Македонија
Филипче: Кога ќе се исцрпи списокот на пријавени, вакцинацијата ќе се врши без закажување

Во следните седум дена треба да стигнат 500.000 дози од кинеската вакцина на „Синовак“, пратка со која министерот за здравство Венко Филипче очекува целосно да се смени сликата за вакцинирањето кај нас. Тој најави дека пунктовите ќе вакцинираат и без закажување на термин.
„Согласно бројот на пријавени граѓани има некаде околу 180.000 што чекаат за вакцинација. Може да се дадат вакцините на ’Фајзер’ и ’Астразенека’, ги чекаме и донациите од Грција и Бугарија. Во следните седум до десет дена сликата целосно ќе се смени. Во еден момент кога ќе се исцрпат сите граѓани од списокот на пријавени, веројатно, пунктовите ќе работат отворено, без закажување. До крајот на месец јуни таа слика целосно ќе се смени“, рече министерот Филипче.
Кога ќе пристигнат останатите 194.000 руски вакцини од нарачаните 200.000, сè уште е неизвесно. Министерот Филипче вели дека е во секојдневна комуникација со амбасадорот на Русија кај нас, Сергеј Баздникин, и верува дека тој е прилично искрен во објаснувањата околу тоа кога може да се очекува следна пратка од вакцината „спутник В“.
„Во мојата комуникација лично со амбасадорот на Русија апсолутно нема никаква промена. Според неговите кажувања, и тој ги очекува информациите. Може да се очекува доцнење, тој ми пренесе дека количината што се очекуваше на крај на месец мај не се оствари. Јас не верувам дека тука има некаква политика. Практично секојдневно сме во комуникација со амбасадорот, ми дава информации што и како може да се очекува, мислам дека е прилично искрен во тој дел. Со лични контакти и заложби направи за многу пократко време да чекаме од нарачка до стигнување на првата количина. Беше малку, но стигна“, рече министерот Филипче.
Првата пратка од 6.000 дози „спутник В“ во Македонија стигна во март.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осуда од Ковачевски за каменувањето на македонскиот клуб во Бугарија: Очекувам да го санкционираат вандализмот во најкраток рок

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски најостро го осудува вандалскиот чин, на каменување на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград.
Тој преку својот Фејсбук профил, порача дека очекува во најкраток можен рок, институциите во Република Бугарија да ги најдат сторителите и соодветно да ги казнат.
„Каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград е чин на вандализам кој најостро го осудувам. Ваквите активности не соодвествуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“, пишува во објавата на премиерот Ковачевски.
Македонија
ЦУК: Пожар кај селото Миладиновци

Искрење на бандера, предизвика пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинеријата ОКТА.
Центарот за управување со кризи на својот фејсбук профил објави дека во моментот се интервенира на негово гаснење.
,,Во 19:05 часот на телефонскиот број 112 пријавен е пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинерија ОКТА кој настанал како резултат на искрење на бандера и истиот се проширил на околната сува трева. Во моментот на местото на настанот се екипи на БППЗ на Град Скопје и полиција. Се интервенира на негово целосно гаснење и во моментот нема опасност од негово проширување”, се вели во соопштението од ЦУК.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го осуди демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград: Да запре говорот на омраза кон Македонците во Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград. Вандализмот не е добрососедство и не може да биде. Негирањето на Македонија, но и на Македонците во соседството е пред се резултат на поданичкиот однос на власта, која го дозволи и мотивира тој однос, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека сега Ковачевски и Пендаровски на дело гледаат кај ја донесоа државата и македонскиот народ. Народот не смее да биде жртва на власта, затоа и ВМРО-ДПМНЕ бара промени. Потребна е власт која ќе се грижи за народот.
Упатуваме апел и до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја, што побрзо да се откријат вандалите, истите да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците, се вели во соопштението.