Македонија
(Фото) Утре масовни протести за смртта на Фросина, точно на пладне во Кавадарци, во 17 часот пред Универзална во Скопје

Утре точно на пладне се организира протестен собир во Кавадарци за да се оддаде почит нa Фросина Кулакова од Неготино, која беше прегазена додека поминуваше пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала во Скопје.
Граѓаните во голем број веќе се организираат на социјалните мрежи.
За утре во 17 часот, пак, е најавен голем собир и во Скопје.
„Ве известуваме дека на ден недела, 02.02.2025, во 17:00 часот ќе се одржи протест на булевар Партизански Одреди, кај Универзална сала. Случајот со Фросина Кулакова не е изолиран, се повторуваат истите случаи на неконтролирано возење со години, се повторува неказнувањето и недолжното згаснување на животи. Фрустрирани од состојбите што не се менуваат, повикуваме на изразување на граѓански револт.
Системот ги отфрла децата и младите кои поради недоволна грижа го избираат погрешниот пат. Институциите не се координирани и тоа доведува до млади кои не ја добиваат потребната поддршка за да бидат активни чинители во општеството. Тој недостиг на поддршка резултира до сѐ почести фатални последици.
Протестот има за цел да адресира три главни проблеми:
1. Нефункционалност на системот за заштита на децата и младите кои се во судир со законот
2. Недоволна безбедност во градовите
3. Глорификација на девијантно однесување
Алките во системот за работа со деца и млади во судир со законот не функционираат.
Институциите не настапуваат координирано за идентификување на едата и младите во судир со законите, а тие кои веќе се идентификувани не ја добиваат функционалната грижа за да се изградат во корисни и чесни граѓани на општеството. Дополнително, урбаната инфраструктура не ја осигурува потребната безбедност.
Неопходно е градовите да можат да гарантираат безбедни услови за живот. За крај, од
исклучителна важност е да се поттикне јавната свест кон гласно осудување на глорификацијата на девијантното однесување. Круцијално е да се информираат граѓаните за последиците од возвишувањето на неказнивоста и заобиколувањето на правилата“, стои во најавата од иницијативата #КојЕСледен?
22-годишната девојка пред три дена беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин.
На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.
Стотици граѓаните и вчера на мирен собир запалија свеќи и положија цвеќе пред фотографијата на Фросина, а потоа маршираа до скопскиот кривичен суд каде со извалкани раце од црвена боја извикуваа „Убијци!“.
Преку написите како „Врските не враќаат човечки живот“ и „Не е несреќа, туку убиство“ тие побараа одговорност од институциите за Фросина и за сите жртви во сообраќајни незгоди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Црвениот крст изврши исплата на средства на семејствата на починатите и повредените лица

Денес Црвениот крст изврши исплата на средства на семејствата на починатите и повредените лица кои се лекуваат во странство од трагичната несреќа во Кочани.
Со исплатата вкупно се опфатени 58 семејства од починатите лица вклучувајќи го и починатиот возач на Брзата помош во Кочани, и 91 семејство од повредените лица кои се хоспитализирани во болниците надвор од нашата држава.
За секое лице е исплатено 150.000,00 денари.
За две семејства од починатите лица и 24 семејства од повредените лица кои се лекуваат во странство се чекаат дополнителни податоци за да може да се изврши исплатата и за нив. Во тек е прибирање на податоци за повредените кои се лекуваат во државата.
Заклучно со денешниот ден собрани се вкупно 61.852.758,00 денари, соопшти Црвениот крст.
Скопје
Отворена канцеларија за психолошко советување и поддршка во Општина Ѓорче Петров

Општина Ѓорче Петров ја продолжува својата посветеност на заштитата и поддршката на жртвите на насилство, со отворањето нова канцеларија за психолошко советување и советување со социјален работник, како и бесплатна СОС-линија 141-700, достапна за жени жртви на семејно насилство.
Канцеларијата се наоѓа во просториите на Општина Ѓорче Петров, поточно на приземјето и ќе биде отворена секој четврток од 10 до 14 часот за сите оние на кои им е потребна поддршка.
Таа ќе функционира во соработка со Националниот совет за родова рамноправност со цел обезбедувањ психолошка поддршка, правни совети и социјално советување за жртвите на семејно насилство и насилничко опкружување.
По повод отворањето на канцеларијата, денеска беше одржана и стручна трибина, на која беа претставени условите и можностите што оваа канцеларија ги нуди, како и стручниот тим составен од психолог, правник и социолог. На трибината беше нагласена важноста од психолошката поддршка во процесот на соочување со стравот и излезот од насилничкото опкружување.
Општина Ѓорче Петров и понатаму активно работи на подобрување на состојбите поврзани со каков било вид насилство, буллинг или други форми на злоупотреба. Со овие активности Општината продолжува да ја засилува својата ангажираност во заштитата и ослободувањето на жртвите од насилните средини.
Македонија
Петрушевски: СДС повторно ја користи трагедијата за политичка пресметка

СДС повторно се обидува трагедијата во Кочани да ја искористи за дневно-политичка пресметка, по шаблонот на нивната добро позната некрофилска политика што ја практикуваа и во минатото. Додека институциите, јавноста и целата држава се обединети околу вистината, одговорноста и почитта кон жртвите, СДС одбира да напаѓа – не затоа што имаат аргументи, туку затоа што се исплашени од сопствените тефтерчиња, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
-Оние што денес поставуваат прашања, седум години не понесоа никаква одговорност за трагедии како Ласкарци, Беса Транс, Модуларната болница и десетици други случаи каде единствено „виновни“ беа кабли, шасии и неименувани несреќи. Тогаш, не само што немаше приведени, туку и Обвинителството беше под директна партиска контрола.
Да потсетиме, токму ова обвинителство и судство е дел од мрежата тефтерчиња на Заев и Ахмети, кои ги вработуваа и унапредуваа луѓето не по заслуга, туку по партиска подобност. Сега, кога тие истите луѓе работат професионално, СДС го доведува тоа во прашање.
Кога СДС зборува за селективна правда, треба да одговори и зошто никој не беше одговорен за смртта на 14 пациенти во модуларната болница во Тетово? Зошто ниту еден министер не поднесе оставка по трагедијата во Бугарија со автобусот на Беса Транс? Зошто обвинителството тогаш громогласно молчеше додека државата тонеше во корупција? Одговорот е еден: затоа што се беше под нивна целосна контрола во функција на грабеж на Македонија.
Истовремено, СДС во паника се обидува да го оцрни министерот за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност – двајцата клучни личности кои целодневно, со посветеност, во координација со другите институции, ја водат постапката за утврдување на одговорноста за трагедијата во Кочани.
Сметаме дека сите прашања поставени од СДС треба да добијат одговор, но одговорот не треба да биде напишан од платениците на Заев и Филипче во СДС. Одговорот секојдневно го даваат фактите, доказите и институциите – на начин што нема да го понижи разумот на граѓаните, туку ќе ја зајакне нивната доверба!
И уште нешто – ВМРО-ДПМНЕ гледа на ова не како на политичка битка, туку како на историски момент за ресетирање на системот. За првпат институциите приведуваат, испитуваат, отвораат истраги, без оглед на политичка или етничка припадност. Ако СДС не го препознава тоа, тогаш или не го разбира времето во кое живееме, или – што е поверојатно – сака повторно да го врати старото време на селективна и заробена правда“, завршува Петрушевски.