Македонија
Хелсиншки реагира поради исклучување на јавноста од рочиштето за 27 април

На денешното рочиште за предметот за 27 април, кој се води пред Основниот суд Скопје 1 Скопје, а на кое рочиште требаше да се распраша заштитениот сведок на ОЈО, судечкиот совет соопшти дека ја исклучува јавноста, по барање на ОЈО, наведувајќи само дека е врз основа на член 354, без притоа да прецизира точно која од причините утврдени со овој член е причина за исклучување на јавноста. Со тоа на сите присутни како јавност, вклучително и на набљудувачите од Хелсиншкиот комитет за човекови права и од други домашни организации кои ја следат оваа судска постапка, не им беше дозволено да го мониторираат денешното рочиште и распитот на заштитениот сведок. Сепак, судечкиот совет повикувајќи се на членот 355 став 2 од ЗКП дозволи да останат набљудувачите на Мисијата на ОБСЕ и на Амбасадата на САД во Скопје, со образложение дека истите имале соодветни протоколи за доверливост, се вели во реакцијата на Хелсиншкиот комитет.
Според нив, ваквата одлука на судечкиот совет за овој судски предмет претставува повреда на начелото на јавност на постапката, кое е едно од основните начела за гаранција на правото на фер судење.
,,Законот за кривична постапка јасно и прецизно го уредува начелото на јавност на постапката и со членот 353 ст. 1 утврдува дека главната расправа во кривичната постапка е јавна, а по исклучок (член 354) јавноста може да се исклучи ако е тоа потребно заради чување на државна, воена, службена или важна деловна тајна, чување на јавниот ред, заштита на приватниот живот на обвинетиот, сведокот или оштетениот, заштита на безбедноста на сведокот или жртвата и /или заштита на интересите на малолетно лице.
Во конкретниов случај судечкиот совет при објавата на решението за исклучување на јавноста не ги утврди и образложи точните причини за исклучување на јавноста наведени во членот 354 од ЗКП.
Распитот на заштитен сведок, сам по себе, не може да биде причина за исклучување на јавноста, токму од причина што безбедноста на сведокот е загрозена истиот е ставен под заштита и се испрашува во постапката според одредбите за распит на заштитен сведок (членови 228, 229, 230 и 338 од ЗКП). Со самото тоа што идентитетот на сведокот е заштитен (член 229) и истиот не се распрашува со директно присуство во судската сала туку преку технички уреди за пренос на слика и тон и замаглување на неговиот лик и глас ( член 230) се заштитува и гарантира безбедноста на заштитениот сведок. Од тие причини и законодавецот не одредил исклучувањето на јавноста да биде правило секогаш кога ќе се испитува заштитен сведок”, смета Хелсиншки.
Тие додаваат дека имајќи ја предвид чувствителноста и заинтересираноста на јавноста за овој предмет, од голема важност е јавноста постојано да биде вклучена и соодветно информирана за текот на постапката. Хелсиншкиот комитет за човекови права е организација која повеќе години врши мониторинг на судските рочишта со цел да ја следи законитоста во постапувањето на судовите, како и правилно и навремено известување на јавноста за актуелни судски постапки.
,,Поради тоа ваквата одлука на судечкиот совет, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ја смета за незаконска одлука со која се повредува правото на фер судење и начелото на јавност на постапката како неизоставна компонента на ова право и како гаранција за фер и законито постапување на судовите. Хелсиншкиот комитет укажува дека во иднина јавноста треба да биде исклучена само и единствено кога се исполнети условите изречно прецизирани во членот 354 од ЗКП и во ниеден друг случај”, се додава во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бектеши објави кои маркети се затворени оти не ги намалиле цените

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека во скопскиот регион се затворени маркети на „Веро“ и „Вива фреш“ поради непочитување на владините мерки за намалување на цените на прехранбените производи.
„Не верувам дека не се објавени ланците на супермаркети кои го прекршиле законот. Им дадовме одреден рок да се усогласат мерките. Во скопскиот регион се „Веро“ и „Вива Фреш“. Осум до десет ланци супермаркети имаат маркети во секој град. И вие медиумите треба да ги објавите маркетите кои го прекршиле ова, но сигурно ургираат кај вас затоа што се рекламираат. Јас немам проблем да ги кажам. Граѓаните да бидат спокојни, овие мерки ќе бидат спроведени во целост“ рече Бектеши. по посетата на компанијата „Алма-М“.
Во саботата, според директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, биле извршени над 50 контроли при што затворени се пет големи ланци на маркети по основ на Законот за потрошувачи, односно по основ на нечесни трговски пратки, а седум маркети се казнети поради непочитување на владината одлука.
Македонија
Вицепремиерката Грковска во работна посета на Словенија

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, од денеска до 27 септември 2023 година ќе биде во работна посета на Република Словенија.
Во рамки на оваа посета таа ќе оствари средби со словенечката министерка за дигитална трансформација, Емилија Стојменова Дух, со министерката за правда на Република Словенија, Доминика Шварц Пипан, како и со потпретседателката на Судскиот совет д-р Уршка Кежмах.
Исто така, вицепремиерката Грковска вечерва ќе присуствува на приемот организиран од Амбасадата на Република Северна Македонија во Словенија по повод 30 годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји и отворањето на амбасадата во Љубљана, која беше првото дипломатско претставништво отворено по прогласувањето на независноста на нашата држава.
Македонија
Петровска до командантот на Националната гарда на Вермонт: Македонија е ваш сојузник на кој можете да се потпрете

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во Министерството го пречека командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт со кого разговараше за три-децениското партнерство помеѓу Армијата и Националната гарда и начините за нејзино уште поголемо интензивирање во иднина.
На прес-конференцијата со генералот Најт, министерката истакна дека Северна Македонија е сојузник на кој Вермонт може да се потпре и дека преку партнерството и двете вооружени сили станаа еден тим способен да одговори на сите предизвици.
„Нема посилен и појасен приказ за нашето заедништво од тоа што го покажаа нашите припадници во наменските сили Феникс во Авганистан во 2010 година, кога функционираа како едно, една Армија. Нема поголем доказ за нашата блискост од континуираните вежби и обуки од кои придобивка имаат и Армијата и Националната гарда на Вермонт. Нема поголем израз на волја за да продолжиме на овој пат кон уште поголема интероперабилност, од нашите постојани контакти и средби на највисоко ниво од кои произлегуваат одлични идеи кои ги реализираме во целост“ рече Петровска.
Министерката Петровска се осврна и на големиот број заеднички вежби чиј интензитет ќе се зголеми во иднина.
„Зад нас се неколку големи вежби кои беа навистина успешни, а веќе сме во фаза на планирање на следните заеднички вежби, кои ќе бидат уште поголеми и позначајни за нашиот заеднички развој. Северна Македонија е подготвена со задоволство позитивно да одговори на интересот за заеднички активности со партнерските земји на Вермонт, Австрија и Сенегал, со што нашето пријателство ќе се прошири и продлабочи“, подвлече министерката.