Македонија
ЦУК: Сите 18 пожари на отворено се изгаснати

Пожари на отворено утрово нема – сите 18 се изгаснати, според информациите од Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи.
„Противпожарните тимови со целодневен ангажман, некаде и заедно со месното население, сите ги изгаснале“, велат од ЦУК.
Изгаснатите 18 пожари настанале во сите делови на државата, а во некои општини имало и по неколку пожари на отворено, при што гореле сува трева, ниска вегетација, мешана шума, една плевна и гореле и неколку депонии.
Конкретно, пожарите се случиле во: општина Зелениково, село Орешани, каде што горела ниска вегетација и мешана шума; општина Аеродром, село Долно Лисиче (ниска вегетација); општина Сарај, село Бојане (ниска шума и вегетација); општина Ѓорче Петров, село Никиштане (ниска вегетација); општина Битола, помеѓу селата Рапеш и Маково (ниска вегетација и шума); општина Василево, село Василево (ниска вегетација); општина Ресен, село Долно Дупени (ниска вегетација и плевна); општина Кривогаштани, село Бела Црква (ниска вегетација и депонија); општина Василево, кај село Градашорци и бензинска пумпа „Тритерол“ (ниска вегетација) и кај стариот пат село Радичево и село Дукатино (ниска вегетација); општина Струга, село Долна Белица (ниска вегетација); општина Желино, село Желино (ниска вегетација); општина Врапчиште, село Градец (ниска вегетација); општина Виница, Виница (депонија); општина Кочани, село Грдовци (ниска вегетација); општина Карбинци, село Радање (ниска вегетација) и во општина Куманово, кај село село Бедиње и село Шупли Камен, каде што горела ниска вегетација.
Територијалните противпожарни единици интервенирале и на неколку помали пожари на запалена сува трева во урбаните и населени места, а паралелно со тоа гаснеле и пријавени пожари на објекти во градовите и населените места.
Центарот за управување со кризи апелира граѓаните да се воздржуваат од палење оган на отворено, а ако забележат пожар или, пак, друга опасност по граѓаните, а и по природните и материјалните добра во државата, едноставно да го пријават тоа на единствениот телефонски број за итни случаи 112 во ЦУК. Потоа ЦУК ги презема активностите со кои се остваруваат неговите задачи за координација со другите институции во државата, односно со субјектите на Системот за управување со кризи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Левица: Македонија има пријатели на европскиот пат кои го почитуваат нејзиното национално достоинство

Никој нема право да ви наметнува уставни измени, поткусурува со вашите идентитетски вредности, ниту пак да ви наметнува историски наративи за сметка на интеграцискиот процес во Европската унија. Ова беа само дел од пораките кои ги испратија европратениците Клер Дејли и Мик Волас.
Едни од најгласните европарламентарци, кои важат за симбол на борбата за заштита на послабата и обесправеноста страна, денес остварија средба со членот на Президиумот – Реџеп Исмаил – Хактан, Портпаролот – Амар Мециновиќ и Координаторот на Сектор Надворешна политика – Александар Симонов, каде главна тема беа евроинтеграциите на Македонија, објави политичката партија Левица.
Во духот на демократијата и пријателството, како што информираат од партијата, европарламентарците дадоа безрезервна поддршка на интеграциските процеси за Македонија, каде силно беа нагласени неправдите нанесени на македонскиот народ од одредени членки заедно со оваа поданичка Влада.
„Левица доби безрезервна поддршка во парламентарната борба за заштита на своите круцијални и национални интереси! Пријателството и соработката со европските левичари ќе продолжи и во иднина, додека Македонија, во европарламентот секогаш ќе има претставници кои ќе се залагаат за нејзината кауза“, се додава во партиското соопштение за средбата.
Македонија
50.000 дрвја во Велешко, за две години 90.000 со акцијата за пошумување „Сончева гора“

