Македонија
Филипче: Најголем број од заболените од Ковид-19 се заразиле на семејни собири
„Непочитувањето на мерките нè доведе до овој бран“, вели министерот за здравство, Венко Филипче, а во однос на зголемувањето на бројот на заболени од коронавирусот во земјава. Тој вели деталната анализа покажала дека 65 проценти од активните заболени се поврзани со веќе познат случај, а од нив, 90 проценти спаѓаат во 41 кластер.
Најголемиот број од новодијагностицираните, покажала анализата, се заболени во периодот од 23, 24 и 25 мај, за време на семејни собири. Слична е ситуацијата и во другите градови каде што има поголем број заболени, а како резултат на семејни собири биле заболени и лицата од другите општини во Скопје каде што претходно бројката беше ниска. Комисијата за заразни болести, вели Филипче, ќе предложи до Владата да се дискутира за евентуална рестрикција на движењето.
„Непочитувањето на мерките го донесе овој втор бран. Првиот бран го амортизиравме. Во даден момент, оние кои не ги почитуваа мерките за заштита, го загрозија и сопственото и колективното здравје“, рече тој.
Филипче вели дека во последниов период се врши масовно тестирање на контактите на веќе дијагностицираните заболени и зголемената бројка очекувано се должи на тоа.
„Со оваа стратегија ги изолиравме контактите на заболените. Полицискиот час за време на викендот овозможи и многу побрзо тестирање“, вели министерот за здравство. Тој повтори дека огромен процент од новодијагностицираните се со лесна клиничка слика или се асимптоматски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
