Македонија
Филипче: Како со временска машина ВМРО-ДПМНЕ го уназади напредокот во меѓународната политика
Владата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски нема ниту план, ниту патоказ по кој ќе ја креира надворешната политика на земјата. Предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ дека тие ќе успеат да издејствуваат подобри услови за преговори со Европската Унија и дека ќе добијат цврсти гаранции за превенирање на понатамошни блокади сега се разобличуваат. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешниот брифинг со новинарите. Филипче додаде дека во изминатиот еден месец, откако новата Влада е во функција, со ниту еден чекор не покажала дека има намера сериозно да ја постави позицијата на земјата во однос на надворешната политика, напротив Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги влошила веќе воспоставените позициите кои беа напорно градени.
„Како со временска машина ВМРО-ДПМНЕ реши да ги уназади сите процеси и напредокот во меѓународната политика. Отворивме проблем со Грција кој беше целосно затворен. Сега ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе го решавало по судски пат. Ние 20 години тоа се обидувавме да го направиме и не успеавме дури и со пресуди во наша корист. Нема иницијатива со Бугарија, а имаше само еден последен чекор да се направи“, истакна Филипче.
Наместо наметнување на македонскиот наратив и позиции, Мицкоски, кој ја предводеше македонската владина делегација во Вашингтон на прославата на 75 години од постоењето на НАТО алијансата, одигра маргинална улога на НАТО Самитот, смета Филипче.
„Мицкоски немаше ниту една конкретна средба со ниту една делегација или премиер на земја стратешки партнер за да се испорачаат нашите барања. Напротив, гледаме само сојузништво со Орбан и нејасна перспектива. ВМРО-ДПМНЕ треба да излезе и јасно да каже каде ја води државата, кој е планот, и во која временска рамка планира тоа да го направи“, потенцира Филипче.
Филипче уште еднаш ги потсети ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски дека ветувале подобри услови во преговорите и промена на преговарачката рамка и дека тоа граѓаните го очекуваат од нив.
„И СДСМ го чека ова и ќе го поддржи секој напор за подобри услови и гаранции кои ќе ги обезбеди ВМРО-ДПМНЕ. Но, нема да поддржиме блокада на процесот и отворање на нови конфликти“, изјави Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Огњеновиќ: Настап на Дејвид Гета чини најмалку еден милион евра, Владата не го откри хонорарот
Најавата на Владата дека познатиот француски ди-џеј Дејдид Гета ќе настапи во Скопје во рамки на прославата за 35 години од независноста на Македонија отвора огромни сомнежи и прашања кои власта мора да ги одговори. Прво и најважно прашање е колку тоа ќе ги чини граѓаните на Македонија, изјави Петар Огњеновиќ од СДСМ.
Тој вели дека од Владата не го откриле хонорарот и колку тоа ќе ги чини граѓаните. Според него, настап на Дејвид Гета чини најмалку 1 милион евра.
„Само за него. Ако на тоа се додадат бини, озвучувања, обезбедување, придружни актери и така натаму сумата значително се зголемува“, рече Огњеновиќ.
„Прашањето е како е донесена одлуката да се потрошат над 1 милион евра? Во четири очи? Кој преговарал? Со која фирма е склучен договорот? Авалон фирмата којашто ја најавува владата е со блокирана сметка и на листата на должници на УЈП. Како е одлучено токму таа фирма да организира државна манифестација, без јавен повик, без тендер. Дополнително, вакви артисти бараат и авансна исплата од 30%. Прашање е дали се исплатени парите и на кој начин. Се најавуваат и останати 120 артисти. Кој одлучува кои артисти ќе бидат донесени? Се шпекулира веќе во круговите на фирмите кои се занимаваат со ваква организација дека сумата што е договорена е над 3 милиони евра а може да достигне и до 5 милиони евра“, рече тој.
Македонија
Стефковски: Безбедноста во училиштата во Општина Гази Баба е на високо ниво
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, соопшти дека денеска се одржа седница на Локалниот совет за превенција во проширен состав, посветена на состојбите со безбедноста во училиштата, превенцијата од меѓуврсничко насилство и унапредувањето на сигурноста во воспитно-образовниот процес.
Седницата била свикана по неодамнешниот инцидент во основното училиште во населба Ченто, при што Локалниот совет за превенција најостро и безрезервно го осудил секој вид насилство, истакнувајќи дека насилството е апсолутно неприфатливо и дека за него не постои никакво оправдување.
„Истовремено, на седницата беше констатирано дека станува збор за изолиран случај и дека генералната безбедносна состојба во училиштата на територијата на Општина Гази Баба, вклучително и во конкретното училиште, е на високо ниво, при што континуирано се преземаат мерки и активности за заштита на учениците и одржување безбедна училишна средина“, објави Стефковски.
Локалниот совет за превенција при Општина Гази Баба презеде обврска и во наредниот период активно да иницира и реализира активности, јавни дебати, едукативни настани и превентивни кампањи со цел подигање на јавната свест и создавање безбедна и здрава средина за децата и младите.
Македонија
Македонија е опасно место за живеење за жените, новиот фемицид во Битола е уште еден аларм за институциите, велат од Мрежата за заштита од дискриминација
Граѓанските организации, најостро го осудуваат новиот фемицид што утринава се случи во Битола, каде 31-годишна жена беше убиена од нејзиниот сопруг со нож. Според информациите на МВР, сторителот ја нападнал жената со која не живееле заедно, а таа починала на лице место од здобиените повреди, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Ова, потенцираат од таму, не е изолиран случај.
„Ова е уште еден аларм дека Македонија станува сè поопасно место за живеење за жените. Загрижувачкиот пораст на фемициди и случаи на семејно и родово базирано насилство во 2026 година покажува дека институционалната заштита е недоволна, а системот потфрла да ги препознае и спречи ризиците навреме. И покрај постојаните измени на закони, стратегии и политики, во практика нема суштинско подобрување во заштитата на жртвите. Наместо ефикасна превенција, брза реакција и координирана институционална заштита, повторно сведочиме на загубени животи“.
Само во првите месеци од 2026 година, додаваат во соопштението, веќе се изгубени повеќе животи како последица на семејно и родово базирано насилство.
„Ова е алармантен континуитет на насилство врз жените, проследен со слаба проценка на ризик, бавни институционални реакции и култура на неказнивост. Дополнително загрижува и сè поголемиот број случаи на врсничко насилство во училиштата, од кои дел завршија со напади со ладно оружје и ученици во критична здравствена состојба. Насилството прераснува во сериозна општествена епидемија“.
Бараат итна, темелна и транспарентна истрага за случајот во Битола, вклучително и проверка дали претходно имало пријави за насилство или сознанија кај институциите.
„Доколку се утврдат пропусти, бараме индивидуална одговорност и санкции за секое службено лице што не постапило согласно законските обврски.
Бараме и итни финансиски инвестиции во специјализирани сервиси за жртви на насилство низ целата држава, како и зголемување на професионалните ресурси во сите институции, особено во МВР и центрите за социјална работа, кои ќе бидат фокусирани на заштита од насилство. Неопходни се и сериозни инвестиции во образованието и превентивни програми за спречување на насилството кај младите.
Животот на жените и децата не смее да завршува како статистика поради институционално непостапување и системски пропусти“.
