Македонија
Царовска: Подготвени сме за успешно спроведување на државната матура

На 5 јуни започнува полагањето на државната матура за над 15 илјади матуранти. Учениците од завршната четврта година во средното образование ќе го полагаат првиот екстерен испит по предметот мајчин јазик, како еден од четирите – два екстерни и два интерни предмети во рамки на концептот за полагање матура годинава, договорен помеѓу надлежните институции и претставниците на средношколците организации, а кој, како и досега, предвидува изработка на проектна задача. По овој повод, министерката за образование и наука Мила Царовска денес беше во посета на Државниот испитен центар кој е одговорен за организација на целиот процес, каде со раководството разговараше околу текот на подготвителните активности, известува МОН.
„Драго ми е што оваа учебна година продолжуваме со организирање на процесот на полагање државната матура, со што им овозможуваме право на средношколците кои имаат интерес да продолжат едукативно да се надградуваат, покрај на домашните, да можат да се запишат и на некој врвен универзитет во странство доколку тоа им е волја. На сите ни е јасно дека секаде во светот за упис во високо се бара поседување на ваков документ кој значи формализација на средното образование. Лани беше направен исклучок и, за жал, дел од нашите ученици имаа проблем со прифаќањето на апликациите на странски факултети, но оваа година нема да биде така“, рече Царовска.
Таа додаде дека од страна на раководството на Државниот испитен центар е информирана дека сите подготвителни активности предвидени со планот за организирање на државната матура се спроведени и врз основа на тоа очекува процесот успешно да се реализира.
„Усвоени се сите неопходни протоколи врз основа на кои матурата треба да се спроведе во услови на пандемија, а со цел да се заштити здравјето на учениците, наставниците и сите други учесници во процесот. Предвидено е во училница да бидат присутни најмногу до 15 ученици, а некаде и помалку во зависност од просторните услови. Во меѓувреме над 2000 тестатори се вакцинирани со двете дози кои значат стекнат имунитет“, информираше Царовска.
Директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска, рече дека вкупно 15.294 ученици се пријавиле за полагање државна матура, од кои 7.050 се од гимназиско образование, 7.983 од средно стручно образование и 261 од средно уметничко образование. Информираше дека испитните програми за предметите што се опфатени со матурата оваа година се скратени, а воедно и дека согласно договореното со средношколците, можните прашања ќе им бидат достапни на три недели пред полагањето на секој испит.
По полагањето на првиот задолжителен екстерен испит по мајчин јазик на 5 јуни, ќе следи и полагање на вториот екстерен испит, кој е изборен. Учениците кои можеа да одберат помеѓу математика или странски јазик, ќе полагаат на 11 јуни. Интерните ќе бидат организирани до крајот на јуни по распоред што го креираат самите училишта. Проектната задача се реализираше од 15 март до 30 април. Резултатите ќе бидат објавени во рок од 30 дена од вториот екстерен испит, велат од министерството.
Од таму дообјаснуваат дека за матурантите кои на испитите на 5 и 11 јуни ќе бидат заболени од Ковид-19, или ќе бидат во изолација, овозможени се дополнителни термини на 25 и 28 јуни, со приложување потврда до училишните комисии. Тие што нема да положат матура во јуни, дел или во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија – термините се 11 август за првиот и 13 август за вториот екстерен испит.
Во меѓувреме, Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар започнаа со подготвителни активности за изработка на целосно нова концепција за државна матура која ќе се применува од следната учебна година и ќе овозможи, како што велат, различни видови на матура за гимназиското, стручното и уметничкото образование. За оваа цел е формирана посебна работна група составена од претставници на надлежните институции и претставници на средношколците, а воедно ангажиран е и експерт од Светска банка кој работеше и на актуелната концепција за полагање државна матура, информира МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осуда од Ковачевски за каменувањето на македонскиот клуб во Бугарија: Очекувам да го санкционираат вандализмот во најкраток рок

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски најостро го осудува вандалскиот чин, на каменување на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград.
Тој преку својот Фејсбук профил, порача дека очекува во најкраток можен рок, институциите во Република Бугарија да ги најдат сторителите и соодветно да ги казнат.
„Каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград е чин на вандализам кој најостро го осудувам. Ваквите активности не соодвествуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“, пишува во објавата на премиерот Ковачевски.
Македонија
ЦУК: Пожар кај селото Миладиновци

Искрење на бандера, предизвика пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинеријата ОКТА.
Центарот за управување со кризи на својот фејсбук профил објави дека во моментот се интервенира на негово гаснење.
,,Во 19:05 часот на телефонскиот број 112 пријавен е пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинерија ОКТА кој настанал како резултат на искрење на бандера и истиот се проширил на околната сува трева. Во моментот на местото на настанот се екипи на БППЗ на Град Скопје и полиција. Се интервенира на негово целосно гаснење и во моментот нема опасност од негово проширување”, се вели во соопштението од ЦУК.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го осуди демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград: Да запре говорот на омраза кон Македонците во Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград. Вандализмот не е добрососедство и не може да биде. Негирањето на Македонија, но и на Македонците во соседството е пред се резултат на поданичкиот однос на власта, која го дозволи и мотивира тој однос, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека сега Ковачевски и Пендаровски на дело гледаат кај ја донесоа државата и македонскиот народ. Народот не смее да биде жртва на власта, затоа и ВМРО-ДПМНЕ бара промени. Потребна е власт која ќе се грижи за народот.
Упатуваме апел и до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја, што побрзо да се откријат вандалите, истите да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците, се вели во соопштението.