Македонија
Унијата на ЗМСТАС: Договорите на дело за медицинските сестри, за кои беше ветувано дека ќе бидат трансформирани во редовен работен однос, не се случија

„Договорите на дело за медицинските сестри, за кои подолго време во здравствените институциите беше ветувано дека ќе бидат трансформирани во редовен работен однос, не се случија“, велат од Здружението на медицинските сестри, техничарите, акушерките и стоматолошките сестри.
„Напротив, како и во многу наши претходни укажувања, во меѓувреме некои добија продолжување на недостоинствените договори, а на други во текот на вчерашниот ден им беше соопштено повеќе да не доаѓаат на работа бидејќи не им се продолжени.
По ова известување, медицинските сестри биле повикани повторно да се вратат во институциите поради неможноста за организирање на работата, со ветување дека недостоинствените договорите ќе им бидат продолжени.
Во ваков статус на договор на дело сестрите се ангажирани на три начини: преку агенции, преку проекти и преку интерни правилници на здравствените институции. По сите овие начини, нам сè уште не ни е познато по кои критериуми тие не добиваат ист финаниски надоместок“, велат од ЗМСТАС.
„До нашата Унија пристигнаа поразителни информации дека конкретно во Кичево пет медицински сестри,веќе три месеци работат без продолжен договор и без финансиски надоместок.
Особено сакаме да нагласиме дека и покрај ваквиот хаос во здравствениот систем, имаме институции кои отворено продолжуваат да бараат сестри за недостоинствениот договор на дело, меѓутоа повеќе нема заинтересираност.
Оваа ситуација во која ја измешавме политиката со здравјето на пациентите, Унијата е загрижена за професионалноста што се испорачува во институциите.
Поради ваквите настани, голем дел од образованите сестри со вештини заминаа и заминуваат од нашата земја. Останавме во здравствените институции сестринството да го браниме со срамна политичка реторика и национално пребројување.
Овој викенд се вративме од третата меѓународната конференција – Балканската асоцијација на медицинските сестри, каде што токму оваа тема беше ставена на дневен ред како голем проблем во нашата земја.
Апелираме инвестицијата во сестринството да нема транзициски периоди и политики за доброто на пациентите како стратегија за здрава нација.
Мора да се пристапи кон решавање на статусот на сестрите во редовен работен однос и повеќе да не постои никакво отстапување бидејќи сето ова е за доброто на сите нас.
Унијата во секое време може да понудии соодветни решенија за надминувања на проблемите“, изјави сестра Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС – „За нас“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Од денес хероите имаат име – Јован Костадинов, велат од неговата гимназија

Со ракоплескање и прегратки беше дочекан денес 19-годишниот Јован Костадинов од гиманизијата „Ванчо Прќе“ од Виница, кој спаси 21 живот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Од денес хероите имаат име – Јован Костадинов! Велат дека херојот не е оној кој бестрашно се бори, туку оној кој ја пружа раката за помош во моментите кога другите се изгубени. Но ти Јован не само што ја пружи раката на повеќе од 20 млади луѓе, туку и бестрашно се вивна во пламените јазици да ги спасиш своите врсници не размислувајќи за сопствениот живот. Бравооо Јован за херојството и несебичната поддршка, горди сме што си дел од нашето училиште“, вели Радмила Манчевска, психолог во гимназијата „Ванчо Прќе“.
Градоначалникот на Виница, Миле Петков, најави дека ќе предложи да се додели плакета за хуманост и храброст на Јован. Исто така ќе предложи да се додели и стипенија, бидејќи Јован е сега матурант за 4 годишни студии на универзитетите.
Утрово Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија изјави дека Костадинов е испишан од болницата во одлична состојба. Тој беше хоспитализиран седум дена, а од вчера е пуштен на домашно лекување. Јован беше примен на Клиниката поради белодробни тешкотии, односно поради вдишување зголемени концентрации јаглероден моноксид.
За храброста на Јован, говореше и министерот, Арбен Таравари кој потсети дека младото момче влегувало во опожарената дискотека повторно и повторно, не еднаш, не двапати, туку повеќе од 20 пати, за да им помогне на оние што биле заробени од пламените јазици.
„Го ризикуваше сопствениот живот за да спаси други. Неговото тело ги носи лузните од неговото јунаштво, но неговото срце носи нешто далеку поголемо: почитта, восхитот и љубовта на целата нација. Јован не е само херој на Кочани. Тој е херој на целата наша држава. Симбол на тоа што значи да се стави човечноста над стравот. Потсетник за сите нас колку многу може да направи еден човек со големо срце“, напиша Таравари на социјалните мрежи.
„Макфакс“ по пожарот го објави сведочењето на мајка на момче кое Јован го спасил кобната ноќ на 16 март. Таа тогаш кажа: „Во најтемните моменти на паника и хаос, кога сите беа збунети и во страв, Јован се појави како светлина на надеж. Без да размислува, го зеде мојот син кој беше под рушевините на дискотеката и го носеше на својот грб низ огнот и чадот, се до болницата во Кочани, со цел да го спаси, додека сите наоколу бегаа и се бореа за својот живот“.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 59 лица. Локалното население деновиве сведочеше дека без Јован, обезбедувањето и уште неколку храбри луѓе кои загинаа помагајќи на други, бројот на жртви ќе беше далеку поголем.
Македонија
Владата: Усвоени се низа на мерки насочени кон зајакнување на економската стабилност

