Македонија
Хелсиншки бара да се покренат постапки против насилниците и дел од полицајците на протестот за „Монструм“

Институциите да покренат постапки против насилниците од толпата, полициските службеници кои ги пречекориле овластувањаѕа и поттикнувачите на меѓуетничка омраза, порача Хелсиншкиот комитет за човекови права во извештајот во врска со насилниот протест по пресудите за случајот „Монструм“.
Од Хелсиншкиот комитет велат дека судската постапка во врска со петкратното убиство извршено на 12 април 2012 година во околината на Смилковското Езеро, ја бранува домашната јавност повеќе од осум години. За сиот овој период судските одлуки, кои се носат од страна на Основниот и Апелациониот кривичен суд – не поминуваат без насилство и говор на омраза, кој се истура на улиците и социјалните мрежи.
Првиот насилен протест на незадоволни граѓани од пресудата на Основниот кривичен суд Скопје се случи на 4 јули 2014 година, односно четири дена по објавувањето на првата пресуда на 30 јуни 2014 година. Тогаш со повреди се здобија дваесетина полицајци и беа приведени шест демонстранти. За време на протестот, во опасност беа доведени животите на мирните учесници на протестот и случајните минувачи. На 14 декември 2015 година Апелациониот суд Скопје ја потврди првостепената пресуда и изречените доживотни затворски казни. По објавувањето на оваа пресуда, повторно беше закажан и одржан насилен протест. Воедно, иако имаше подоцнежни протести, кои беа релативно помирни, сепак насилните протести се враќаат на сцена по секоја донесена судска одлука, практика што го става на тест не само судството, туку и целокупното македонско општество.
„Од 2015 година наваму, во јавноста циркулираа многу шпекулации дека невини луѓе се предмет на прогон, поради што и можеме да претпоставиме дека истите имаа влијание на одлуката на Врховниот суд постапката да се повтори од почеток. Во повторената постапка, обвинетите преку нивните бранители имаа можност за изнесување нови факти и докази, при што сите процесни дејствија им стоеја на располагање. Сепак, имајќи го предвид образложението на последната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје, одбраната не истакнала нови факти и нови докази, а повторното изведување на доказите, реконструкцијата на настаните и другото, не укажале на поинаква фактичка состојба од веќе утврдената. Така, на 23 февруари 2021 година Основниот кривичен суд Скопје во повторената постапка за случајот „Монструм“ ја објави својата пресуда, според која за тројца обвинети изречени се доживотни затворски казни, за двајца обвинeти изречени се затворски казни од 15 и 9 години затвор, додека еден обвинет е ослободен од вина“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Во однос на последните протести што се одржаа на 26 февруари, од Хелсиншкиот оценуваат дека имајќи го предвид насилството на претходниот протест одржан на 29 јануари, кога беа фрлани камења, скршени стаклата и оштетен влезот на МНР при обидот демонстрантите да се приближат до ОЈО, полицијата овој пат ги задржала граѓаните и не им дозволила да се приближат до зградата на кривичниот суд. Самото такво постапување на полицијата од страна на групата било примено како забрана на нивното уставно право на протест. Од друга страна, аргументот на полицијата е дека се работи за безбедносна проценка протестот да биде задржан на потегот ТЦ Мавровка – Бит-пазар, заради тоа што во толпата имаше една исклучително насилна група, веројатно составена од навивачи и помлади учесници на протестот, кои носеа фантомки на главите и беа наоружани со камења и други тврди предмети во рацете.
„Од новинарските прилози, од една страна, забележливо е прекумерното насилство на малубројната, но исклучително насилна група учесници на протестот провокатори, од чии дејствија исходот е 11 повредени полицајци, а од друга страна забележливо е прекумерното насилство и пречекорувањето на овластувањата на полицијата кон мирните учесници на протестот. Тврдењата дека полицијата ги пречекорила своите овластувања, а дел од учесниците на протестот го злоупотребиле своето уставно право на протест, најдобро ги поткрепува фактот што двајца новинари беа нападнати на протестот, едниот од страна на непознати лица, дел од толпата, другиот од страна на полицијата. Така, за нападнатиот новинар на ‘Слободен печат’, преку нивниот профил на Твитер, медиумот информираше дека бил нападнат од полициски службеник, при што насилно му бил одземен уредот за снимање и му ги избришале сите видеоматеријали. Сепак, видно од извадок од билтенот на дневни настани објавен на веб-страницата на МВР, забележан е единствено нападот на новинар од страна на непознати лица дел од толпата, што е и единствен евидентиран настан во врска со петочниот протест“, додава Хелсиншкиот комитет.
Се додава дека социјалните мрежи вриеле од говор на омраза од двете страни.
„Анализа на коментари дадени на влијателните портали на македонски и албански јазик, за жал, нè враќа на реториката и наративот пред/по конфликтот од 2001 година. Преовладуваат закани со смрт кон одредени политички лидери, а особено кон специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи, како и повици за обединување по етничка линија за насилно решавање на односите со другата етничка група и слично“, наведува Хелсиншкиот комитет.
Изнесеното во овој извештај и далекусежните реперкусии врз општеството од ваквите случаи, кои се обременети со етнички и политички предзнак, укажува на неопходноста од брзо и професионално реагирање на институциите надлежни за истрага и санкционирање на прекршителите на законот. Хелсиншки порача дека Основното јавно обвинителство во координација со Министерството за внатрешни работи, треба да го пронајдат и приведат секој кој го прекршил законот, без разлика дали се работи за насилен учесник на протестот или активен профил на социјалните мрежи кој шири меѓуетничка омраза. По комплетирање на доказите, против овие лица треба да се покренат обвиненија пред надлежните судови затоа што овие конкретни физички лица се вршители на насилствата и поттикнувачи на меѓуетничката омраза, а не целите етнички заедници.
Секторот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи, треба да отвори интерни постапки за испитување на поведението на полициските службеници, кои, видно од снимките од протестот, ги пречекориле своите овластувања, затоа што кон мирните учесници на протестот употребиле непропорционална сила. Истовремено, потребно е испитување на поведението на полициските службеници кои ги спречиле присутните новинари на протестот слободно и објективно да информираат, имајќи го предвид фактот дека бил вршен притисок врз конкретни новинари да се избрише снимениот материјал.
Детално да се истражат сите напади на новинари и лица кои известувале за протестот без разлика од кого се нападнати, да се лоцираат извршителите и да се покренат обвиненија кон одговорните лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Oблачно со услови за дожд, следните два дена следи стабилизација

