Македонија
Фатиме Фетаи: Секој што згрешил мора да одговара
„Никој не е недопирлив“, вели обвинителката Фатиме Фетаи по проширувањето на истрагата за случајот „Рекет“ и приведувањето на шефицaта на СЈО, Катица Јанева, кoја од вчера е во 30-дневен притвор во затворот „Скопје“.
„Ова што се случува може да биде само добар показател дека секој што згрешил пред законот мора да одговара и дека работите, конечно, се придвижуваат во позитивна насока во државата и дека никој не е недопирлив“, рече Фетаи утрово пред судот, каде што имаше закажано рочиште. Таа смета дека евентуалната одговорност на Јанева не смее да ја оцрни и целата институција, но и да се заборави на борбата против криминалот.
„Евентуалната индивидуална кривична одговорност на еден од обвинителите во СЈО не смее да биде изговор и оправдување за да се заборави целокупниот криминал што се направи изминативе години и ние да ја запреме нашата борба. Тимот на СЈО е во целост посветен на борбата за правда и ние продолжуваме со она што е наша работа – застапување предмети во судница“, вели Фетаи.
Во случајот „Рекет“, кој беше обелоденет на 15 јули годинава, осомничени се и Бојан Јовановски и Зоран Милевски. Обвинителството ги сомничи тројцата дека од бизнисменот Јордан Камчев изнудиле 1,5 милион евра во замена за олеснување на постапката против него во случајот „Империја“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
