкумесечна предистражна постапка, денеска полициски службеници од Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал извршија претреси на 15 локации во Скопје, Штип и ГП Долно Блаце. Притоа се приведени 11 лица, а две лица се недостапни на органите на прогонот.
„Осомничените физички лица од месец јануари до месец април годинава во Штип, со искористување на своето претпоставено влијание врз осомничените полициски службеници од ГП Блаце и инспектори од Секторот за странци во Штип, со кои имале претходно воспоставени пријателски односи, во најмалку четири наврати овозможиле на најмалку пет странски државјани кои незаконски престојувале во РСМ непречено да го регулираат својот престој. Осомничените физички лица за определена награда посредувале и преземале дејствија со цел турските државјани чиј рок за одобрен престој заради студирање им бил истечен да се стекнат со дозвола за одобрен привремен престој во РСМ“, соопшти Обвинителството.
Осомничените полициски службеници прифаќајќи го влијанието од посредниците, со намера да прибават за себе имотна корист, ги пречекориле границите на своите службени овластувања и не ја извршиле својата службена должност. Имајќи предвид дека незаконскиот престој согласно одредбите од Законот за странци е прекршок за кој е предвидена прекршочна санкција – глоба во износ од 50 до 250 евра во денарска противвредност, осомничените го оштетиле и Буџетот на РСМ.
Јавниот обвинител имајќи ги предвид околностите, оцени дека се исполнети условите и до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе поднесе предлог за определување на мерката притвор за петмина осомничени, додека за осум лица предлог за определување мерки на претпазливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: Се враќа целосната функционалност на Комисијата за односи меѓу заедниците, нов чекор за зајакнување на Охридскиот рамковен договор
Со години, Комисијата за односи меѓу заедниците беше ставена на маргините, оценуваат од „Вреди“.
„Беше де факто ослабена од политиките на ДУИ. Нејзината улога беше ослабена. Ја изгуби реалната тежина во процесите на одлучување, иако произлегува од Охридскиот рамковен договор.
Од денес, тоа се менува. На чело на Комисијата е избран пратеникот на „Вреди“, Аднан Азизи. Тој ќе предводи нова фаза. Фаза на целосна функционалност и јасна институционална одговорност.
Комисијата повеќе нема да биде формалност. Таа ќе биде активен орган. Функционален механизам со реално одлучување и директна одговорност за правична и соодветна застапеност, употребата на јазиците, образованието и културата, со цел целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор и Бадинтеровиот принцип“.
„Вреди“ како што додаваат од партијата, става крај на практиките на институционално занемарување. Законот за правична и соодветна застапеност, подвлекуваат дека ќе се спроведува со целосна сериозност. Според нив, институционалната еднаквост повеќе нема да остане само на хартија.
Македонија
Савески-Хрицова: разговарано за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески и амбасадорката на Словачката Република Ивета Хрицова на заедничка средба ги разгледаа можностите за идна соработка особено во областа на реализацијата на европските реформи во работата на Јавното обвинителство.
Меѓу клучните активности во претстојниот период, преку контакти со словачкото обвинителство, ќе биде иницирана размена на искуства во повеќе области, студиски посети, како и испитување на можностите за потпишување меморандум за соработка меѓу македонското и словачкото обвинителство.
Савески и Хрицова разговараа и за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките.
Македонија
Утре променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Утре ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утре ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Во недела ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
