Македонија
Фондот за здравство и ПМФ склучија договор за молекуларно-дијагностички анализи
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) склучи договор со Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за вршење молекуларно-дијагностички анализи.
Договорот го потпишаа генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, и деканот на Природно-математичкиот факултет, Даворин Трпески.
Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ е една од најмодерните лаборатории во земјата. Таа располага со напредна опрема за молекуларно-дијагностички анализи, вклучително и секвенционирање од новата генерација (NGS).
Првата цел во овој момент е проширување на мрежата и зголемување на капацитетот за онколошки анализи, односно за прецизно и брзо утврдување на генски мутации кои се клучни за избор на целна онколошка терапија. Најсовремената опрема и стручниот кадар со долгогодишно искуство ќе придонесат за поефикасно одговарање на зголемената потреба од онколошки анализи во здравствениот систем и ќе претставуваат значајна поддршка на постоечките капацитети.
Втората цел, како образовна и научна установа од областа на молекуларната биологија и генетиката, ПМФ со овој договор ќе им овозможи на студентите и вработените поголеми можности за практична примена на стекнатите знаења.
Со овој договор се проширува националната мрежа за молекуларно-дијагностички услуги, што претставува значаен чекор напред за здравствениот систем во земјата.
Во моментов, Фондот има договори за NGS-анализи со следните установи:
· Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) – претежно за ретки и наследни болести,
· Медицински факултет – Институт за патологија – претежно за онкологија,
· Медицински факултет – Институт за имунологија – претежно за имунодефициенции и трансплантации,
· Медицински факултет – Институт за судска медицина – претежно за форензика,
· Фармацевтски факултет – претежно за хематологија и онкологија,
· Институт за јавно здравје – претежно за вирусологија.
NGS-анализи извршуваат и приватни лаборатории, како и Ветеринарниот факултет.
Бројот на услуги во 2025 година (проекција) е зголемен за околу 22 % во однос на 2023 година, додека буџетот е зголемен за над 40 %, што овозможува поцелосни и посложени генетски истражувања.
Се унапредува дијагностиката за рак, со цел поголема успешност во лекувањето.
Овој договор претставува почеток на поширока соработка. Со ПМФ се разговара за воведување нови услуги, вклучително и генетска дијагностика пред имплантација (PGD) кај бременост со биомедицински потпомогнато оплодување (БПО). Станува збор за анализа на неколку клетки од ембрионот уште пред негово внесување во матката, со цел избор на ембриони без патолошки мутации. Со тоа значително се намалува ризикот од појава на одредени вродени заболувања и се зголемува шансата за успешна бременост.
Фото: Pixabay
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

