Македонија
Филипче: Граѓаните се жртви на неспособноста на Мицкоски, народот брои денови до плата
„Граѓаните пред 4 години поверуваа во лажниот маркетинг за подобар живот. Очекуваа подобар живот, а добија влада што живее во луксуз и во лажен маркетинг, далеку од народот. “, рече вечерва од Чучер Сандево претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Тој на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ рече дека наместо граѓаните да имаат повисоки плати и повеќе удобности тие бројат денови до следната плата.
„Пензионерите ги излажаа со формули и ветувања, работниците ги оставија без покачувања на платите, земјоделците без поддршка. Сметките растат, цените дивеат, младите си заминуваат. Секој ден е потежок од претходниот. И додека народот брои денови до следната плата, тие се расфрлаат со државни пари, летаат со приватни авиони и купуваат вина по институции. Ова не е визија, ова е небрежност и неодговорност“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ пред граѓаните зборуваше и за т.н економски „успеси“ на власта кои според него, граѓаните во реалноста ниту ги гледаат, ниту ги чувствуваат. Но се осврна и на економската состојба за која рече дека е сериозно загрижувачка.
„Го слушате премиерот Мицкоски од митинг на митинг зборува за некакви си економски „успеси“, мислејќи дека граѓаните не ја чувствуваат и не ја гледаат реалноста. Буџетот на државата е загрижувачки, приходите се реализирани само 70,78% од планираното, а расходите веќе достигнаа 72,82%. Ова значи дека до крајот на годината ќе недостигаат околу 1,4 милијарди евра, што значи повторно задолжување, нови оптоварувања за граѓаните или кратење на јавни услуги. Капиталните инвестиции се историско најниска реализација од и ова ќе биде повторно изгубена година за проекти кои требаше да создаваат работни места и економски раст. Јавниот загрижувачки долг расте, веќе достигна 62,9% од БДП, и во последните 14 месеци државата се задолжи за над 1,86 милијарди евра. А меѓу овие задолжувања се и 950 милиони евра коишто треба да се земат“, истакна Филипче.
За него, реалноста на граѓаните е безидејна, благодарение, како што додаде, на неспособноста на Мицкоски и неговата влада.
„По тоа и ќе остане запаметен неговиот мандат, по заеми, високи цени, ниски плати, пензии и студентски оброк. Владата се фали со бројки и ПР, но реалниот живот за семејствата и бизнисите е поинаков“, рече Филипче во Чучер Сандево.
Филипче на трибината рече дека пензионерите се најголемата жртва на лагите на ВМРО-ДПМНЕ, исто како и земјоделците, лозарите, работниците.
„Предизборно ја направија најголемата измама. Ќе растеле платите, пензиите, ќе го врателе името, ќе репреговарале за подобри позиции во Преговарачката рамка. Ветија гордост и достоинственост, а донесоа беда, сиромаштија и ја вратија режимската матрица. Пензионерите се најголема жртва на ВМРО-ДПМНЕ. И тие како и работниците, земјоделците, лозарите се измамени. Овој месец на сметките им легна покачување од само 1000 денари, што значи дека дури 90% од сите пензионери не добија 2000 кои што требаше да ги добијат со нашиот систем на пресметка. Е тоа е ВМРО-ДПМНЕ, партија на манипулатори и ПР трикови. Земјоделците ги оставија без навремени субвенции, ги скратија субвенциите, каснат со исплати, откупните цени се ниски. Фирмите чекаат поврат на ДДВ, пари кои државата мора да им ги врати. Ова не е грижа за народот. Ова е приватизација на државата“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сè повеќе случаи со лажни сообраќајки, охридската полиција со апел до граѓаните да не наседнуваат
СВР Охрид ја известува јавноста дека деновиве, повторно зачестија случаи кога, засега непознати лица, преку телефонски јавувања на нивните фиксни или мобилни телефони, се обидуваат да ги измамат граѓаните, претставувајќи се како полициски инспектори.
Притоа, тие им кажуваат дека членови на нивните семејства направиле сообраќајни незгоди и дека треба итно да дадат пари за наводна помош при понатамошната постапка за членот на нивното семејство да не оди во затвор и да биде ослободен од кривичен прогон.
„Aпелираме до граѓаните да не наседнуваат на ваквите телефонски јавувања и веднаш да ги пријават на телефонскиот број 112 или лично во најблиската полициска станица. СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање на сторителите и целосно расветлување и документирање на ваквите пријавени настани“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Митески го доби мандатот за градоначалник: Аеродром ќе добие значајни проекти, кои ќе го подобрат квалитетот на животот
Дејан Митески денеска го прими уверението и официјално ја презема функцијата градоначалник на Општина Аеродром.
„Од овој момент започнуваме со работа – посветено и искрено. Нема време за чекање! Ќе бидам градоначалник кој слуша и е достапен за сите. Во следниот период Аеродром ќе добие значајни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот на сите жители – повеќе уреденост, зелени површини и подобра инфраструктура“, рече Митески.
Тој додаде дека Аеродром ќе биде општина за сите аеродромци – без разлика на партија, верување или припадност.
Македонија
За подарок од 50.000 евра, директорот на Платежната агенција му доделил на апликант финансиска помош од ИПАРД-програмата
Полицијата уапси пет лица, меѓу кои и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој во најновиот коруптивен скандал во земјата. Директорот е осомничен дека зел мито од апликант за да му одобри финансиски средства од ИПАРД програмата.
Од МВР соопштија дека вчера во попладневните часови се уапсени пет лица поради постоење на основано сомнение дека првоосомничениот Џ.Н.(77) сторил продолжено кривично дело „давање поткуп“ и кривично дело „давање награда за противзаконито влијание“, додека три лица А.Ф.(44), Ј.К.(35) и И.С.(57) како посредници сториле кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а Ф.Ф.(47) сторил продолжено кривично дело „примање поткуп“.
Првоосомничениот – управител на правно лице, од крајот на февруари годинава до вчера, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветил подарок – парични средства од значителна вредност на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ.
Останатите тројца осомничени од кои еден даночен референт во УЈП РД Скопје и еден државен службеник вработен во Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, искористувајки го своето реално влијание и службената положба побарале и го поттикнале директорот на агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.
Имено, иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во Јавниот повик бр.01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД Програмата за мерка 3, директорот по применото ветување за подарок од значителна вредност во износ од 50.000 евра, во текот на вчерашниот ден потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра кои при претрес се пронајдени и одземени.
При извршени претреси на други локации пронајдени се парични средства во значителна вредност, велат од МВР.

