Македонија
Филипче: Не се исклучува задолжителна вакцинација доколку не помогнат апелите на матичните лекари

Само со апели од матичните доктори, без дополнителни мерки ќе се стимулира вакцинацијата и спречувањето на ширење на коронавирусот.
Ова доаѓа откако Владата не ги усвои мерките предложени од министерот за здравство, Венко Филипче, за рестрикции кои предвидуваа без вакцина или негативен ПЦР-тест вработените во државни институции да не можат да одат на работа.
Владата побара дообјаснување, но Филипче се откажал бидејќи е дојдено до заклучок дека претставуваат финансиски товар.
„Сметам дека карантеризирање, сега во ситуација кога имаме близу 50 проценти опфат, не треба да е опција, но не знаеме што може да се случи. Ќе оставиме време, да видиме дали ќе помогне комуникацијата и апелите на матичните лекари. Сметам дека дополнителна мерка, во смисла на некаква форма, вакцинацијата да биде задолжителна, а согласно примерите кои ги даваат и другите земји, не е исклучена. Некои земји размислуваат за задолжителна вакцинација“, рече Филипче.
Прашан дали ќе се спроведуваат мерките со забрана за одење на работа без вакцина, Филипче рече: „Засега нема да се спроведува. Стигнавме до констатација дека отвора сериозни прашања како ќе се казни тој што нема да прифати вакцинација, а е и голем финансиски товар. Потребна е комуникација со граѓаните. Ова ни е најпрактичен механизам, тоа се матичните лекари“.
Дел од матичните доктори ја искритикуваа мерката со која им се дава 30 денари по пациент, ако вакцинираат 70 отсто од запишаните пациенти. И покрај тоа, Филипче смета дека ќе даде резултат.
„Матичните лекари први имаат контакт. Надоместокот ќе се даде почетокот на летото, крај на есента, другата година. Просекот е околу 1.000 пациенти, тоа не се пари за занемарување. Ова е битно за државата, има различни степени на опфат кај матичните. Тие можат веднаш да почнат. Оваа мерка е на која матичните треба да стават акцент, и да ја пуштат пораката“, додаде министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тешка сообраќајка во Чаир: Крв на улицата, еден возач однесен во болница

Тешка сообраќајка се случи вечерва во Чаир, во близина на стадионот. Во несреќата учествувале автомобил марка „фолксваген“ и моторцикл. Според информациите на „Макфакс“ од терен, на асфалтот има траги од крв, а возачот на моторциклот со Брза помош е однесен во болница. На улицата е растечено и масло од моторциклот.
Неофицијално, до несреќата дошло кога автомобилот му го пресекол патот на моторциклот, а тој удрил во левата страна од „фолксвагенот“.
По сообраќајката, на помош притрчале минувачи, кои се обиделе да му помогнат на возачот на моторциклот. Се обиделе да му го спречат крварењето, а го потурале и со вода.
На терен е излезена и полицијата. „Макфакс“ се обрати за детали, кои се најавени за подоцна. Во тек е увид.
Македонија
СДСМ: По сите скандали на Милошоски тој треба да си даде оставка, нема образ да зборува за македонските интереси

Македонија
Спасовски: Заврши времето на двојните стандарди, битката против криминалот не трпи селективност

Во интервјуто за Радио Слободна Европа, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ги коментираше обвинувањата од опозицијата во врска со наводни повластени криминални структури, категоризирајќи ги како комплетни дезинформации кои никако не соодветствуваат со реалноста.
Наведувајќи дека располага со информации за средби на дел од овие криминални структури токму со највисоките претставници на опозицијата, најверојатно поттикнати дека на тој начин ќе може да се помогне во некој друг аспект, тој порача дека овие активности не смеат да бидат со цел да се даде некаква политичка поддршка на било кој криминалец во државата.
Покрај ова, Спасовски истакна дека најголемиот дел од криминалните групи коишто опозицијата ги посочува во своите дезинформации, веќе се наоѓаат на издржување казна затвор и дека станува збор за достапни и лесно проверливи информации, додека за сите други криминални групи кои се занимаваат со рекет, уцени и други криминални активности, борбата интензивно продолжува.
„Не можете во исто време да имате борба против криминалните структури и да заштитувате некого. За тоа сведочат граѓаните, за тоа сведочат и сопствениците на угостителските објекти и оние кои ги посетуваат. Нема никаква селективност, бидејќи битката против криминалот не може да подразбира селективност. Заврши времето на наши и ваши, на заштитени и привилегирани, наспроти сите останати. Заврши времето во кое вие како политичар ќе преговарате за да амнестирате некои свои, кои што имаат криминални активности, визави т.н. „уставобранители“ коишто се во затвор, а за нив нема да гласате во Собранието. Знаете, тие двојни стандарди веќе не поминуваат“, потенцираше министерот Спасовски. Одговарајќи на прашањето до каде е истрагата за неодамнешното убиство на членови на криминални структури во угостителски објект под Кале, министерот Спасовски посочи дека има сериозен напредок во истрагата, со обезбедени добар дел аргументи, факти и докази коишто одат во прилог на целосна разврска на овој случај. „Мотивите се пресметки помеѓу криминални групи или внатре во криминална група и тоа на крај истрагата ќе го покаже и ќе го докаже. И токму тука сме насочени со акцијата ‘Безбеден град’ – да се оневозможи такви криминални структури да ги загрозуваат мирот, стабилноста и јавниот ред и мир на граѓаните. Затоа ќе бидеме уште пожестоки и поинтензивни, а оваа акција во следниот период ќе ја прошириме и по другите градови, бидејќи не сакаме да оставиме простор такви криминални структури да бидат формирани во било кој град во државата“, беше категоричен Спасовски.