Македонија
УЈП најави засилени контроли на таксистите
Управата за јавни приходи ги информира сите вршители на автотакси-превоз на патници дека во наредниот период ќе се спроведуваат засилени контроли, со посебен акцент на издавањето фискални сметки и почитувањето на одредбите од Законот за регистрирање на готовинските плаќања.
Контролите ќе се спроведуваат во соработка со други надлежни институции во целата држава, особено во туристичките региони, каде што во летниот период се зголемени фреквенцијата на патници и активноста на автотакси-превозниците.
„Даночните обврзници, кои вршат автотакси-превоз, должни се да користат мобилни фискални апарати со интегриран ГПРС-уред; да го регистрираат остварениот промет во фискалниот апарат; да издаваат фискална сметка за секоја услуга во готовински промет; да го евидентираат прометот во книгата на дневни финансиски извештаи за секоја фискална каса поединечно; да го уплатат дневниот промет на трансакциска сметка кај носителот на платен промет најдоцна наредниот работен ден; да имаат јасно и видно истакнато соопштение за задолжително барање фискална сметка од страна на корисниците на услугата“, соопшти УЈП.
Доколку граѓаните имаат сознанија за неправилности поврзани со автотакси-превозот или неиздавање фискални сметки во која било дејност, може да пријават преку бесплатната телефонска линија: 198 или преку е-поштата: info@ujp.gov.mk.
„Управата за јавни приходи ги разгледува добиените претставки и постапува во согласност со своите надлежности. Апелираме до сите автотакси-превозници, како и до сите даночни обврзници, да постапуваат во согласност со законските прописи со цел зајакнување на даночната усогласеност и подобрување на даночната дисциплина“, велат од УЈП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
