Македонија
ЦУК: Има опасност од карпа што виси над автопатот Скопје-Велес
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) беше испратено известување за опасност по учесници на сообраќај, од карпа што виси над автопатот Скопје-Велес, на делот после патарината пред Велес, а по првиот тунел, до Јавното Претпријатие (ЈП) за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и до Јавното претпријатие (ЈП) за државни патишта. За истата опасна карпа, на бројот за итни случаи 112 во ЦУК, има повеќе јавувања – пријави од граѓани.
„Ситуацијата со опасната карпа и можен одрон на дополнителен материјал од високиот масив покрај автопатот, при нејзино паѓање, налага превентивно е дека корисно во најбрз можен рок да биде извршена санација и отстранување на наведената карпа, како превенција да не дојди до загрозување на човечки живот и на уништување на материјални добра“, велат од ЦУК и додаваат:
„Конкретно, известувањето од ЦУК, до јавните претпријатија, е ургенција за преземање на мерки и активности во надлежност на јавните претпријатија за санација – отстранување на карпа што виси над автопатот Скопје-Велес, на делот после патарината пред Велес, а после првиот тунел. Имено, повеќе од 18 денови карпата е одвоена од основниот масив високо над патот и паѓаат парчиња од карпа и камења на автопатот со што директно се загрозени учесниците во сообраќајот, односно постои директна опасност по животот на луѓето и материјални добра на учесниците на сообраќајот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре протест поради загадениот воздух
Утре во Скопје протести поради загадениот воздух. Маршот започнува во 16 часот пред Министерството за животна средина, продолжува кон Собранието и завршува пред Владата на Република Македонија.
Од „Зелен хуман град“ предлагаат неколку итни мерки, но и повеќе среднорочни, за поефикасно справување со штетните честички во воздухот.
„Протестираме бидејќи секоја година од 3.828 до 5000+ луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5. Ова претставува 17,7% од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух.
Бараме од надлежните институции итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на овие ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето“ велат од „Зелен хуман град“.
Македонија
Ловечко куче извадено од провалија од екипа на Планинската спасителна служба во Охрид
Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст Охрид спасила ловечко куче паднато во провалија од околу 50 метри.
Вчера добиле повик од група ловци, чие ловечко куче се изгубило. Поради сериозната експонираност на теренот, ловците побарал помош од ПСС, по што еден тим од двајца спасувачи веднаш излегол на терен.
„Со помош на околувратникот со вграден ГПС локатор, го лоцирале кучето на едно хоризонтално зарамнување од ископот на каменоломот во селото Речица, 100-тина метри од подножјето и околу 50 метри од горниот раб на ископот. Дополнителен проблем претставуваше тоа што кучето единствено соработува со неговиот сопственик, поради што бевме принудени во операцијата покрај припадникот на ПСС, да го обезбедиме и спуштиме до кучето и сопственикот. По неколку часа, кучето и сопственикот беа извлечени на сигурно и спуштени во подножјето на каменоломот“, соопшти ПСС Охрид.
„Вештините на планинските спасувачи, се единствени кои можат да спречат влошување на состојбите и предизвикување емотивен шок за луѓето, во случајов сопствениците на кучето, кои беа видно загрижени за неговата безбедност“, посочува Планинската спасителна служба.
Македонија
Црвениот крст од Кочани однесе помош за човекот кој на 112 пријави дека три дена е оставен без храна
Службите на Црвен крст од Кочани утрово однесоа помош до Ванчо Димитров, неподвижен човек во селото Видовиште откако тој вчера самиот се пријавил на бројот за итни случаи 112 дека е во многу лоша здравствена состојба и три дена е без храна. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) го пријавија случајот, но неколку институции се прогласиле за ненадлежни да му помогнат.
Црвениот крст кај Димитров дома однесе два хуманитарни пакети со конзервирана храна.