Македонија
(Видео) Хан: Македонија се врати на европскиот пат, но има уште многу да се работи

Македонија се врати на европскиот пат, но има уште многу да се работи, изјави еврокомесарот Јоханес Хан на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев на која му го предаде извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија во кој се содржи чиста препорака за почеток на преговори. Тој рече дека реформите мора да продолжат, особено во независноста на судството, и истакна дека промената не значи само да се подобри легислативата, туку е потребна и нејзина имплементација.
„Не можам да ја скријам мојата лична среќа за овој успех постигнат по многуте посети. Ова е еден пат кон Европа и останува уште многу да се направи, но уште еднаш искрено им честитам на Владата и на опозицијата, која конечно беше сериозна во поддржувањето на оваа национална цел. Сите овие страни придонесоа до овој момент кој е важен за патот кон ЕУ на Македонија“, рече Хан.
Тој рече дека и граѓаните ја заслужија оваа неусловена препорака со која сите земји членки на ЕУ го признаа фокусирањето на земјата кон постигнувањето на целите.
„Земјата помина долг пат и покрај тешките околности за да ја надмине длабоката политичка криза и сега сте цврсто назад на европскиот пат. Гледаме дека има позитивна промена, обновено чувство на отвореност и надеж во земјата. Ги чувствувам атмосферата и добрите вибрации во земјата. Македонија стана ветување за демократска промена во целиот регион. Со имплементирање на договорот од Пржино реформите се спроведуваат, имаме отворени и транспарентни реформи. Но, за да се задржи ова, нема простор за задоволство, реформите мора да продолжат, особено во независноста на судството, промената не е само да се подобри легислативата, туку и нејзина имплементација“, рече Хан.
Според него, Владата со планот 3-6-9 постигнала многу за усвојување на неопходното законодавство и сега треба да се имплементира.
„Вие може да бидете модел за регионот. Доколку имате конкретна имплементација, постои можност за што побргу влегување во новата фаза. Мислам дека добро почнавте и важно е да се одржи ова во смисла на транспарентност и независност“, рече Хан, кој му го предаде извештајот на Заев.
Тој го поздрави враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот и рече дека очекува нејзино учество во дебати и поддршка во реформите.
Во однос на преговорите со Грција, Хан оценува дека е важно да се најде решение. „Ова е важно не затоа што би почнале преговорите за членство во ЕУ, туку за да се одржуваат добри односи со соседите“, рече Хан. Тој го посочи договорот со Бугарија како позитивен пример и во таа насока порача дека треба да се искористи моментот за да се постигне решение.
„Секогаш секој ќе треба да се откаже од нешто, тоа е компромис. Но, информиран сум дека двете страни се одлучни за постигнување фер и достинствено решение. Им честитам на министрите за надворешни работи за посветеноста да се надминат проблемите од минатото“, одговори Хан на новинарско прашање дали ЕУ има план Б ако не се реши спорот за името со Грција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АМСМ: Оштетена e оградата на мостот на Вардар, на патот кај селата Орешани – Таор

На патниот правец Р2131 од с.Орешани – с.Таор, на мостот на река Вардар, дел од заштитната ограда на самиот мост е оштетена поради излетано тешко моторно возило. Екипите на Ј.П. Македонијапат на самото место е поставија соодветна сообраќајна сигнализација (насочници), соопшти АМСМ.
Од таму, на учесниците во сообраќајот им препорачуваат крајно внимателно управување со возилата, прилагодување на брзината спрема условите на патот и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.
Македонија
(Видео) Превртен автомобил кај Тетово, удрил во заштитната ограда на автопатот

Несреќа се случи пред влезот на Групчин, во близина на Тетово. Автомобил удрил во заштитната ограда на автопатот Тетово-Скопје, по што се превртел. Засега не е познато дали има повредени лица.
Вратата од страна на возачот беше отворена, а екипата на „Макфакс“ јавува дека на местото немало друго возило, ниту повредени лица. На терен веќе имаше полиција
Од МВР посочуваат дека веќе го проверуваат настанот. На терен немаше ниту Брза помош, додека околу возилото имаше повеќе лица меѓу кои и минувачи.
Македонија
По 22 години конечно некој во државата за која се боревме, се сети дека постоиме, велат од Здружението „Бранител 2001“

Здружението на воени ветерани “Бранител 2001” изразува благодарност до Градоначалникот на општина Ѓорче Петров и членовите на Советот за денешниот, како што велат, значаен чекор.
„Усвојувањето на Одлука за ослободување на членовите на семејствата на бранителите од конфликтот во 2001 година од месечна партиципација за градинка, како и од паричниот надомест кој се дава за оброк во основните училишта е чекор кои мора да го поздравиме. По 22 години конечно некој во Република Македонија, во државата за која се боревме и ја браневме да се сети дека постоиме и дека ние Бранителите сме луѓе со чест и достоинство“, велат од здружението на воени ветерани.
Апелираат да не се застанува тука и повикуваат останатите општини да го следат примерот на општина Ѓорче Петров и барем на момент да се сетат дека тие постојат и дека дале значаен придонес во градењето на ова парче земја.