Македонија
Филков: Градиме институции што работат за граѓаните, а не за привилигираните
По една година од формирањето на Владата, Министерството за правда презентира јасни резултати од процесот на рестартирање на правосудниот систем. Од нефункционална институција со затекнати долгови, блокирани механизми и изгубена доверба, Министерството денес се позиционира како столб на реформите и гарант на владеењето на правото, изјави министерот за правда, Игор Филков.
Додаде дека изминатите 12 месеци, подготвени се и доставени до Владата 22 системски закони, од кои 13 се директно предвидени со Реформската агенда. Станува збор за закони што го засегаат правосудниот систем – изборот, оценувањето, платите, статусот и одговорноста на судиите и обвинителите, како и институционалните капацитети на Советите, вештачењето и службите во правосудството.
Според Филков, клучен меѓу овие е новиот предлог Закон за Судскиот совет, кој претставува коренита промена во начинот на кој се избираат и разрешуваат судиите, како и во одговорноста на самите членови на Советот.
„Од осумте закони во Реформската агенда со рок до јуни 2025, седум се веќе испратени во владина процедура : Закон за платите на судиите, Закон за платите на јавните обвинители, Закон за платите на членовите на Судски совет, Закон за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, Закон за Судскиот совет, Законот за судска служба, Законот за јавнообвинителска служба. Во однос на 8-от закон од реформската агенда, Изборниот законик , текстот е подготвен од страна на стручните служби во Министерството за правда, во согласност со препораките на ОДИХР. Предлогот е испратeн на мислење до ОДИХР. Воспоставена беше комуникација и беше одржан состанок со претставниците на ОДИХР, за обезбедување на експертска помош за целосно усогласување на одредбите со препораките на ОДИХР”, изјави Филков.
Покрај реформските закони, додаде тој, Министерството за правда подготви и два важни закони кои не беа дел од Агендата, но произлегуваат од обврските кон ЕУ и препораките на ГРЕКО – Законот за заштита на укажувачи и Законот за спречување на корупција и судир на интереси.
„Затекнавме министерство без стратегија, без систем и без волја. Денес, правдата зборува гласно, со системски алатки, закони и професионални тела. Градиме институции што работат за граѓаните, а не за привилегираните. И ова е само почеток“, порача Филков.
Министерството за правда најавува продолжување на реформската агенда со еднакво темпо, политичка волја и стручна посветеност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 12:00 часот, корисниците на улиците: Урош Џудовоќ, Осло, Будимпештанска, Лубица Георгиева (Општина Карпош)
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок продолжува периодот на претежно сончево и тивко време. Во ноќните и претпладневните часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност.
Македонија
Зимзоленд: Продолжуваме со работа, шпекулација е дека настанот ќе биде затворен
Од Зимзоленд велат дека продолжуваат со работа и дека информациите за неговото затворање се шпекулации.
„Во последните часови на одредени медиуми се појавија неточни информации и шпекулации дека Зимзоленд ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно. Зимзоленд продолжува да работи со редовно работно време“, се наведува во јавното соопштението.
Во него се додава дека е точно дека во претходните денови имало инспекциски надзори, но велат дека до надлежните служби била доставена целосната и потребна документација.