Владата денес ја одржа редовната 63-та седница, на која беа усвоени низа важни мерки насочени кон зајакнување на економската стабилност, подобрување на јавните услуги и зголемување на транспарентноста во владеењето. Овие одлуки, како што велат од Владата, ја одразуваат нивната заложба за постигнување конкретни резултати.
На денешната седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за утврдување на минималната плата за 2025 применувајќи ги законски утврдените критериуми, каде минималната плата за 2025 година ќе бележи пораст од 2,685 денари во бруто износ, односно 1,812 денари во нето износ. Владата континуирано продолжува да го подобрува животниот стандард на граѓаните преку стабилен раст на економијата.
Воедно, на денешната седница на Владата, се усвоија предлозите за измени и дополнувања на седум закони кои се во надлежност на Министерството за транспорт.
„Имајќи ги предвид последните трагични случувања, сѐ има за цел вршење на почести контроли на сите иматели на лиценци, дозволи и одобренија односно овластувања. Имајќи предвид дека се издаваат многу лиценци, одобренија, дозволи или овластувања од страна на Министерството за транспорт овие законски измени имаат за цел да предвидат законска обврска двапати годишно да се врши таа проверка на сите иматели на лиценци издадени согласно Закон. Тоа секако не ја исклучува можноста да се вршат повеќе контроли односно почести од предвидените со закон, се со цел обезбедување на квалитетни услуги и сигурност на граѓаните кои се корисници на тие услуги од лицата иматели на лиценци“, велат од Владата.
Дополнително, законските измени предвидуваат за следните контроли жалбата да не го одлага извршувањето односно суспензијата ќе оди веднаш.
Се додава дека овие активности ја потврдуваат нивната посветеност за вистински, конкретен напредок кој има за цел да го подобрува секојдневниот живот на граѓаните.
Македонија
СДСМ: Јавното обвинителство и МВР не одговараат на нашите прашања

Кој е Бране Петрушевски да одговара на прашања упатени до МВР и Јавното обвинителство, прашува СДСМ.
„Скандалозно е ова што го прави власта. Поминаа два дена од поставените легитимни прашања на СДСМ кон МВР и Јавното обвинителство, а досега одговори нема.
Дали актуелните командири, инспектори и раководството на БЈБ и МВР во ОВР Кочани и СВР Штип – кои биле одговорни по закон да го обезбедат настанот – се изземени од истрагата?
Дали е точно дека сите седум вработени во МВР кои се приведени, не биле на функции вечерта на трагедијата?
Како е можно да не се истражуваат лица кои вечерта биле на одговорни позиции со законска должност да постапат – но не го сториле тоа?
Зошто актуелниот директор на ДПИ, Влатко Стојкоски не е опфатен со истрагата?
За овие легитимни прашања молчи Јавното обвинителство, молчи МВР, во нивно име одговара ДПМНЕ.
Тоа што наместо институциите одговара партијата ДПМНЕ уште повеќе ги подгрева сомнежите за селективна правда и политички манипулации со случајот.
Селективната правда не е никаква правда. Граѓаните очекуваат неселективна правда и одговорност од сите!
А ДПМНЕ нема што да одговара во името на институциите“, се вели во соопштението на СДСМ.