Македонија
Шаќири: Во фокусот на МОН е да креира реформи за спречување на одливот на мозоци

Одливот на мозоци стана тажен рефрен на Западен Балкан, каде што многу млади ги негуваат своите соништа за живот и работа во странство. Велам дека надвор од тоа ова е глобален феномен, но кога ги погодува малите земји, кои сè уште се во развој, последиците се повидливи и почувствителни во сите сегменти на општественото живеење.
Ова го истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на тркалезната маса на тема „Враќање на мозокот во татковината“, организирана од страна на Универзитетот „Мајка Тереза“.
„Морам да кажам дека во фокусот на Министерството за образование и наука е да креира реформски процеси со сериозно пристапување кон оваа појава бидејќи преку изградба на квалитетен и перспективен образовен систем, поддршката на талентите и мерките за усогласување на профилите и образование за потребите на пазарот на труд придонесуваме за создавање најдобри услови и стандард на живеење овде во нашата земја“, рече министерот.
Сметам, потенцира тој, дека треба почесто да зборуваме за причините за останување во татковината, како и да разговараме за начините за враќање на искусните кадри, со цел да се создаде попозитивна и понадежна клима за идните генерации.
„Кога на нешто му пристапуваме како на проблем или како предизвик, треба да се обидеме да најдеме алтернативи за да понудиме решенија“, додаде Шаќири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бочварски: Преку капитални проекти ги развиваме туризмот и локалната економија во Берово

Градежништвото во овие времиња на светска економска мора да го држиме на високо ниво заради стабилизирање на економскиот раст на државата. Затоа за нас најважно е капиталните инвестиции во континуитет да се реализираат, истакна министерот Бочварски, кој денеска престојуваше во работна посета на општина Берово.
Министерот и градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски, извршија увид во изградба на водоснабдителниот систем за туристичката населба Беровско Езеро.
Проектот, кој е во вредност од 7,3 милиони денари, се работи во соработка со Општината. Водоводниот систем е целосно изграден, следната недела ќе се изврши испитување на новата мрежа. Дополнително, ќе се гради нова секундарна водоводна мрежа до постојните објекти, со што ќе се поврзат со чиста вода за пиење.
„Берово и Малешевијата се значаен регион, каде што е потребно во континуитет да го развивме туризмот од сите аспекти и истовремено и да им ги подобриме условите за живеење на граѓаните. Еден од тие проекти што е од особено значење за подобрување на условите за развој на туризмот е реконструкција на водоводната мрежа во туристичката населба Беровско Езеро. Ова е заокружување на претходно изградената фекална канализација, исто за оваа населба, со што веруваме дека значително се подобрени условите за развој на туризмот во овој дел од градот“, изјави Бочварски.
Македонија
Промовирани нови 29 поручници во редовите на Армијата

Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ денеска со пригодна свеченост беа промовирани новите 29 (дваесет и девет) поручници во служба на Армијата на Република Северна Македонија, кои поминаа шестмесечен курс за стручно оспособување.
На свеченоста присуствуваше и се обрати заменик-министерот за одбрана Башким Хасани, кој упати честитки до новите офицери.
„Поминавте интензивна шестмесечна обука, која првпат беше спроведена во согласност со НАТОстандардите. Поминавте низ еден процес на тренинг спроведен во две фази од професори и предавачи на Академијата, кои опфаќаат општа воена и специјалистичка обука, постигнавте високи оцени. Одговорноста пред вас е голема бидејќи сте дел од најважниот столб на татковината, столбот на државноста и сувереноста“, истакна Хасани.
Тој потенцира дека новите офицери – 12 жени и 17 мажи – стануваат дел од најреспектабилната институција и дека очекува од нив со голема мотивација да го следат чекорот на своите колеги.
Тој упати благодарност и до сите професори, предавачи и до другите вработени на Воената академија за трудот и посветеноста за да произведат кадар за почит.
„Ние не сме најголемите во НАТО, ниту воено најсилни. Но, заедно со вас, заедно со целата армиска и одбранбена структура, може да бидеме побрзи и поамбициозни. Само преку инвестиции и силно вложување во човечкиот капитал нашата армија има одржливи и долгорочни перспективи за развој“, рече заменик-министерот Хасани.
Македонија
Препораки поради високите температури: од 10 до 14 часот што помалку излегувајте на сонце

Поради високите температури што деновиве ја зафатија територијата на државата, Министерството за здравство апелира граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита на здравјето, а особено да внимаваат и да преземаат соодветни мерки за заштита од УВ-зрачењето. Доколку УВ-индексот е повисок од 8, задолжително да се користат крем со заштитен фактор и капа, како и да се внимава движењето надвор да биде во сенка.
УВ-зрачењето и топлината се најсилни во периодот помеѓу 10 и 14 часот и се препорачува во тој период изложеноста на сонце да биде што е можно помала. Воедно, посетителите на плажа треба да имаат предвид дека белиот песок и другите светли површини рефлектираат УВ-зрачење и може двојно да ја зголемат изложеноста на зрачењето.
Во продолжение п отсетуваме на општите препораки за заштита на здравјето:
– Во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред сè, климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период да се најде можност за почести одмори под сенка;
– Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа. За сончање да се користи крем со висок заштитен фактор;
– Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. Воедно, да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна;
– При влегување во возилото потребно е тоа одреден период да се проветри.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката, а ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 4 Целзиусови степени и пред употребата да се загрее на + 100 степени. Се препорачува да се избегнуваат производи што не се термички обработени.
На хронично болните лица им се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија во консултација со матичните лекари.
Министерството за здравство заедно со Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството во континуитет и на дневна основа ја следи состојбата и доколку има пораст на температурите, во согласност со најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, ќе бидат предложени соодветни превентивни мерки.