Македонија
Филипче: Струмица станува првата општина во регионот со електричен и еколошки јавен превоз
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска во Струмица присуствуваше на промоција на новите електрични автобуси за јавен превоз во општината.
Вредноста на инвестицијата е 7 милиони евра, пари обезбедени од буџетот на оптина Струмица, а капацитетот на секој автобус е за 48 патници. Еден месец превозот ќе биде бесплатен, а потоа цената на билетот ќе биде 30 денари. Јавниот превоз е наменет за жителите на градот, околните населени места и за учениците. Претседателот на СДСМ, Филипче, во изјавата за медиуми истакна дека со овој проект Струмица е првиот град во земјава и на Балканот со обезбеден електричен и еколошки јавен превоз.
![]()
„Ова е еден сеопфатен проект во кој што се мислело на многу аспекти. Ова е еден проект кој што е императив на многу европски градови, да има електричен превоз, да се поврзат подобро градските населби помеѓу себе, приградските населби, селата со градот. При тоа, се обезбедува бесплатно возење за одредени категории граѓани, како за пензионерите, учениците, студентите. Обезбеден е посебен пристап во автобусите за лица со посебни потреби, како и посебно место за полнење на електричните автобуси, повторно обезбедено од обновливи извори на енергија, нешто што е цел на секој европски град согласно европската зелена агенда“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
При тоа, Филипче потенцираше дека овој проект во Струмица, реализиран од градоначалникот Коста Костадинов од редовите на СДСМ, е вистински доказ како треба да работат сите градоначалници и како треба да се грижат за потребите на граѓаните и подобрување на условите за живот во општините
„Сведоци сме на примери како се однесуваат други градоначалници. Како лош пример, чиста спротивност на ова што сега се случува во Струмица, за жал е градот Скопје, затрупан во ѓубре, без доволно автобуси за јавен превоз. За жал тоа е еден целосно неодговорен однос на ВМРО ДПМНЕ и нивната градоначалничка Данела Арсовска“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ спроведе засилени контоли кај операторите со храна во близина на училиштата
Во рамки на 445 инспекциски контроли спроведени во последните десетина дена, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече 15 забрани за вршење на дејност на оператори со храна, додека 696 килограми небезбедна храна од непознати добавувачи беа запленети и уништени, соопшти АХВ.
Контролите биле насочени особено кон објектите во непосредна близина на основни и средни училишта, од каде учениците најчесто купуваат храна.
Инспекциските проверки откриле дека 19 оператори ставале во промет небезбедна храна, кај 30 се утврдиле незадоволителни хигиенски услови, а од вкупно контролираните, 26 оператори не биле регистрирани во АХВ.
„16 оператри немале имплементирано процедури за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, а дури 32 немале спроведено задолжителен здравствено-саниратен преглед на вработените лица. Тројца оператори немале спроведено задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите, а 7 од контролираните објекти не ги задоволувале техничките услови за вршење на дејноста. Несоодветно означена храна со контролите била затекната кај седуммина оператори со храна“, стои во соопштението на АХВ.
За утврдените неправилности, АХВ изрече парични казни за 77 оператори во вкупна вредност од 36.470 евра. Издадени се 103 решенија за отстранување на недоследностите и 23 опомени.
Македонија
Денеска сончево, од утре голема промена на времето
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб, а во западните делови умерен ветер од југозападен правец. Минималните температури ќе бидат во интервал од -3 до 5, а максималните од 16 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 16 степени.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека утре облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.

