Македонија
ЦУК: Вчера 33 пожари на отворено, денеска пожарите почнаа од мугрите
Во текот на вчерашниот ден биле регистрирани 33 пожари во 23 општини, од кои 30 се изгаснати. Според информациите што стигнаа до Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи, противпожарните тимови (некаде заеднички – здружени од повеќе општини) изгаснале 30 пожари до утрово, а три сè уште се евидентираат како активни до утрово, извести ЦУК.
Карактеристично за вчерашните пожари е што до пладне немало пријавено – нивното појавување почнало од 13.15 часот. Тогаш наеднаш се пријавени три пожари: два во Скопско и еден во Струмичко, поголемите пожари почнаа на крајот на денот и доцна во ноќта, а последниот вчерашен беше пријавен во 23.20 часот – пожарот над селото Новоселани во правец кон село Лепопелци во општина Чешиново-Облешаво, велат од ЦУК.
При вчерашните пожари гореле сува трева, ниска вегетација, мешана и борова шума, а и прагови на железничка пруга. Конкретно, при пожарот што почнал околу 14.30 часот и сè уште е активен кај селото Слепче во општина Долнени биле зафатени ниска вегетација, грмушки и дел од праговите на железничката пруга. Поради опожарување на железничките прагови, а и поради работа за нивна промена, железничкиот сообраќај Скопје – Битола – Скопје не се одвива. Покрај овој пожар кај селото Слепче, активни се уште два, и тоа во: општина Прилеп, кај селото Алинци, каде што гореле сува трева и ниска вегетација, и во општина Сарај, кај селото Радуша, при што првин горела депонија, а потоа пожарот се раширил на околната вегетација, и во општина Долнени, кај селото Слепче, каде што гореле сува трева, грмушки и железнички прагови. Поради опожарување на железничките прагови, односно поради нивна промена, железничкиот сообраќај Скопје – Битола – Скопје, не се одвива, додаваат од ЦУК.
Инаку, овој ден, за разлика од вчерашниот кога сите 33 пожари беа попладне и во ноќта, денеска денот од мугрите почнува со пријавен пожар во 6.50 часот. Конкретно, регионалниот ЦУК Куманово извести дека пожарникарите од Територијалната противпожарна единица ТППЕ Крива Паланка од 6.50 часот, со четири пожарникари и со едно противпожарно возило. интервенираат на пожар кај селото Градец, каде што горат сува трева и борова шума.
ЦУК апелира до граѓаните да се воздржат од палење огнови на отворено и да не палат отпадоци дури и во своите дворови бидејќи ветерот многу лесно може огнот да го пренесе на околната вегетација, која е многу сува, а оваа година е многу нарасната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Преродба“ ќе поднесе декларација до бугарскиот парламент со осуда по изјавите Николоски
Крајнодесничарската партија „Преродба“ најави дека ќе поднесе предлог-декларација со суда за говор на омраза во бугарскиот парламент, а во врска со изјавите на вицепремиерот Александар Николоски кој ја нарече земјата „нецивилизиран домаќин“ по средбата меѓу Силјановска Давкова и Румен Радев на која го немаше македонското знаме.
„Имаме договор за добрососедство и тој отворено се прекршува. Сфаќаме дека ова е политика на намерно барање провокации, која Скопје ја игра изненадувачки добро. Треба да се реагира умерено и дипломатски, без да се навлегува во нивниот тон. Ќе поднесеме барање за вонредна седница на Народното собрание и ќе ја поднесеме декларацијата денеска“, изјави Костадин Костадинов, лидерот на „Преродба“.
Според него, во декларацијата треба да пишува дека Бугарија мора да ги информира своите партнери во Европската Унија за тоа што се случува од другата страна на границата – дека има саботажа против паневропските политики и една од нив е Коридорот 8.
„Кога сакате да бидете во заеднички европски дом, мора да ја почитувате политиката на овој заеднички европски дом. Еден од условите е да имате политика на добрососедство“, додаде тој.
Македонија
Адвокатот на таткото на Вања: Обвинението се темели на доказите кои ги прибавил Александар, тој е жртва
Адвокатот на таткото на Вања, Владимир Туфегџиќ кажа дека денеска во воведните говори на Јавното обвинителство не слушнале која е поткрепата на обвинението за Александар Ѓорчевски и врз основа на кои докази го темели обвинението за стореното кривично дело.
„Само паушално наведува дека помагал. Немаме дејствија на извршување, немаме доказ и потполно беше апсурдно барањето на Јавното обвинителство за исклучување на јавноста, а јавниот обвинител во воведниот говор вели јавноста да ги добие долгоочекуваните одговори. Како јавноста доколку биде исклучена ќе ги добие долгоочекуваните одговори“, рече Туфегџиќ.
Адвокатот додаде дека таткото на Вања е жртва и оштетен во постапката.
„Александар е жртва, тој е оштетен во оваа постапка, тврдам дека секој родител на кој би му се случило вакво нешто би го презел апсолутно истото што го презел тој, би водел своја самостојна истрага. Сведоци сте дека обвинението се темели токму на доказите кои ги прибавил Александар и тоа со знаење и со согласност на полициските службеници за кои барам да бидат испитани да видиме како ја воделе постапката“, рече адвокатот и додаде дека „тврди дека ова не е водено онака како што треба, затоа го имаме тој резултат во однос на Александар“.
Туфегџиќ кажа дека не знае кој ќе биде концептот на одбрана на другите обвинети.
„Јас сум доведен во позиција да бранам потполно невин човек, за кој нема ниту еден доказ“, додаде адвокатот.
Во однос на тврдењето на Обвинителството дека само таткото на Вања знаел дека таа ќе оди тој ден сама на училиште, адвокатот кажа дека таков доказ тој нема, а од каде се тие заклучоци Туфегџиќ кажа дека треба Јавниот обвинител треба тоа да го презентира.
Според адвокатот, Алексадар е класично злоупотребен.
„Неговите дејствија во насока на самостојна истрага се злоупотребени и погрешно протолкувани. Тој бил во секојдневна комуникација со своите деца“, додаде Туфегџиќ.
Скопје
Герасимовски: Во соработка со МВР расчистена е депонија во објект вселен од бездомници во Буњаковец
По налог на Општина Центар, расчистен е напуштениот објект на улица „Владимир Полежиновски“, зад ТЦ Буњаковец, во кој со месеци диво биле вселени бездомни лица и зависници. Акцијата е спроведена со асистенција на МВР, а по пријава на станарите од околните згради. Бездомниците се иселени, а руинираната куќа, претворена во депонија со смет и токсичен отпад, е исчистена и оградена со лимени табли за да се спречи повторно влегување на овие лица. На акцијата присуствуваше и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Жителите му се пожалија дека стравуваат за личната безбедност, но и за своето здравје поради ситуацијата во соседниот објект, кој е потенцијален извор на зарази.
„Инспекторите на Општина Центар и полицијата денеска одлично си ја завршија работата и мислам дека веќе нема место за загриженост. На сопствениците им наложивме да си го средат и исчистат објектот, а ние го расчистивме околниот јавен простор. Сопственикот го загради и влезот на куќата со цел да нема нови упади“, истакна Герасимовски во разговор со граѓаните.
Градоначалникот посочи дека ваквите пропаднати и напуштени куќи, во кои се собираат бездомници и се прават мини депонии не се само грда слика во центарот на градот, туку претставуваат и вистинска опасност за сите жители во околината.
Затоа ги замолуваме сопствениците да бидат совесни, а соседите навремено да пријавуваат за да можеме да реагираме“, порача Герасимовски.