Македонија
„Чувствувајте се како дома“ – Вучиќ ја пречека Сиљановска кај манастирот Прохор Пчински
Претседателката Гордана Сиљановска, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, денеска го посети манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија и положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ.
Во манастирот „Св. Прохор Пчински“ претседателката Сиљановска Давкова беше пречекана од страна на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, по што двајцата претседатели, во придружба на митрополитот врањски г. Пахомије, го разгледаа манастирскиот комплекс.
Давкова и Вучиќ остварија билатерална средба на која беа потврдени традиционално пријателските односи меѓу двете земји.
Вучиќ рече дека со Сиљановска Давкова разговарал за проблемите, но и за можностите.
„Сиљановска-Давкова е секогаш добредојдена. Ви благодариме што ја посетивте нашата земја, чувствувајте се како дома“, рече Вучиќ за својата колешка, посакувајќи и успешна работа во наредните години.
„Сигурен сум дека Србија и Северна Македонија ќе ги развиваат понатамошните односи меѓусебно и дека ќе работиме на проектите. На сите во Србија им честитам на Македонците голем празник и нека слават уште многу години“, рече Вучиќ.
Во изјава за медиумите, Сиљановска Давкова се заблагодари за гостопримството, истакнувајќи го историското значење на манастирот „Св. Прохор Пчински“ и АСНОМ, и оцени дека билатералните односи меѓу двете држави се добрососедски во вистинска смисла на зборот, односи зад кои стои желба за солидарност, за помош и за трајна соработка.
„Благодарност за разбирањето, бидејќи навистина логично е да го славите денот онаму кадешто се случил. Такви денови има и Србија, споменици, и мислам дека истото треба и ние да продолжиме да го правиме. Можеби еден ден мислам дека е најдобро да го регулираме овој однос со потпишување на еден договор. Тогаш навистина ќе дадеме еден добар пример. Јас сум, како што знаете голем заговорник на регионалната соработка. Убедена сум дека ако не се разбираме едни со други и ако не си помагаме, не можеме да очекуваме да бидеме разбрани од останатите. Затоа, треба да сториме се да ги решаваме проблемите меѓу себе, да не дозволуваме на зелени маси да се решаваат, затоа што не случајно живееме едни крај други“, рече претседателката Сиљановска Давкова, која се заблагодари и за помошта од Србија во гаснењето на пожарите.
Во состав на државно-црковната делегација која ја предводеше претседателката Сиљановска Давкова на чествувањето во манастирот „Св. Прохор Пчински“ беа потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, заменик претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, македонскиот амбасадор во Република Србија, Никола Тупанчески, претставниците од Сојузот на борци, Наум Буревски и Снежана Несторовска и Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лашкоска: Обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес ја посети Гевгелија каде заедно со градоначалникот, Андон Сарамандов, се приклучија на акцијата за масовно пошумување и подигање на јавната свест „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“ во рамките на која на месноста Топлик, Гевгелија се засадуваа 6000 дрвни насади.
„Министерството за животна средина ги поддржува активностите за пошумување во државата бидејќи тие се значаен ресурс од повеќе аспекти – заштита на биодивезитетот, подобрување на квалитетот на воздухот, климатските промени, заштита од ерозија и свлечишта и се важен економски ресурс“ изјави Лашкоска на настанот потенцирајќи дека обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво особено во услови кога сме соочени со многу високи летни температури и со сериозно опожарување на шумите на територијата на целата држава.
Таа упати честитки и благодарност до градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов и општина Гевгелија за одлично реализираната акција.
Во рамките на посетата на општина Гевгелија, заменик министерката Лашкоска и градоначлникот Сарамадов направија увид во реализацијата на проектот за намалување на загуби на вода со замена и инсталација на водомери заедно со инсталација и конфигурација на опрема со далечинско отчитување. Проектот го имплементира ЈКПД Комуналец Гевгелија, а е финансиски поддржан од страна на МЖСПП со средства во висина од 5 милиони денари.
Македонија
СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија утре ќе го одржи 30. партиски Конгрес, на којшто ќе биде избрано новото партиско раководство.
Од опозициската партија известија дека Конгресот ќе има отворен и работен дел, ќе се разговара за идните, нови политики на партијата и ќе биде избрано новото раководство, однсно членовите на највисиките тела во СДСМ – Централниот и Надзорниот одбор.
На почетокот, ќе има обраќање на Венко Филипче, кој пред пет месеци ја презема претседателската функција од неговиот претходник, Димитар Ковачевски по големиот пораз што го претрпе партијата на парламентарните и претседателските избори.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ контра Кузеска: Оваа Влада вложува во модернизација, претходната потроши 5 милиони евра на службени возила
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која што вложува во модернизација, професионализација и осовременување на условите за работа во македонските институции, СДС и ДУИ во своето владеење за службени возила потрошиле повеќе од пет милиони евра, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролката од СДСМ, Богданка Кузеска.
„Очигледно на функционерите од СДС изминатите седум години на власт, најважна им била сопствената комоција, а не и реалните проблеми на обичните луѓе“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека во буџетот за 2025 година предвидено е зголемување на средствата за модернизација на МВР, одбраната, здравството, земјоделието, односно предвидени се зголемени средства за набавка на опрема во сите институции.
Кузеска претходно денес на прес-конференција обвини дека власта ги одби амандманите за поголеми плати, а ќе троши на мебел и скапи автомобили за функционерите.