Во близина на езерото Младост, северно од Велес беа пошумени 23 хектари или 50.000 дрвја на државно земјиште. Над стотина волонтери од Скопје и Велес учествуваа во акцијата за пошумување „СОНЧЕВА ГОРА“, истакнувајќи ја важноста дека со колeктивен влог можеме да обезбедиме зелена иднина за нас и за следните генерации.
Десетгодишниот проект за обнова на животната средина „ЗЕЛЕНА СОНЧЕВА“ е во организација на „Мен енд Маунтен“ и се реализира под покровителство со Пивара Скопје и Пакомак и официјалните партнери Шпаркасе банка, Нула Отпад, поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми. Проектот се состои од два дела: годишната пролетна акција за чистење и селектирање отпад „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“ и акцијата за пошумување на државно земјиште „СОНЧЕВА ГОРА“, што се одвива наесен и ја утврдува Министерството за земјоделство во рамките на годишната програма за пошумување. За секои 10 килограми собран отпад, министерството посветува по едно дрво.
Волонтери од Пивара Скопје и Пакомак дојдоа на терен и ја подржаа акцијата со садење дрва.
„Ваквите акции се исклучително важни за нашата компанија и ни помагаат во поврзувањето на двете најважни стратешки иницијативи – „Свет без отпад“ и намалување на CO2. Во оваа прилика би сакала да ги повикам сите наши партнери во поддршка на ваквите платформи, бидејќи најважната вредност што сите ја делиме е желбата за создавање подобар свет за идните генерации“, истакна Снежана Савиќ Димовска, директор за корпоративни работи и одржливост на Пивара Скопје.
Проектот ЗЕЛЕНА СОНЧЕВА започна во 2021 и ќе биде заокружен во 2031 година, за кој Мен енд Маунтен потпишаа меморандум со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈП Национални Шуми.
„За само три години, засадени се 90.000 дрвја и собран е отпад од 615.000 килограми, а досега учествуваа над 25.500 регистрирани волонтери, од кои 10.000 беа деца – нашите „Сончеви пионери““, истакнаа од Мен енд Маунтен.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски потенцираше дека со збогатувањето на шумскиот фонд во земјава обезбедуваме поздрава иднина за сите.
„Го чуваме и развиваме нашето најголемо природно богатство, а тоа се шумите. Си поставивме цел за пошумување на 1.200.000 садници, во 19 региони, на 36 локации низ земјава“.
Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова истакна дека ја радува фактот што од ден на ден се повеќе развиваме здрави навики кон животната средина.
„Ако пролетва собиравме и селектиравме отпад со масовно вклучување на многу партнери од државните институции, локалните самоуправи, бизнис заедницата и младите, сега покажуваме како со иновативен пристап, креативност и волја го рециклираме отпадот од минатото и градиме зелена иднина. „Да се извалкаме“ и да засадиме зелената иднина“, е нејзиното мото.
Македонија
Арсовска на Самитот COP28 ја презентираше биотехнолошката лабораторија на Град Скопје

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска е учесник на Самитот COP28, кој се одржува во Обединетите Арапски Емирати, а во чии рамки светските лидери се состануваат за градење политики за климатските промени.
Арсовска е дел од групата градоначалници, кои се учесници на грантовата програма на COP28 Локалниот самит за климатски активности, каде Град Скопје е претставен со успехот и отворањето на првата јавна биотехнолошка лабораторија во Македонија и регионот, која годинава Град Скопје со поддршка на УНДП и УНИЦЕФ ја отвори во средното училиште на Град Скопје „Марија Кири Склодовска“. Еден од најважните елементи на Локалниот самит за климатски активности е вклучувањето на младите во активностите за креирање иновации и проекти преку кои ќе се обезбедат одржливи решенија.
Првата градска био лабораторија во Скопје, ја користат средношколците и студентите, професорите и претприемачите, сите кои имаат желба да се занимаваат со наука и сакаат да допринесат во општеството. Со оваа био лабораторија младите од скопските средни училишта отпочнуваат со процеси кои водат кон рециклирање и реупотреба на биоотпадот, ги развиваат своите потенцијали за креирање иновации.
Со отворањето на првата биотехнолошка лабораторија од страна на Град Скопје, УНДП и УНИЦЕФ, се формира Национална иницијатива за трансформација на биоотпад, био-хакирање и биотехнологии која поттикнува иновации, и инспирира ангажман и активности кај младите луѓе за изнаоѓање решенија за заштита на животната средина.
Во градската лабораторија се експериментира со трансформација на биоотпадот, има компонента за микробилогија и молекуларни методи кои се појдовна точка за eдукативна надоградба, и се работи на иновативни решенија во областа на биотехнологиите како на пример истражување на структурата на ДНК и работа на PCR машина.
Во рамки на Самитот COP28 се одржува Локалниот самит за климатски активности на кој учествуваат градоначалници и гувернери, препознаени за клучната улога во справувањето со климатските влијанија.
Под покровителство на Блумберг и Претседателството на Обединетите Арапски Емирати COP28 самитот на едно место ги собра сите светски лидери кои се обврзаа на забрзана климатска акција и градење политики за конкретна акција за одржлив социо-економски развој.