Македонија
Фетаи: Обвинителството има законска обврска да го повика Ахмети на распит поради Груби
Вицепремиерот Арбен Фетаи вели дека Обвинителството треба да го повика на распит првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, бидејќи во изјава за јавноста кажа дека знаел за локацијата на Артан Груби.
Според Фетаи, обвинителството има законска обврска да го повика Ахмети.
„Али Ахмети изјави дека има сознанија за локацијата на Артан Груби, по кого има меѓународна потерница. Јавното обвинителство, врз основа на оваа јавна изјава, има законска обврска да го повика Али Ахмети да го праша каде се наоѓа лицето кое го гони правдата на државата“, напиша Фетаи.
Инаку, првиот човек на ДУИ, Али Ахмети вели дека Артан Груби не е во бегство, бидејќи се наоѓа на албанска територија, давајќи му етничка конотација на бегството на поранешниот втор човек на партијата, вели Фетаи.
Ахмети вети дека Груби ќе се врати и ќе се појави пред органите на прогонот, „но правдата не смее да биде одмаздничка и селективна“.
„Господинот Груби, според информациите што ги имам, не сум го сретнал, но е во ред. Неговата локација е секако на албанска територија, тоа е процес на кој мора да има епилог. Тој не побегнал од Македонија, подготвен е да се појави пред органите на правдата за да ги почитува законите, но не во одмазничка и селективна правда“, рече претходно Ахмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: Се враќа целосната функционалност на Комисијата за односи меѓу заедниците, нов чекор за зајакнување на Охридскиот рамковен договор
Со години, Комисијата за односи меѓу заедниците беше ставена на маргините, оценуваат од „Вреди“.
„Беше де факто ослабена од политиките на ДУИ. Нејзината улога беше ослабена. Ја изгуби реалната тежина во процесите на одлучување, иако произлегува од Охридскиот рамковен договор.
Од денес, тоа се менува. На чело на Комисијата е избран пратеникот на „Вреди“, Аднан Азизи. Тој ќе предводи нова фаза. Фаза на целосна функционалност и јасна институционална одговорност.
Комисијата повеќе нема да биде формалност. Таа ќе биде активен орган. Функционален механизам со реално одлучување и директна одговорност за правична и соодветна застапеност, употребата на јазиците, образованието и културата, со цел целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор и Бадинтеровиот принцип“.
„Вреди“ како што додаваат од партијата, става крај на практиките на институционално занемарување. Законот за правична и соодветна застапеност, подвлекуваат дека ќе се спроведува со целосна сериозност. Според нив, институционалната еднаквост повеќе нема да остане само на хартија.
Македонија
Савески-Хрицова: разговарано за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески и амбасадорката на Словачката Република Ивета Хрицова на заедничка средба ги разгледаа можностите за идна соработка особено во областа на реализацијата на европските реформи во работата на Јавното обвинителство.
Меѓу клучните активности во претстојниот период, преку контакти со словачкото обвинителство, ќе биде иницирана размена на искуства во повеќе области, студиски посети, како и испитување на можностите за потпишување меморандум за соработка меѓу македонското и словачкото обвинителство.
Савески и Хрицова разговараа и за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките.
Македонија
Утре променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Утре ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утре ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Во недела ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
