Македонија
Црвенковски: Ако нашата идеја е „НАТО ќе нѐ брани, ЕУ ќе нѐ храни“, ниту ќе се одбраниме ниту ќе се нахраниме
Како поранешен премиер и претседател на Република Македонија имам право, но и обврска да проговорам, за тоа каде според мои согледувања се наоѓаме денес како држава и кои се политиките што треба да ги спроведуваме во иднина, истакна во својот говор поранешниот претседател Бранко Црвенковски на свечениот научен собир во МАНУ на тема: „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991/1991 – 2021 година“.
„Се направија крупни грешки“, рече Црвенковски.
„Со денешниве сознанија и искуства, со оваа памет, сигурно дека многу работи јас лично би ги направил сосема поинаку. Но, за жал, како во приватниот живот, така и во политиката – времеплов не постои. Без разлика што ниедна од тогашните одлуки не беше донесена со лоши намери, туку верувајќи во тие и такви тогашни околности дека се правилни, од денешен аспект гледано негативните последици мора да се признаат. И за успесите што беа постигнати, но и за грешките што беа направени во периодот додека бев премиер, носам целосна одговорност“, истакна поранешниот претседател.
Оцени дека станавме членка на НАТО, но поради позициите на Бугарија, како што рече, не можеме да ги почнеме преговорите со ЕУ.
„Јас не би ставил знак еднаквост помеѓу преспанскиот договор со Грција и договорот за пријателство и соработка со Бугарија од најмалку една причина. Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно прашање туку, напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја, што компромис, едноставно, не е можен. Мантрата што постојано ја слушаме од страна на актуелните политичари во нашата земја е: „Полноправното членство во ЕУ е нашата единствена опција за која не постои алтернатива. Не постои и воопшто не размислуваме за план Б“. Го поставувам прашањето – а што ако не поради нас, не затоа што ние не сакаме или не сме спремни да ги спроведуваме неопходните реформи и да ги исполнуваме неопходните критериуми, туку затоа што самата ЕУ реши да нема понатамошно проширување, на пример, затоа што ваква каква што е со постојните членки е недоволно функционална и ефикасна, дека евентуално нови членки дополнително ќе го усложнат и онака премногу комплицираниот начин на одлучување и креирање заеднички политики? А такви размислувања во рамките на Унијата веќе има. Што во тој случај ќе правиме ние за кои не постои друга алтернатива? Ќе се самоукинеме, ќе се самораспуштиме како држава? Или мора да најдеме алтернатива!“, нагласи Црвенковски.
„Ако нашата главна идеја водилка е: ‘НАТО ќе нѐ брани, ЕУ ќе нѐ храни, тврдам дека ниту ќе се одбраниме ниту ќе се нахраниме. Зарем не е логично дека никој од надвор не може да биде повеќе заинтересиран од нас самите во каква држава ќе живееме и каква држава ќе им оставиме на нашите деца и внуци“, беше потенцирано во говорот на поранешниот претседател.
Според Црвенковски, Македонија е корумпирана, внатрешно длабоко поделена и конфронтирана држава. Во Македонија, како што додаде, не е можно да се изгради консензус за ниту едно стратешки важно прашање. Оценува дека политичките партии меѓусебно не се гледаат како конкуренти, туку како непријатели, кои треба да се уништат не избирајќи средства.
Изборите, смета Црвенковскии, без разлика од кој вид, не се третираат како фер натпревар кој е подобар, туку како гладијаторска борба, во која победникот добива сѐ, а поразениот ништо.
„Јас сум длабоко уверен дека вака внатрешно конфронтирани, раскарани и замразени, неспособни ниту да седнеме на иста маса, а камоли за нешто да се договориме, немаме никакви шанси да ја направиме Македонија поуспешна, попросперитетна, посакувана во неа да се живее и во неа да се верува“, рече Црвенковски.
Нагласи дека Македонија е држава што живее на кредити, притоа потсетувајќи на изреката: Кој живее на кредит, умира на рати.
„Да скратам, вака понатаму не може. Овој балон еден ден, порано или подоцна, ќе пукне, со сите катастрофални последици што од тоа ќе произлезат. На Македонија ѝ е ургентно потребна една национална платформа за која ќе се постигне широк општествен консензус и за сите ќе биде задолжителна за спроведување, без разлика кој ќе биде власт, а кој опозиција, сѐ додека клучните работи не бидат доведени во ред“, нагласи Црвенковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Победа на СДСМ за професионалната и чесна полицијa, Мицкоски и Тошковски најавуваат одложување на скандалозната партизација
„Победа на СДСМ за професионалната и чесна полиција – Мицкоски и Тошковски најавуваат одложување на скандалозната партизацијата на МВР, објави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Полицијата, додава тој во објавата, не смее да служи на криминалната група ВМРО, на шефот на мафијата Мицкоски и да служи за заштита на криминалот и корупцијата.
„Ова е победа на СДСМ за сите граѓани на Македонија и за професионалците во полицијата, победа на стручноста и професионализмот над партизацијата и политичката контрола врз полицијата.
Победа на СДСМ за професионалната и чесна полиција – Мицкоски и Тошковски најавуваат одложување на скандалозната партизацијата на МВР.