Денеска ќе има локални врнежи од дожд претежно во западните и крајните источни делови, на места ќе има пороен дожд проследен со појава на грмежи, информираат од УХМР.
Според најавите од таму во следните два дена ќе биде стабилно со пораст на дневната температура, а услови за краткотраен дожд ќе има само во планинските подрачја.
Под влијание на нов влажен бран, во петок и сабота ќе има врнежи од дожд, кои на места ќе бидат обилни.
Македонија
Стигнаа 10.530 дози од „Фајзер“, од среда ќе бидат распределени на пунктовите за вакцинација

Попладнево стигна првата пратка од вакцините на „Фајзер“, која властите ја обезбедиjа cо директни преговори со овој производител, информираат од Министерството за здравство.
Станува збор за 10.530 дози од вакцината, кои веќе од среда ќе бидат распределени на вакциналните пунктови во државата, каде што се одвива вакцинацијата во согласност со Националната стратегија за ковид-имунизација.
Вакцините ќе бидат чувани во специјалните фрижидери кои постигнуваат температури под -70 степени, што државата ги набави во јануари токму за вакцината на „Фајзер“, која мора да биде складирана под посебни услови.
На почетокот од годинава Владата објави дека министерот за здравство, Венко Филипче, во директни преговори со американскиот производител договорил 800.000 дози од вакцината против Ковид-19, кои ќе се доставуваат во повеќе пратки во текот на 2021.
Македонија
Груевски: Тие си знаат чиј имот замрзнале, но мој сигурно не е

Денес дознав дека деновиве ОЈО објавило дека замрзнале наводен мој имот, односно земјиште и два помали стана што ги бев изнајмил, а некои од нивните апологети во медиумите тоа го објавиле како сигурна информација, пишува на „Фејсбук“ поранештниот премиер во бегство, Никола Груевски.
„Невозможно е да замрзнале мој имот што го немам и никогаш не бил моја сопственост, кој никогаш не сум го купил, ниту сум го платил, ниту поседувал ниту бил на нечие друго име или слично. Тие си знаат чиј имот замрзнале, но мој сигурно не, и под кои услови и околности кон лицата чиј имот го замрзнале, кој им е договорот и со што ги уцениле, па како резултат на тоа ги знаат и причините поради кои тие лица ‘не се жалеле’“, стои во објавата на Груевски.
Денес дознав дека деновиве ОЈО објавиле дека замрзнале наводен мој имот, односно земјиште и два помали стана кои ги бев…
Posted by Nikola Gruevski on Понеделник, 19 април 2021
Поранешниот премиер, кој доби азил во Унгарија, обвинува дека ОЈО под директива на власта, со цел негова дискредитација, има извршено уцени и жестоки притисоци.
„Некаде и со изрекување притвори, некаде со закана за долг притвор и потоа долгогодишен затвор, уништување бизниси и жесток прогон кон одредени бизнисмени, нивни вработени и други, дел за мене познати, а дел непознати лица, со цел да направат конструкција на база на изнудени лажни сведочења дека наводно тајно сум купил таков вид имот“, наведува експремиерот.
Тој тврди дека списокот на лица врз кои се вршеле и понатаму се вршат тортури е долг.
„Како што стојат работите, повторно како во комунизмот ќе водат постапки со неколку уценети и од нив преплашени сведоци, кои се под големи закани и на кои подолг период им се барани слабости, грешки или што било со што може да бидат уценети во смисла да не се поведе прогон за нив, а за возврат тие да ги потврдат конструираните тези на Обвинителството“, пишува Груевски.
На крајот од својата подолга објава тој посочува дека ќе дојде време кога, како што вели, на сето ова беснеење ќе има ревизија, но и ревизија на работењето и криминалот на актуелната власт.
„Од ден на ден нивниот страв расте. И ќе расте. Има причина за тоа. Доаѓа време кога сведоците, ама не лажни или уценети, туку реални и без страв, поткрепени со матерјални докази, ќе застанат наспроти нив“, заклучува поранешниот премиер во бегство.
Викендов беше објавено дека Кривичниот суд замрзнал новооткриен имот на Никола Груевски од два стана и плац на Водно од 3.000 квадратни метри како дел од истрага на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески посочи дека имотот не фигурирал на името на Груевски, кој во моментот е политички азилант во Унгарија, но сознанијата говорат дека суштински е негов.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Економија3 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Црна хроника3 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Регион4 дена
„Фајзер“, „спутник В“ или „Синофарм“ – истражување во Србија покажа која вакцина штити најбргу
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?