Македонија
Царовска: Промените во основното образование подразбираат и унапредување на правата на заедниците

Новата Концепција за основно образование превидува драстични промени во образовниот систем од следната учебна година, вклучително и воведување на интеркултурно образование со кое ќе се надмине пасивниот соживот помеѓу различните етнички и верски заедници и ќе се даде придонес кон изнаоѓање на одржлив начин за заедничко живеење во нашето мултикултурно и мултиетничко општество. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска во своето обраќање на денешната онлајн конференција по повод 25 години од усвојувањето на Хашките препораки за образовните права на националните малцинства, организирана од Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ.
„Еден од најважните аспекти на реформските процеси во нашата земја во делот на образованието се однесува на воведување книги за дигитално учење. Пандемијата не само што ни покажа колку е важна дигитализацијата во образовниот систем, туку и ја истакна потребата од забрзување на овој процес со цел секое дете да има еднаков пристап до образовните можности“, рече Царовска, додавајќи дека печатените учебници остануваат за учениците од прво до трето одделение, додека дигиталните се прва опција за учениците од четврто и погорните одделенија.
Таа потенцираше дека новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали кој е во собраниска процедура овозможува секој ученик да има пристап до учебникот од кој треба да учи и да ја совладува наставната материја.
„За учениците кои потекнуваат од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигитални материјали за учење, како и за ученици на кои поради попреченост им се потребни уреди или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до учење користат книги. Ова значи дека за прв пат институциите ќе имаат законска обврска да обезбедуваат уреди за деца кои доаѓаат од семејства со ниски примања и сите сме свесни дека тоа се во најголем дел семејства припадници на одредени етнички малцинства“, рече Царовска.
Министерката нагласи дека законот предвидува училиштата да имаат таканаречен библиотечен фонд на таблет компјутери кои ќе им се даваат на времено користење на учениците од социјално загрозените семејства, за што обезбедена е поддршка од Светска банка. Додека за учениците кои од разни причини немаат можност да користат дигитални учебници, училиштата се должни бесплатно да им ги испечатат учебниците и тоа на еден од официјалните јазици на кои се организира наставата во јавните училишта во Северна Македонија, што досега не било пракса.
„Без сомнение, воведувањето на дигитални технологии во образовниот систем навистина може да придонесе кон зајакнување на маргинализираните заедници и да ги намали нееднаквостите, но само ако сите навистина имаме волја и ресурси да го оствариме тоа. Ние како Министерство и како Влада сме максимално посветени да ја постигнеме оваа цел“, истакна Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно и студено време

Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, на места со провејување на слаб снег.
Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Македонија
(Видео) Ковачевски: Почитта кон различностите нѐ прави да бидеме обединети во заедничката идеја за мир и единство

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски вечерва имаше обраќање на свечената академија, која се одржа по повод одбележувањето на Св. Сава – националниот празник на српската заедница во Република Северна Македонија.
На свеченоста присуствуваа Милош Вучевиќ, заменик-претседателот на Владата на Република Србија и министер за одбрана на Република Србија, Славјанка Петровска, министерка за одбрана на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот кор, претставници на политички партии, граѓански организации, здруженија, како и бројни гости од земјава и од странство.
Премиерот Димитар Ковачевски упати најсрдечни честитки по повод празникот Св. Сава, со желба за долговечно чествување.
„Одбележувањето на Св. Сава, националниот ден на српската заедница, за нас и за нашата држава значи негување на сите вредности по кои духовниот и интелектуалниот творец на идејата за српската државотворност ќе остане запаметен во историјата на народите на овие простори. Валоризацијата на овие вредности и негувањето на почитта кон другите и почитта кон различностите нѐ прави да бидеме обединети во заедничката идеја за мир и единство. Само така, обединети во различностите, можеме да одиме напред како општество, но и заеднички, како народи кои живеат во регион, преполн со предизвици.Нашите врати, вратите на Република Северна Македонија секогаш ќе бидат отворени за сите народи кои се пријателски, а еден од тие народи е и нашиот братски, српски народ. Нашата заедничка иднина зависи од сите нас. Без разлика колку и да сме различни, сепак, имаме една цел кон која сите се стремиме – просперитетен, отворен и современ Балкан, ослободен од предрасуди, омраза и непријателства”, рече Ковачевски.
Македонија
Премиерите Ковачевски и Донев остварија телефонски разговор

Прeтседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска оствари телефонски разговор со техничкиот премиер на Република Бугарија, Галаб Донев. Во телефонскиот разговор на двајцата премиери фокусот беше ставен на актуелните теми во двете држави.
Премиерот Ковачевски во разговорот со техничкиот премиер Донев потенцираше дека Република Северна Македонија, согласно уставното уредување гарантира остварување на правата на секој граѓанин кој живее во државата. Во контекст на случувањата и претстојното чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, беше потенцирано дека активностите на поединци, без разлика дали се граѓани на Република Бугарија или на Република Северна Македонија кои ќе бидат во насока на оневозможување на мирно и безбедно чествување на празникот, ќе бидат соодветно санкционирани, како што се очекува да постапи и бугарската страна.
Во контекст на претстојното чествување на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев, а со цел одбележувањето да помине во мирна и пријателска атмосфера, задолжено е Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност во координација со соодветните служби во Република Бугарија да ги обезбедат сите услови за достоинствено чествување на овој голем ден.