Македонија
Филипче ги објави новите мерки, задолжителни за јавниот сектор
Комисијата за заразни болести утринава со консензус донела одлука да предложи нови рестриктивни мерки до Владата, а со цел заштита од коронавирусот. Министерот за здравство, Венко Филипче, соопшти дека до Владата ќе предложи сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа за да одат на работното место, да прикажат сертификат за барем една доза примена вакцина, направен ПЦР-тест не постар од 72 часа на своја сметка, потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена или потврда дека не можат да примат вакцина поради здравствени причини.
Комисијата предлага и вакцината да биде задолжителна за сите здравствени работници.
„Препорачуваме до овие мерки да се приклучат и приватните компании. Ова впрочем го докажува и писмото што ни го доставија и стопанските комори“, рече Филипче.
Тој вели дека овие мерки би стапиле во сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, а здравствените работници имаат рок од 30 дена за да се вакцинираат.
Освен тоа, Комисијата предлага да се ажурира процесот за контрола на сертификатите, од страна на МВР и на пазарниот инспекторат, односно преку достапните апликации и QR-кодовите на овие апликации да се проверува дали сертификатите што ги приложуваат лицата се валидни.
„Пред нас е зимски период, сезона на грипови, настинки, има пациенти со други болести, не е само ковидот и од тие причини не можеме да го оптоваруваме здравствениот систем и не може болниците да се занимаваат само со ковид-пациенти“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
