Македонија
Хелсиншкиот комитет: Правдата за Кочани мора да биде навремена, целосна и транспарентна
Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе ја следи судската постапка поврзана со трагичниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени. Основниот кривичен суд го закажа почетокот на главната расправа за 19 ноември во судницата на Казнено-поправната установа „Идризово“, информираат од таму.
Обвинителниот акт, како што појаснуваат, опфаќа 34 лица и три правни субјекти, меѓу кои поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и одговорни лица во фирмите поврзани со ноќниот клуб.
Хелсиншкиот комитет потсетува дека долготрајноста на постапките за кривични дела со тешки последици претставува повреда на правото на ефикасно судење, а секое одолжување ја продлабочува болката на семејствата и ја нарушува довербата на граѓаните во институциите.
Комитетот ја повикува судската власт да обезбеди јавна, правична и непристрасна постапка, целосна одговорност за сите што со своите постапки или пропусти придонеле за трагедијата и заштита на достоинството на жртвите и нивните семејства во текот на процесот.
Од Комитетот изразуваат поддршка на семејствата на загинатите, кои на 15 ноември (сабота) најавија марш за правда во Скопје, кој ќе почне на плоштадот Македонија и потоа преку Собранието ќе заврши кај Основниот кривичен суд.
„Граѓанскиот активизам и мирниот протест се легитимни форми на изразување незадоволство и на потсетување дека правдата не смее да биде одложена. Таа треба да е достапна за сите, без разлика на позицијата и влијанието на обвинетите. Правдата за Кочани е правда за сите нас“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Уапсен осомничениот за палењето на возилата на бугарската амбасада во Скопје
Полицијата го пронајде и приведе осомничениот за денешното опожарување на две службени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека станува збор за И.Д. (44) од Скопје, кој е задржан во полициска станица.
При преземените дејствија била пронајдена и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото.
Од МВР информираат дека во координација со надлежен јавен обвинител се преземаат дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по итна постапка.
Македонија
Мисајловски од Париз: инвестираме во нова и модерна опрема, зашто безбедноста на нашите граѓани и сигурноста на Алијансата е врвен приоритет
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (15 јуни) престојува во Париз, Франција каде присуствуваше на отворањето на меѓународниот саем за одбрана и безбедност „EUROSATORY 2026“, а оствари средба и со Елен Конвеј-Муре, потпретседателка на Комитетот за надворешни работи, одбрана и вооружени сили во францускиот Сенат.
На средбата со сенаторката Конвеј-Муре, министерот Мисајловски се осврна на инвестициите во армијата, видливи преку стабилното зголемување на средствата наменети за одбрана кои оваа година достигнаа 2,18 проценти од бруто-домашниот производ, од кои 32,5 проценти се наменети за набавка на нова и софистицирана опрема за македонската Армија.
„Македонската Влада силно инвестира во зацврстувањето на одбраната и безбедноста на земјата, а со тоа и на колективната одбрана на Алијансата. Со зголемувањето на одбранбениот буџет и набавката на нова, модерна и софистицирана опрема, вклучително и системите за против-воздушна одбрана Мистрал 3 од Француската Република, несомнено придонесуваме кон посилно НАТО и побезбедни граѓани“, рече министерот на средбата.
Мисајловски на средбата нагласи и дека потенцијалот за развој на одбранбената соработка со Франција е навистина голем, особено во контекст на заедничките обуки и вежби, како и размената на експертиза во доменот на одбраната.
На саемот „EUROSATORY 2026“, македонската делегација одблиску се запозна со новите достигнувања на полето на воената технологија, што е од исклучителна важност имајќи го предвид активниот процес за модернизација и опремување на Армијата.
Македонија
Осуда за инцидентот со возилата на бугарската амбасада, Муцунски најави целосно расчистување на случајот
Осуда за инцидентот во кој денеска беа опожарени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје изразил министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во телефонски разговор со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски ја информирал својата бугарска колешка дека надлежните институции веќе преземаат соодветни мерки за целосно расчистување на случајот, утврдување на сите околности и изведување на сторителот пред лицето на правдата.
Тој нагласил дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дава целосна поддршка на надлежните институции за спроведување брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел утврдување на одговорноста и соодветно санкционирање на сторителот.