Полицијата не смее да служи на криминалната група ВМРО, на шефот на мафијата Мицкоски и да служи за заштита на криминалот и корупцијата.
Ова е… pic.twitter.com/WYvKiZC7ar
— Venko Filipce (@VFilipche) May 7, 2026
Ние поднесовме иницијатива до Уставниот суд со што ја блокираме партизацијата на МВР.
Со оваа одлука за одложување, Мицкоски и Тошевски всушност признаваат дека не можат да го протнат законот без да предизвикаат огромен отпор и без да имаат правна основа.
Честитки до сите чесни и професионални полицајци кои секојдневно ја вршат својата работа чесно и професионално.
Ова е ваша победа“.
Ова, додава Филипче е потврда дека граѓаните и институциите не дозволуваат МВР да се претвори во партиска полиција на ВМРО-ОКГ.
СДСМ, како што истакнува, е во служба на граѓаните на Македонија, а граѓаните и професионалната полиција не дозволуваат партизација на безбедносните институции.
„СДСМ ќе ја врати власта во рацете на народот!
Доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста“.
Неговата објава следи откако министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во телевизиско гостување најави дека ќе предложи до пратениците во Собранието одложување на примената на новиот Закон за внатрешни работи и измените на Законот за полиција, со цел тие да стапат во сила по завршување на следниот изборен процес.
Тошковски оцени дека станува збор за обид на опозицијата однапред да создаде алиби за изборниот пораз што, според него, ја очекува на наредните парламентарни избори.
„За да не им се даде алиби и да не им се остави простор да критикуваат и да бараат излезно сценарио, ќе предложам до пратениците во Собранието, најбрзо што може, измена со која и новиот Закон за внатрешни работи и измените на Законот за полиција ќе се одложат и ќе стапат во сила по завршување на изборниот процес“, изјави Тошковски.
Според него, целта е изборниот процес да се одвива според истите правила кои важеле и досега, без можност опозицијата да тврди дека законските измени влијаеле врз условите за избори.
„Сè со цел да не им дозволиме ни најмала излезна варијанта во насока на наоѓање алиби кое би го оправдало нивниот дебакл на наредните парламентарни избори“, нагласи Тошковски.
Македонија
Левица, уште еден сателит во одбрана на ВМРО-ОКГ, велат од СДСМ
Уште еден сателит во одбрана на криминална група ВМРО во момент кога Мицковски повеќе не може да одговори на граѓаните на ниту едно прашање. Левица е партија која е создадена и финансирана од ВМРО, велат од СДСМ.
„Партија која фиктивно треба да глуми сериозна опозиција на власта, а всушност е осудена засекогаш да биде опозиција. Која е против НАТО во земја членка на НАТО, во која 72% од граѓаните го поддржуваат НАТО.
Партија која е против ЕУ во земја кандидат за ЕУ, во која 77% од граѓаните ги поддржуваат европските интеграции.
Партија која е проруски ориентирана во земја во која САД се стратешки партнер“.
Од СДСМ додаваат дека се ближи јуни а oстануваат уште 24 дена до рокот кој, како шти велат, самиот си го поставил Мицкоски за исполнување на реформските услови.
„Од тоа нема ништо.
Затоа вештачки се подгрева конфликт со Бугарија, а преку своите сателити Левица и ЗНАМ започнуваат црна кампања против СДСМ.
Нема да нè запрете.
Сите ќе одговарате!
Доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста“, посочуваат од СДСМ.
Македонија
Ученик објавувал заканувачки пораки за неговите соученици во Битола; Безбедноста и благосостојбата на учениците e наш највисок приоритет, велат од училиштето
Ученик во Битола на социјални мрежи објавувал вознемирувачки пораки за соучениците и нивните родители.
Директорот на ООУ „Стив Наумов” – Битола, Николче Пискачев, преку соопштение, апелира до јавноста за воздржаност од ширење на непроверени информации и за почитување на приватноста и достоинството на сите инволвирани лица, особено, како што подвлекува, имајќи предвид дека станува збор за малолетници.
„Во врска со настанот поврзан со ученик од нашето училиште кој преку социјалните мрежи објавувал недолични и заканувачки пораки за неговите соученици и нивните родители, како транспарентно училиште, Ве информираме дека училиштето веднаш постапи согласно своите законски надлежности и обврски.
Иако содржините не биле објавувани во рамките на училиштето, ниту за време на наставниот процес во училиштето, по добиената претставка од група родители до ДПИ, училиштето без одлагање ги извести надлежните институции – Министерството за внатрешни работи, Центарот за социјални работи и подрачното одделение за образование на општина Битола, со цел случајот целосно да се испита и понатаму институционално да се постапува по истиот.
Во рамките на нашите надлежности, училиштето презеде соодветни мерки за заштита и поддршка на учениците, како и активности за смирување на состојбата и обезбедување безбедна и сигурна средина за сите ученици и вработени“.
Безбедноста и благосостојбата на учениците, потенцира директорот на училиштето, останува највисок приоритет.
„Училиштето ќе продолжи да соработува со надлежните институции до целосно разрешување на случајот“.
