Македонија
Филипче: Националниот совет за евроинтеграции е добра основа за единство
Националниот совет за евроинтеграции, што во Собранието го предводи опозицијата, а во којшто членуваат и претставници на власта, граѓански организации и експерти претставува широка платформа којашто доколку функционира како што е предвидено, е добра основа за постигнување на национално единство по однос на клучните прашања поврзани со евроинтеграциските процеси.
Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во одговор на новинарско прашање по денешната средба со претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова за тоа колку Владата ја вклучува опозицијата во процесите за деблокада на евроинтеграцискиот пат.
„Ако Националниот совет за евроинтеграции функционира на начин на кој Владата ќе го информира за сè што се случува, како се исполнуваат реформите од реформската агенда, од Планот за раст, ние ќе имаме заедничка работа “, истакна Филипче, кој како пратеник е претседател на Националниот совет за евроинтеграции.
Претседателот на СДСМ уште еднаш потсети дека целокупната реформска агенда и Планот за раст е изготвен од Владата на СДСМ и дека од страна на актуелната Влада се направени многу мали измени пред сегашниот премиер, Христијан Мицкоски да го стави својот потпис на овие документи.
Филипче потенцираше дека СДСМ ќе ја поддржи секоја подобрена позиција, којашто Владата, согласно ветувањата ќе ја обезбеди. Во однос на обидите за поддршка за уставни измени со одложено дејство, Филипче рече:
„Ја информирав претседателката дека за време на преговорите кога ги водеше СДСМ сме се обиделе уставните измени да бидат со одложено дејство, меѓутоа тогаш тоа не било прифатено од бугарската страна под раководство на тогашниот премиер Кирил Петков. Така што било која подобрена позиција ние ќе ја поддржиме“.
Претседателот на СДСМ смета дека пред да се разговара за какво било решение, вклучително и за уставни измени со одложено дејство, треба да се добие потврда дека такво решение е возможно.
„Многу опции и варијанти се работеле во изминатиот период. Јас имав многу состаноци на кои и тогашниот премиер Димитар Ковачевски и тогашниот главен преговарач Бојан Маричиќ ми укажаа кои обиди биле направени и што било возможно, што не било возможно. Ние го направивме тоа. Сите други обиди, меѓу другото и одложеното дејство на уставните измени тогаш бугарската страна не ги прифатила“, изјави Филипче и додаде дека што и да направи сегашната Влада што ќе ги подобри нашите позиции, опозицијата ќе поддржи таквото решение.
Филипче потсети дека СДСМ иницираше собраниска седница за премиерот да ги соопшти позициите на Владата и кои земји ја поддржуваат во нејзините напори за подобрување на положбата на земјава во однос на преговорите со ЕУ. Тоа и понатаму останува како барање од опозицијата, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

