Македонија
Ученик од Миравци дискриминиран поради фризурата од директорката и од класната

Комисијата за спречување на дискриминацијата на крајот на декември донесе одлука за утврдување на директна дискриминација врз ученик во основното училиште „Свети Климент Охридски“ во гевгелиско Миравци.
Се започнало во септември кога директорката и класната на ученикот инсистирале тој да доаѓа среден на училиште, но и кога детето дошло со скратена коса само од страните, а горниот дел фатен во опавче, тие ја побарале неговата мајка на телефон.
Додека траел разговорот, како што стои во претставката поднесена од неговата мајка до Комисијата, тој вознемирен и расплакан сам со ножици си го отсекол опавчето.
Кога следниот ден дошол со таква фризура на училиште директорката инсистирала да се почитува кодексот на улиштето и покрај тоа што во училиштето со иста фризура имало еден вработен и девојче од осмо одделение.
Но, откако педагогот и укажал на мајката дека нејзиниот син ќе добие укор пред исклучување, убедувајќи ја дека никаде не е дозволена таква фризура, таа случајот го пријавила пред надлежните.
Со оглед на тоа, мајката го пријавила случајот до надлежните, по што Комисијата за спречување на дискриминацијата ја разгледала жалбата и утврдила дискриминација врз основа на родови стереотипи. Комисијата препорачала училиштето да ги ревидира своите интерни акти и да се воздржи од такви дејствија во иднина. Во спротивно, во рок од три месеци ќе се покрене прекршочна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Митева: Добивме донација на уреди за филтрација на воздух во вредност од 1.000.000 евра, ќе бидат распределени во градинките, училиштата и болници

Денес и формално, Владата потпиша договор за донација на 255 системи за филтрација на воздух со ЕКОТИП ДООЕЛ Скопје, компанија лидер во областа на филтрација на воздухот во вредност од 1.000.000 евра. Овие уреди, кои ги донира ЕКОТИП ДООЕЛ Скопје, како долгогодишен партнер на реномираниот германски производител MANN & HUMMEL ќе бидат распределени во градинки, училишта, болници и други критични јавни установи, каде што квалитетот на воздухот е од клучно значење, информира Марија Митева, портпаролка во Владата.
„Загадувањето на воздухот останува еден од најсериозните еколошки и здравствени предизвици во Македонија. Во контекст на напорите на Владата во преземањето значајни мерки за намалувањето на загадувањето на воздухот преку капитални проекти, како Влада активно работиме на долгорочни стратегии и решенија за намалување на загадувањето, преку инвестиции во одржливи енергетски решенија, зголемена контрола на емисиите и поддршка на зелени технологии. Сепак, додека спроведувањето на овие мерки бара време, ваквите брзи и ефикасни донации од приватниот сектор се од суштинско значење за заштита пред се на здравјето на граѓаните. Сепак, успехот во оваа област зависи од заедничките напори на сите сектори. Затоа како Влада особено го истакнуваме значајниот придонес на приватниот сектор, како што е оваа донација од 255 системи за филтрација на воздухот во вредност од 1 милион евра“, посочува Митева и додава:
„Дозволете ми дополнително, во име на Владата да истакнам дека безрезервно ја цениме и посетата на претставниците на реномираниот производител MANN & HUMMEL, кои заедно со тимовите од Владата и ЕКОТИП ДООЕЛ Скопје ќе продолжат да ги разгледуваат можностите за понатамошна соработка во рамките на долгорочни и можности за дополнителни одржливи решенија. Се надеваме дека овој пример ќе послужи како инспирација за други компании да се вклучат да придонесат во заедничката борба за почист воздух и се разбира поздраво општество. Ние како Влада остануваме и понатаму посветени при преземање на активности против аерозагадувањето.“
Македонија
САД внимателно ги следат случувањата во правосудниот систем, сакаме почитување на законот, порача Агелер

САД внимателно ги следат случувањата во правосудниот систем, изјави американската амбасадорка Анџела Агелер.
Таа нагласи дека она што сакаат да го видат е дека во сите процеси се почитува законот.
Агелер нема коментар за владиниот предлог за разрешување на Коцевски, кажа дека процесот се следи одблизу.
„Немам коментар, запознаена сум и го следиме процесот, според моите сознанија во тек е процесот согласно законските процедури и одблиску го следиме“, рече Агелер.
Појасни дека одблизу се следат и случувањата во Судскиот совет.
„Одблиску го следиме и тој процес. Очигледно со години посочуваме во однос на Судскиот совет, но и за други аспекти на правосудниот систем, постојат законски процедури и според моите сознанија тој процес е во тек и одблиску ги следиме состојбите и сакаме да видиме дека законот се почитува“, нагласи Агелер.
Македонија
Муртезани и Кацарска потпишаа Меморандум за соработка помеѓу МЕП и ЕПИ

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани и директорката на Институтот за европска политика (ЕПИ), Симонида Кацарска денеска во Министерството за европски прашања (МЕП) на Република Северна Македонија потпишаа Меморандум за соработка, со што ја официјализираа заедничката заложба на МЕП и ЕПИ за успешно реализирање на проектот „Следење на реформи и раст во ЗБ“ (WB Reform and Growth Monitor).
Проектот кој е финансиран од Европската Унија, има за цел да овозможи граѓанските организации од регионот активно да придонесат во дизајнирањето и веродостојното спроведување на реформите поврзани со четирите столба на Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан.
Преку оваа соработка, МЕП и ЕПИ ќе работат заедно на следење и анализирање на спроведувањето на Реформската агенда 2024-2027, како би се обезбедило засилено учество во реформските процеси, поттикнување на транспарентноста и зголемување на влијанието на граѓанските организации во креирањето на политики. Ова партнерство претставува значаен чекор кон градење на инклузивен и ефикасен механизам за следење на реформите, кои се од суштинско значење за економскиот и општествениот развој на Северна Македонија и регионот.