Македонија
Филипче од Велес: Маја Хеско за урбан ред во Велес, нова сала, затворен базен и средено Езеро Младост
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Велес го истакна разочарувањето на граѓаните од владеењето на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, која четири години не успеала да реализира ниту еден капитален проект.
„Градот стагнира, проектите стојат, ветувањата останаа само на хартија. Нема донесен Генерален урбанистички план. Не е реконструирана зградата на Противпожарната служба, нема ниту нови возила – безбедноста на граѓаните е загрозена. Индустриската зона Мамутчево 2 не е проширена, не е инфраструктурно уредена – затоа нема нови фабрики, нема нови работни места”, рече Филипче.
Тој додаде дека во Велес градоначалникот нема резултати бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е без визија и капацитет да го развива Велес, набројуваќи проблеми кои локалната власт ги оставила на велешани.
„Нема изградено пречистителна станица за отпадни води. Езерото Младост е претворено во еколошка катастрофа.
И најиронично – сите овие неостварени проекти пак се ставени во нивната нова програма! Како да мислат дека народот има кратка меморија”, посочи Филипче.
Филипче потенцираше дека решението е во чесните и способни кандидати на СДСМ, давајќи поддршка на кандидатката за Градоначалничка, Маја Хеско и советничката група.
„Маја Хеско како кандидатка за Градоначалничка и советничката група на СДСМ нудат конкретни проекти и решенија: нова урбанистичка регулација за справување со сообраќајниот хаос, реконструкција на спортската сала „Гемиџии“, изградба на затворен базен, модерна пречистителна станица за езерото Младост и целосно уредување на зелените површини и јавните простори“, порача Филипче.
Лидерот на СДСМ рече дека на 19 октомври граѓаните ќе изберат тим кој ќе работи за Велес да биде модерен и европски град.
„Ова се луѓе кои знаат како да работат, кои имаат интегритет и резултати зад себе. Масовното излегување на изборите на 19 октомври ќе покаже дека граѓаните избираат тим што може да го врати животот во Велес и да го направи градот по европски стандарди, каде младите сакаат да останат“, порача Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом”, во Велес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.
Македонија
Таен ринг за борби со кучиња разоткриен во битолско, заработувале од мачење животни
Грчки државјанин сопственик на куче, пит бул, косовски државјанин сопственик на куче од расата американски стафорд, како и двајца македонски државјани како соизвршители ќе одговараат на кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Битола ги прибра сите потребни докази и поднесе обвинение, бидејќи на 1 ноември во селото Црнеец во близина на Стрежево, тие заради користољубие грубо ги злоупотребувале и ги изложиле на непотребни маки кучињата.
Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување.
Како резултат на борбата, со особено тешки повреди се здобило кучето од расата пит бул, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.
Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за двајцата македонски државјани.
Доколку двајцата странски државјани кои се во бегство од моментот на сторување на делото, не бидат обезбедени до почетокот на судската постапка, јавниот обвинител ќе предложи нив да им се суди во отсуство.
Македонија
Домашни производи и специјалитети од сите региони на Македонија денес може да се пробаат во Градски парк
Уникатна можност да се вкусат домашни производи и специјалитети од сите региони на Македонија, претставува Саемот за храна што ќе се одржи денеска во Градскиот парк во Скопје.
Под мотото „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“, Саемот ќе ги промовира производите „Македонско најдобро“ кои, како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), претставуваат синоним за квалитет.
-Саемот за храна ќе понуди богат избор на свежо овошје и зеленчук, млечни производи, мед, преработки од овошје и зеленчук и вино, подготвени со внимание и љубов кон традицијата. Ве поканувам да дојдете, секоја ваша поддршка е инвестиција во домашното производство, локалната економија и развојот на руралниот туризам. Заедно да ја негуваме традицијата и да градиме поуспешна иднина за македонското земјоделство, апелира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски кој се очекува да се обрати пред присутните учесници и посетители.
Настанот ќе биде збогатен со репертоар на познати музички изведувачи.
Саемот за храна го организира здружението „Наша традиција, наша иднина“ со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

