Македонија
Филипче: Во зимските денови граѓаните да се воздржат од големи семејни прослави

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција говореше за состојбата предизвикана од коронавирусот во земјата. Бројот на заразени во овој период се движи од 400 до 700 случаи дневно.
„Засега нема да има препорака за некои нови рестриктивни мерки, апсолутно сметаме дека овие се сосема доволни, со тоа што треба да се почитуваат“, посочи Филипче.
Министерот нагласи дека основните принципи на кои се темелат сите мерки во борбата со пандемијата се носењето маски, држењето дистанца, честото миење раце и вакцинирањето.
Филипче рече дека мерките кај нас се еднакви како во сите развиени земји и нагласи дека излезот од кризата е вакцинацијата на населението.
Тој апелира на поголема внимателност кај граѓаните во текот на зимските месеци.
„Остануваме засега со истите мерки и апелираме сите да се придржуваат. Доаѓаат семејни слави и апелирам граѓаните и оваа година како и претходните, ако може, да не ги организираат или да ги организираат во помал семеен круг. Сепак, такви поголеми собири, каде што не се почитуваат мерките, се ризик за епидемиолошката состојба да се влоши“, истакна министерот.
Во однос на некои мерки што се преземаат во регионот и какви се ефектите од тоа, Филипче најави дека ќе се дискутира следната недела.
„Апсолутно, ако има некаква мерка што нам ќе ни помогне, ние тоа ќе го направиме“, изјави министерот.
Тој истакна и дека сега здравствениот систем е преоптоварен во делот на ковид-центрите од невакцинирни пациенти.
„Вакцинираните пациент, имаат очигледно полесна клиничка форма и ако продолжи тој тренд, повторно ќе бидат преоптоварени болниците како што се сега во Србија, Хрватска, Бугарија и во Грција. Апелирам граѓаните да се вакцинираат, има доволно вакцини, пунктовите работат. Тоа е излезот од кризата“, посочи Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Зградата на МНР светна во боите на Германија по повод посетата на Бербок

По повод на утрешната посета на сојузната министерка за надворешни работи на Сојузна Република Германија Аналена Бербок, зградата на Министерството за надворешни работи е осветлена со боите на германското знаме.
Предвидено е Бербок за време на посетата да оствари средба со нејзиниот македонски колега, Бујар Османи, пришто како што најавија од МНР, двајцата ќе разговараат за пристапниот процес на државата во ЕУ, како и за уставните измени.
„Германија продолжува да биде еден од најсилните промотори на европската интеграција на Регионот“, велат од Министерството.
Во рамки на својата прва посета на земјава, министерката Бербок, ќе биде примена и од претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Владата Димитар Ковачевски и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, а ќе оствари средби и со парламентарната Комисија за надворешна политика, како и со претставници на опозициските партии.
Македонија
Од „Ќе видиш што ќе ти се случи“ до сечење гуми од автомобил – градоначалникот на Штип за заканите: Мислев ќе помине

Закани со зборовите „Ќе видиш што ќе ти се случи“ завршиле со сечење на гуми од автомобил. Вака градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов ги опишува претходните два месеци, за кои посочува дека бил мета на вработен бидејќи не го назначил на командирска функција. Јорданов посочува дека првично не го сфатил сериозно, се додека вчера, не биле исечени гумите на автомобилот со кој тој патува на подалечни дестинации. Вработениот сакал командирска функција во Противпожарната бригада. Јорданов за „Макфакс“ открива дека постојат и видео снимки.
„Станува збор за нереализирана лична амбиција, тоа е причината поради која тргна целата оваа работа. Заканите кои што беа вербално упатувани кон мене и трети лица, не сум одлучувал досега да ги пријавувам бидејќи мислев дека ќе помине и заврши. Ескалираше ситуацијата. Возилото со кое одам на пат во Скопје или на други подалечни дестинации го користам, а не е во моја сопственост, наменски се избушени гумите за да прати порака“, посочува градоначалникот на Штип.
На уништувањето на гумите, според градоначалникот, претходел друг настан.
„Во текот на вчерашниот ден, службените паркинг места кои ги има општината беа блокирани во неколку наврати од страна со неговото приватно возило со што јас го пријавив тоа во полиција, па дојде до тој момент“, посочува Јорданов.
Тој ги опиша и заканите кои ги добивал.
„‘Ќе видиш кој сум јас’ ‘ќе видиш што ќе ти се случи’, преку трети лица: ‘ова ќе му направам, ќе се влече по улици’.. Но тие не сум ги ставам толку важни како рeална опасност, до моментот кога видов дека не бира средства за да испрати порака“, вели тој за „Макфакс“ и додава: „Затоа и го пријавив во полиција, за да не направи друга материјална штета на мене, мои блиски, мој имот или физички да се пресмета“
Според градоначалникот на Штип, лицето сака да биде унапредено во командир на Противпожарната бригада и покрај тоа што не исполнува законски услови. Додава дека не е првпат да биде пријавуван за некој вид насилство.
„Не ги исполнува законските услови, тие се законски утврдени. Треба да има пет години работно искуство во униформа, лицето го нема тоа работно искуство. Ова мислам дека е само изговор, тоа е начин на функционирање бидејќи и поранешни градоначалници го имаат пријавувано за некој вид насилство – вербален напад, обид за физички напад, закани. Мислам дека на тој начин добива нешто и функционира“, додава Јорданов за „Макфакс“.
Вчеравечер, еден и пол час пред полноќ, градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, пријавил дека континуирано во неколку наврати добивал закани. Ова траело со месеци, а вчера затекнал и како гумите од неговото возило биле распарчени. Тој пријавил дека делото го сторил вработен во Општината.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ по изјавата на Касами: Тетово е срцето на Македонија и никогаш нема да биде центар само на една заедница

Тетово за нас е, и секогаш ќе биде срцето на Македонија и никогаш нема да биде центар само на една заедница, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по изјавата на Билал Касами.
„Објавата на градоначалникот Касами на неговиот Фејсбук профил оправдано предизвика бура на реакции кај Македонците.
Со оваа реакција на неговата објава ние како Општински комитет на ВМРО – ДПМНЕ Тетово сакаме да укажеме дека градоначалникот на Тетово треба да е свесен дека промоцијата на Тетово како центар на една заедница подразбира дискриминација на Македонскиот народ и сите други кои живеат во Тетово. Тоа ние нема да го дозволиме‼️
Градоначалникот Касами има мандат да ги следи трендовите на европските градови, а сите заедно сме тука да работиме и да придонесеме Тетово да прерасне во град во кој младите ќе сакаат да живеат а не град од кој си заминуваат. Културата и духот на животот во Тетово подразбираат меѓусебна соработка, почитување и градење на подобри услови за живот на сите кои живеат во Тетово.
На крајот сакаме да потенцираме дека улогата на градоначалникот е да создава подеднакви можности за сите без разлика на национална и верска припадност.
Се надеваме дека градоначалникот Касами веќе ја увидел тежината на зборовите во неговата објава и дека е свесен за негативните реакции кај неговите сограѓани Македонци“, велат од партијата.