Македонија
Уставниот суд ќе расправа и за амнестираните за 27 април – Мукоски, Василевски и Тарчуловски

Уставните судии на седницата в среда, како шеста точка на дневен ред, ќе расправаат дали да ја прифатат иницијативата за оценка на уставноста на амнестијата на обвинетите за упадот во Собранието од 27 април 2017 година.
Иницијативата се однесува на членовите 1 и 2 од Законот, со кој беа амнестирани лица извршители на упадот во Собранието. Нема информација кој е подносител на барањето до Уставниот суд.
Со Законот, кој се спори пред Уставниот суд, се ослободија од кривично гонење, се запреа поведените кривични постапки и целосно се ослободија од издржување на казната затвор лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието.
Од судењето беа амнестирани пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски, како и водачите на „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски Бетмен, Борис Дамовски и Владо Јовановски и други осомничени и обвинети лица.
На останатите 16 обвинети во тој процес, судијката Добрила Кацарска, им пресуди вкупна затворска казна од 211 години за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Шест уставни судии веќе ја прифатија иницијативата за преиспитување на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година, што му овозможи на поранешниот претседател, Ѓорѓе Иванов, да ги поништи помилувањата кои самиот ги даде во април 2016 година за 56 лица, меѓу кои речиси целокупниот врв на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце и Пелинце се чека околу еден час на Богородица околу 40 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
На ГП Богородица времето на чекање за излез од државата е околу 40 минути.
На ГП Табановце и ГП Пелинце се чека околу 1 часа за влез и излез од државата. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 09.08.2022 до 20.08.2022 на патниот правец раскрсница Маврово – Галичник Р- 2238 поради изведување градежни работи (асфалтирање) сообраќајот е во прекин помеѓу 10:00 и 16:00 часот. Работите се изведуваат само во работни денови.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај до 01.10.2022 за возила со вкупна маса до 3,5 тони.
Македонија
Променливо облачно и свежо, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Денеска се очекува променливо облачно и свежо време, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Локално ќе има појава на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и услови за појава на град.
На места ќе наврне поголема количина на воден талог. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 21 до 28 степени. УВ=6
Во Скопје променливо облачно со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, во делови од котлината со пообилни врнежи. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Од понеделник ќе настапи постепено стабилизирање на времето со брз пораст на дневните температури.
Македонија
(Видео) Силно невреме го зафати Кавадарци, паднати дрва, поплавени улици и подруми

Силно невреме проследено со интензивен пороен дожд, силен ветер и електрични празнења вечерва го зафати Кавадарци, пишува на социјалните мрежи градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.
„Според првичните информации, до повикувачкиот центар во општината, се пристигнати дваесетина пријави за поплавени подрумски простории.
Екипи на ТППЕ Кавадарци, ЈП Комуналец и “Мој општинар” се на терен.
За половина час наврнале 40 литри/м2. На улица ,”Беласица” се отстранува паднато дрво од силниот ветер, а се расчистуваат и наноси од кал“, информира Јанчев.
Од силниот дожд вода има навлезено и во зградата на општина Кавадарци.
Од општина Кавадарци ги известуваат сите граѓани кои имаат
било каков проблем да се јават во Кол Центарот на општината на бројот 13 300.
За невремето информираат и од Центарот за управување со кризи.
„Вечерва подрачјето на Кавадарци го зафати невреме проследено со обилни врнежи на дожд. Од невремето поплавени се десетина подруми од куќи, како и средишниот дел од главната ул.7-ми Септември на која во моментот 3 екипи со механизација работат на расчистување, а за испумпување на водата од поплавените подруми на терен се екипи од пожарната од Кавадарци со 2 пумпи и екипа од Комуналец од Кавадарци со две пумпи“, стои во објавата на фејсбук од страна на ЦУК.